In memoriam Благој Цанев

27.07.2020 02:06
In memoriam Благој Цанев

Во викендот кога сакав да земам „малку здив“ буквално без здив ме остави веста за смртта на почитуваниот композитор и педагог Благој Цанев.

Не дека смртта денес е реткост, ами обратно, но, сепак кога таа не е „обична бројка од дневните извештаи“ туку е име и презиме на човек кого со децении сте го знаеле, кој бил ваш учител, па колега и соработник, па и пример со каква принципиелност и добронамерност треба да се живее, - тогаш здивот сопира, тагата е голема за загубата која што, барем професионално ја знаете дека е огромна и немерлива. Со неговото творештво сум се занимавал само како дел од моите интегрални истражувања на современата македонска музичка култура. Сосема доволно за да сфатам дека без него мозаикот на истата ќе беше нецелосен.

Но, денес, во моментите на тага и резигнација, останува аманетот: јас, или, подобро - некои од помладите музиколози него да го осветлиме од сите страни. Онака како што впрочем и заслужува. Тоа творештво е и треба да е утехата во овие траорни моменти што ќе ни каже уште еднаш дека истаканатиот композитор и музички педагог ќе живее вечно. Низ неговите оркестарски, камерни, солистички дела. И преку сите, стотици и стотици студенти што ја имале среќата да го запознаат и да учат од него. И од неговите многубројни учебници.

Среќен сум што бев еден од нив и горд сум што во една отсечка од животот бевме повеќе од колеги. Искрено сочувство до целото семејство, а Вам, почитуван професоре - мир и спокој таму каде што сте. Славата, секако, ја имавте и може само да се зголемува како траен потсетник за сите нас. Нека биде вечна.