„Нормални луѓе“ нè соочува со стравот и насилството во врските

28.07.2020 13:34
„Нормални луѓе“ нè соочува со стравот и насилството во врските

„Зарем секоја фаза од нејзиниот живот и натаму ќе се разоткрива како истото нешто, одново и одново, истиот немилосрден упад за доминација?“

„Нормални луѓе“ (Normal People), 2020
Режија: Лени Абрахамсон, Хети Мекдоналд
Сценарио: Сали Руни, Алис Брч, Марк О‘ Роу
Играат: Дејзи Едгар-Џонс, Пол Мескал, Дезмонд Иствуд, Сара Грин


  Признавам дека додека не ја изгледав „Нормални луѓе“, серија во продукција на Би-Би-Си и Хулу немав чуено за Сали Руни, млада писателка од Ирска чии два романи се вистинска сензација. „Нормални луѓе“ е објавен 2018 и во Велика Британија е добитник на Costa Book Award, награда која е алтернатива на Букеровата и ги слави книжевните вредности, но и книгите кои се забавни за читање, а влегува и во потесниот избор за Women’s Prize for Fiction. Во Велика Британија „Нормални луѓе“ е продаден во над 500 илјади примероци, додека во САД преку 60 илјади, не сметајќи ги е-книгите, а станува и статусен симбол на Инстаграм профилите на Лена Данам, Сара Џесика Паркер, Тејлор Свифт, Емили Ратајковски... Кога Руни требала да ја промовира книгата во Бруклин интересот бил толку голем што од книжарницата промоцијата била преместена во блиската црква. Ја нарекуваат „млада ирска класика“ и „првата голема романтичарка на милениумците“, иако тие фрази и не значат многу.

Руни пишува за проблемите на младата генерација, класните разлики, комуникацијата и интимноста и прашањето за идентитетот и слободата во современото општество, под влијание на викторијанските авторки и современата американска и британска проза. Филмот и телевизијата во последните неколку години (повторно) покажуваат интерес за адолесцентските проблеми и coming-of-age приказни во остварувања како “Boyhood“, “Lady Bird“, “Call Me by Your Name“, сè до актуелната “Sex Education“.

Така, „Нормални луѓе“ во 12 епизоди кои делумно ги прилагодила и самата Руни, ја следи љубовната приказна меѓу двајца млади од мало ирско гратче кои ја одржуваат и истражуваат својата врска од средно училиште до последните години на колеџ. Мериен (Дејзи Едгар-Џонс) и Конел (Пол Мескал) на почетокот се наоѓаат на спротивни страни: таа е од богато смејество, интровертна, нема пријатели, но е и жртва на семејно насилство. Конел е популарен, згоден, помалку срамежлив и константно бара одобрување од своите врсници, додека на Мериен не ѝ е посебно грижа што другите мислат за неа. Меѓусебно се поврзани преку неговата мајка Лорејн (Сара Грин) која работи како домаќинка за мајката на Мериен и нивните пробни интеракции надвор од училиштето ги претвораат во љубовници. Односот го чуваат во тајност бидејќи Конел не сака да биде исмејуван од пријателите, проблем со кој се соочуваат поголемиот број на средношколци. Меѓутоа, таа on/off врска станува пресудна за нивното созревање во текот на образованието и ќе им создаде простор за сопствените верзии на исправното и погрешното. Класните тензии кои во нивниот град се директно поврзани со сликата која ја имаат пријателите и колегите на Конел и јасно е дека помеѓу него и Мериен постојат длабоко скриени прашања за дисфункционалноста. Мериен секогаш чувствува дека е потполно под негова контрола и би направила сè за него, додека Конел, пак, е обземен од вината поради истата таа моќ за која е свесен дека ја има над Мериен и сознанието дека ја злоупотребил таа моќ чувајќи ја врската во тајност.

Студиите на Тринити колеџ ги менува нивните статуси и личности: Мериен станува популарна и „убава“ (иако изгледа идентично), додека Конел се бори за прифаќање и пријатели меѓу богатите студенти чиј социјален живот се богатите вечери, викенди во Италија и Шпанија и бесмислени разговори за култрата и современото капиталистичко општество. Свесен е дека интересот за книжевноста во тие кругови е пример за одредување на класната припадност и чувство на супериорност во однос на помалку обрбазованите и сиромашните и оттука произлегува сета негова несигурност.

Секоја епизода во најголем дел се базира на дијалози меѓу нив двајца, најчесто дискусии за хуманоста, амбициите и иднината, но и за интимноста и сексот. „Нормални луѓе“ потполно реално ги прикажува сензуалноста и несмасноста за време на сексот кои се случуваат во адолесценцијата. Од дрга страна, тука се траумите и лузните кои ги искусува Мериен со различни партнери, отсуството на самопочит и депресијата. Тоа е најголемиот квалитет на серијата: соочувањето со стравот и насилството во семејните и партнерските односи, соочувањето со границите на сопственото тело и изговарање НЕ.

За снимањето на серијата режисерите Лени Абрахамсон и Хети Мекдоналд соработувале со Ита О‘Браен, координаторка за интимност, која создала сигурно окружување за глумците во текот на снимањето, а кинематограферката Сузи Лавел била клучна во тој пристап, па страствените секс сцени се само уште еден вид дијалог, иако на моменти делуваат бавно и повторувачки, но не и неугодно и сосема природно. Нивната врска до крај не се опоравува од првично чуваната тајна во средно, иако серијата има отворен крај и неизвесна иднина по завршувањето на студиите. Обајцата завршуваат едно патување – од несигурност и депресија до пронаоѓање своевиден мир и исполнување на амбициите, како и способност да се живее во свет онаков каков навистина е.

„Во неа отсекогаш имало нешто што мажите посакувале да го доминираат, и нивната желба за доминација може толку многу да личи на привлечност, дури и љубов. На училиште момчињата се обидуваа да ја скршат со суровост и непочитување, а на студии мажите се обидуваа да го направат истото со секс и популарност, сѐ со истата цел да покорат некаква сила во нејзината личност. Впечатокот дека луѓето се толку предвидливи ја натажуваше. Беше ли почитувана или презирана - на крајот не правеше многу разлика. Зарем секоја фаза од нејзиниот живот и натаму ќе се разоткрива како истото нешто, одново и одново, истиот немилосрден упад за доминација?“

- Сали Руни, „Нормални луѓе“

Текстот е оригинално објавен на хрватски на Артеист