Приказна со маски

25.05.2009 10:50
28.jpg

Во „Белиот чад“, новиот роман на Оливера Николова, на самиот почеток, како авторот да ја исцртува сцената за своите ликови, во едно „затантено“ гратче се случува маскенбал. Двата главни лика во романот, своевидните бегалци, Албанецот Вентор и Македонецот Димитар, се решаваат за старата добра тактика: на маскенбалот се појавуваат маскирани во себеси! „Та, боже мој, може ли негде да биде позаштитен, освен под маска, и тоа меѓу свет дојден отсекаде, и притоа и со сетила препуштени на дивеење?“, си мисли Димитар. Вентор со кечето игра стереотипен Албанец, а Димитар со празните очила остава впечаток на некаков конфузен разбојник. „Largohu, more! Ние сме овде за да бидеме друго! Забораваш?“, вели Вентор. „Да не сакаш бајки, Вентор? Та тие сме што сме. Не заборавај и ти!“, одговара Димитар.

Се сеќавате на филмот „Маска“ од 1994 година? Дејствието се случува во местото Edge City. Џим Кери таму игра еден обичен банкарски службеник кој постојано доцни на работа зашто навечер до доцна гледа цртани филмови. Една вечер, враќајќи се дома по пропаднатото излегување во елитната дискотека „Коко Бонго“, тој пронаоѓа стара дрвена маска. Откако ќе се врати дома и ќе ја стави маската на лице, тој се претвора во суперхерој со исклучителни способности. Меѓутоа, откако ќе ја опљачка банката во која работи, Стенли Ипкис (Џим Кери) станува цел на полицијата и на криминалецот Дориан Тајрел, кој се обидува да завладее со градот и чиишто соработници се обидоа да ја пљачкосаат истата банка во истото време.

Во едно фиктивно разгранување на романот на Оливера Николова, значи, Вентор и Димитар заталкале во Edge City, поточно на маскенбалот во хотелот „Македонија“. Таман на време да го слушнат обраќањето на Љубе Бошкоски кон Никола Груевски. „Вие кога игравте џамлии и кога восхитено го гледавте комичниот Супермен, Џим Кери, како со стап ја вади маската на суперхерој од фонтаната (океј, Грујо, знам дека денес и спиеш со таа карневалска маска на над-Македонецот, дека не си ја извадил цели три години, како скитник кој се плаши да ги соблече скоравените партали зашто го штитат, зашто кожата му сраснала со парталите, да не речам лицето со маската), во истото тоа време јас, брат Љубе, заедно со својот брат Љубчо, бевме вистински, а не камуфлирани Македонци!“
„Кои планираа вистинска пљачка на националната банка, баш како Дориан Тајрел“, саркастично би можел да промрмори Груевски.

Димитар и Вентор се обидуваат да се сетат: чија клептокамарила исплела повеќе црна волна?! Тешко прашање. Но, веќе некој друг текст им влегува во звучната матрица:

„Во врска со проблемот со името, ми наликуваш на некаков бесловесен селски коледар којшто, облечен во лошо штавена кожа, го моли комшијата што има електрична брусилица, ноќта спроти големиот празник, да му ги стругне забите, да му ги зашили, „да изглеам ко вампир“, без да знае, тој јаден коледар што збира арач низ куќи, дека дојдоа времиња кога пластични (може и флуоресцентни) вампирски вилици се продаваат на секој селски панаѓур.“

Кој го зборува ова?! Љубе? Љубчо? Грујо? Бранко? Во еден момент лудо измешано и речиси непрепознатливо станува се’ во тој хотел. Дури и обидот (на Оливера Николова:), среде тој чуден бал под маски, да се извади диктафонот во очаен обид за некаква дистанца („ве снимам, еј!“) личи на мавтање со виљушка во свет од супа.
Но, еве, сепак, се слуша како Бошкоски му возвраќа на Груевски: „Си се уфилмал скроз, со маската на над-Македонецот врз боксерската фаца! Со маската на Букефал врз телото на Александар! Ко дете што влегло во светот низ биоскопско платно!

Малку потаму, на истата тема еден старо-нов претседател (ги препознаваат и гласовите и темите, Димитар и Вентор, ама се чудат, зашто мислат дека избегале)му објаснува на новиот претседател:
Државничка мудрост? Еве ти сонг од еден стар мјузикл:

Немој да кажеш на мајка ми дека играм коњ во пантомима
Подобро да не знае дека сум никој и ништо
А ако веќе ти се испушти дека сум коњ
Па ако ти излета дека глумам само половина
Немој да и’ кажеш која половина, те молам.

И Бошкоски, едновремено, го завршува своето гневно обраќање кон Груевски: „Ете, Грујо, нема да и’ кажам на мајка ти, но престани да се играш со коњските маски и да го полниш Тројанскиот коњ манично како да си верверица!“
Димитар и Вентор се погледнуваат. Што ќе одговори премиерот?! Што може да си каже себеси, навечер, во огледало, кога ги вади шминките и маските (што му ги дал волшебникот Паско Кузман), за барем во сонот да се отпушти?

Наместо да одговара пред себе (над-Македонецот не одговара пред никого!; ни пред Сфинга, ни пред себе), нашиот суперхерој (од дискотеката „Коко Бонго“) зема да ја чита книгата „Паралакса“ од Славој Жижек и, пред да заспие, налетува на таков величествен пример на онтолошка комедија што, барем вечерва, не треба да се секираме за неговиот мирен сон и за непрепознатливоста на светот.

Случката за која пишува Жижек, свовидниот маскенбал, се случила во декември 2001 година во Буенос Аирес. Аргентинците тогаш излегле на улиците за да протестираат против тогашната влада, а посебно против министерот за стопанство, Кавало. Кога толпата се собрала околу зградата на Кавало, заканувајќи се дека ќе влезе, министерот избегал носејќи ја маската која го претставувала неговото лице. Таа маска се продавала за мајтап по дуќаните со маски. „Стварта е своја најдобра маска“, резимира Жижек, Груевски заспива, а сите други заталкани демони (Љубе, Вентор, Димитар...) се разбегуваат од приказнава со маски како никогаш да не биле.


Илустрации: Cedric Tanguy

ОкоБоли главаВицФото