Квинтесенција на некултурата

28.07.2020 15:09
Квинтесенција на некултурата

Во самата суштина, приказната за шизоидново „Скопје 2014“ е – тажна приказна за заробената држава. Заради многу аспекти, не само заради огромниот финансиски криминал и квазиидеолошката подлога/матрица, туку можеби уште повеќе заради општиот молк во текот на неговата имплементација, заради општата неукост, заради институционалното слепило, заради дрскоста и безобразлукот на тогашната власт... Но, сега таа тажна приказна станува уште потажна бидејќи ги имаме сите неопходни инструменти в раце, но не сакаме да ги искористиме. Поточно – не сакаат да ги искористат! Зошто? Некој, некогаш, ќе мора тоа да го објасни, но не на начин какошто тоа сега го прави градоначалникот на Општина Центар обвинувајќи ги оние кои се обидоа стручно да му помогнат, да ги детектираат нештата и да му сервираат решенија. Или, ако сакате, токму Општина Центар – или самото срце на „Скопје 2014“ и крвотокот на криминалот – веќе седум години не е во рацете на злосторничкото здружение благодарејќи пред сè на упорноста на граѓаните кои во првиот наврат дури три пати упорно одеа на гласање за да го седнат оној Жерновски во градоначалничката фотелја. И? Труба! Ни камче не се помести во престолнината на кичот. Истата приказна продолжува и во последниве три години. Се тргна само оној масовен убиец со неговиот крвнички инструментариум лоциран пред судовите, и – толку. И повторно, зошто?

Или, ако проблемот е, како што велат од Општина Центар, да не се наруши „доказниот материјал“ од местото на злосторството – што секако се само приказни за мали деца! – како тогаш се успеа да се отстрани споменикот на Ќосето? Тој не беше доказен материјал? Има некаков логичен одговор, или... ? Зошто се застана, зошто не се постапуваше понатаму, зошто не се користеа наодите за очигледен криминал на првата комисија за ревизија (мај 2013) при Општина Центар (Тасева и Малиновски), зошто подоцна сите бегаа како ѓавол од крст од елаборатите (2017/2018) и предлозите во нив од Работната група за „Скопје 2014“ при Министерството за култура, зошто никој од власта не реагираше при очебијно намерното тивко „задушување“ на таа Работна група... ?

Оттука, повторно, тоа е многу тажна приказна, со елементи на трагедија но и хорор, комедија но и фарса. И бидејќи таа приказна не се затвори, ниту пак некој се обидува да ја затвори на единствениот можен начин, прогресивно се множат митологиите за вредностите на тоа идиотско „Скопје 2014“ иако никој не сака да види дека тоа веќе од првиот ден се самораспаѓа, шарлатаните не прифаќаат дека оној мермер што личи на мермер а не е мермер е превара на векот, неуките гласови за некаква метропола едноставно одбиваат да го видат кичот што им боде очи, македонската уметничка неписменост сè уште говори за некакви споменици а не умее да види дека станува збор за карикатури поттурени од полуписмени локални занаетчии но за огромни пари... И сите официелни инстанци во државава се натпреваруваат кој попрво и побргу ќе ја прескокне обврската за справување со тоа ругло среде градот. А само пред некоја година се редеа во првите редови за време на сенародните демонстрации викани „Шарена револуција“, фрлаа боја токму по целите од шизоидното „Скопје 2014“ и веетуваа брзо справување со истото и казна за криминалците. А криминал имаше многу, премногу, од општинските до централните структури, до министерските и премиерскиот кабинет. Што се случи со таа приказна? Таа приказна и денес делумно продолжува, главно на хартија, но и со некои битни трансформации. Продолжението на приказната, запишана во предизборната програма на коалицијата „Можеме“, вели дека „Ја гледаме културата како клуч во трансформацијата на нашето општество, промената на свеста, на навиките, на потребите, на однесувањето на сите граѓани“!

Ама зарем на авторите на оваа реченица не им е јасно дека токму „Скопје 2014“ е сржта на таа (не)култура, на таа (не)трансформација, на таа стагнација на свеста и навиките, потребите и однесувањето на граѓаните? Зарем не им е јасно дека сè додека тој кичерски хорор стои среде Скопје, оваа држава не може да говори за култура, за трансформација на општеството, за промена на свеста... не може да говори за европски перспективи и идентитет? Зарем уште не им е јасно дека „Скопје 2014“ е токму квинтесенцијата на некултурата, на сè што е спротивно на тие и такви наши/нивни европски заложби? Зарем е можно уште да не ја научија лекцијата?

Можно е, секако, зашто само неколку реда по оние милозвучни ветувања стои следното: „Ќе распишеме меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје на главниот град по штетите предизвикани од Скопје 2014“! Молам, како, што ќе направите... ?!?

Насловна фотографија: Ванчо Џамбаски

Извор

ОкоБоли главаВицФото