На ракавот на градот

27.07.2020 09:17
На ракавот на градот

 

НА РАКАВОТ НА ГРАДОТ

Замолчи и види во себе,
празнините во телото те чекаат да се вратиш,
бурите замолкнаа за да се помириш,
пролетните цветови се отворија за да се разбудиш,
уличните липи расцветаа за да се ослободиш
и новите дождовни капки во симфонија дочекаа да се измориш.
Замолчи и види во себе
болките во телото сонија дека ќе се родиш
како првиот слободен човек на градов,
како првиот кој владее со своите простори.
И ти си дете кое расте на еден од ракавите на Скопје.


СПАСИТЕЛ

Ноќе, улиците на овој град ги шеташ бавно.
Додека сите спијат им оставаш бели знамиња,
секое утро поради нив мириса на мирно предавање,
а јас надежно те гледам отстрана додека чекаш да се разбудат.
Ти си оној кој нивните корпи за отпадоци ги полни со гордост,
ти од секое живеалиште правиш дом.


OВОЈ ГРАД

Овој град го кријат уморни ридови
и соништа му растат од трње до облаци,
пред овој пат стојат гладни денови,
го газеле распарани чевли уште пред првото раѓање.
Во оваа моја котлина виреат исушени билки,
нема животворна вода,
за нема дупка надеж зборуваат на ТВ екраните.


НОЌТА И ЕДЕН ГРАД

Ноќва одамна нема право на збор, а гради успешно поетско досие.
Неуморно им чита стихови на улиците измиени со молк.


ОД ДРУГАТА СТРАНА

зборувам тивко за да не се расониш
од оваа страна на градот заспивам несмасно
и кога сум немирна и дива ништо не се менува
деновиве
како никогаш постоиме во различни светови
и тропаме по нашиот ѕиден потсетник
ни тропаат во главата некои добронамерници
раскажуваат приказни кои никој не сака да ги чуе
човеку
сега сите само си ја чекаат прегратката.

зборувам тивко за да не откриеш
колку гласно ми се слуша недостигот

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото