Д-р Пановски: Крајно време е да се направи план и да му се каже на народот што го очекува ако продолжи да не ги почитува мерките

28.07.2020 12:39
Д-р Пановски: Крајно време е да се направи план и да му се каже на народот што го очекува ако продолжи да не ги почитува мерките

Бројките не се добри. Ни најголемите песимисти не ги очекуваа. Институциите сега некако како затворени да се во последно време. Треба на населението да му се објасни евентуалната стратегија.

„Големиот број на случаи е една од причините на големата смртност. Друго е и дека доцна се јавуваат, а трето е дека инфективните одделенија и не биле доволно развиени во државава. Нелогичноста е и главен центар да биде 8 септември кој има тројца инфектолози во однос на 26 во Клиника. Тоа се дел од причините.

Ако ја исклучиме Србија која крие резултати и веројатно процентот на бројката е слично како кај нас, сметам дека е време за анализа и да се престане со тоа дека ние сме најдобри и одлично се справуваме. Анализа е потребна за да се знае што понатаму, да се признае што било добро, кои биле грешките. Имаме многу неискористен кадар во земјата кој што новата Влада ќе мора да го искористи. Да го земеме Медицинскиот факултет како институција, ние имаме десетина епидемиолози кои можат да прават анализи зошто се ова се случува, како се шири, како да се заштитиме итн. На мојот институт има 13 доктори на науки кои не се вклучени во ниакква лабораториска активност и дијагноза. Да не зборам за инфектолози, биохемичари, имунолози, патолози кои сега се слободни и можат да работат.

Очекувам дека е крајно време да се направи план, сценарио и да му се каже на народот што го очекува ако продолжи да не ги почитува мерките, бидејќи доаѓа период кога сите луѓе што се по плажите, по планините и парковите сакале несакале ќе мора да се соберат во затворено. Податоците говорат дека на отворено вирусот многу послабо се шири за разлика во затворен простор, изјави проф.д-р Пановски, кој смета и дека градинките мора да почнат да работат бидејќи децата во истите установи се во една група и можат полесно да се контролираат“, рече д-р Пановски за Утрински брифинг.

 Извор: slobodenpecat.mk