Моќта и немоќта на иконоклазмот

28.07.2020 23:35
Моќта и немоќта на иконоклазмот

Енциклопедиските термини зборуваат за иконоклазмот како за верување според кое е важно да се уништат иконите, сликите и скулптурите, кои во едно општество не се пожелни од аспект на сегашниот момент. Таа практика е стара колку што е старо и класното општество и е поврзана со промените на поредокот, владејачите, верата (особено) во сите епохи.

Дали тој процес денес е на дело во САД и Европа и кои се сличностите и разликите помеѓу „бришењето“ на историјата во постсоцијалистичките земји, вклучително и нашите, од 1989 година до денес и актуелните настани во светот, најмногу во англосаксонскиот свет, поттикнати од антирасистичките и антиколонијалните бунтови и движењата како Black Lives Matter? За тоа разговаравме со историчарката на уметноста и активистка Сања Хорватинчиќ, а го консултиравме и текстот „Иконокластички пресврти“, објавен неодамна во списанието „Disenz“, на словенечкиот теоретичар Гал Кирн, кој се занимава и со партизанските пресврти и контраархивата.

Имено, споредбата на овие два процеси е плодна од речиси епохални причини и служи како пример за „поетска правда“, како што пишува Кирн. Зашто не само што ги релативизира процесите на „пропаст“ на социјализмот од една страна и „крајот на историјата“ од друга, која би се смирила во најпосле пронајденото решение на либералната демократија и пазарната економија, туку го враќа историското мислење во голем стил и на самиот запад. Поточно, покажува дека евроатлантската цивилизација како мерка за сите нешта, да ја наречеме западен поглед, која сакаше да се наметне глобално, сега почнува да се распаѓа одвнатре. Кога се чинеше дека капитализмот триумфира глобално, а социјализмот трокира, неговите апологети го превидоа „малиот“ факт дека историјата не застанала и дека потиснато се враќа, онаму каде можеби и не би очекувале. Оттука надмениот став дека социјализмот треба да се „заборави“ сега веќе не е толку саморазбирлив, а неговите симболи можеме слободно да ги уништиме зашто веќе не се релевантни, со мала помош и од американските црнци. Контрареволуцијата доби конкурент во нас во потенцијално револуционерните збиднувања на западот. Тоа што методите и на едните и на другите се слични насекаде, зборува дека контрареволуциите често се обвиткуваат со револуционерни методи. И тие можат да инсистираат на пресврти, пресметки со минатото и слично, што инаку е одлика на револуционерните процеси, но нивните мотиви се спротивни.

Значи, историскиот ревизионизам не е еднозначен процес. Општествата постојано одново се поставуваат во однос на своето минато, реинтерпретирајќи го и менувајќи го. Тоа е доказ дека не постојат „факти“ кои не можат да се променат, туку дека од фактите треба да се насочиме кон дејствување. Важно е кој, каде, зошто и на кој начин прави нешто.

-Германскиот јазик, а донекаде и англискиот, ги разликуваат поимите Denkmal (monument) и Mahnmal (memorial), со што се прави дистинкција помеѓу спомениците кои наметнуваат афирмативно сеќавање на историски личности и идеи, од објекти, места и разни други облици на одбележување трауматски настани од минатото, чија клучна задача е да опоменуваат за минатото или да потсетуваат на жртвите. Бидејќи комуницираат со поинакви пораки, славеничките и меморијалните споменици се разликуаваат и формално-типолошки. Спомемниците кои се на удар во моментов во земјите на западните капиталистички центри на моќ, сите се класицистички бронзени или камени скулптури на истакнати поединци, често на коњ, качени на високи постаменти опремени со славенички декор и пораки. Станува збор за моќни идеолошки симболи со кои се креира специфичен политички имагинариум во јавниот простор на кој граѓаните, повеќе или помалку свесно, секојдневно се изложени - вели Сања Хорватинчиќ.

Отстранувањето на расистичкото и затирачко минато со рушењето споменици го отвора прашањето дали „бришењето“ и иконоклазмот се најдобриот пат за тоа. Стручњаците и политичарите често „неутрално“ или како чувари на наследството се поставуваат во однос на тој проблем. Но не се однесуваат сите исто. Така, францускиот претседател Емануел Макрон децидно изјави дека нема да отстрани ниеден споменик од славното француско минато. Властите во државата Њујорк, притиснати од настаните на улиците, веќе не се толку сигурни во своето заштитништво. Тие ќе формираат комисија која ќе ја преиспита политиката на спомениците и потоа ќе одлучи што ќе прави. Колку нашите власти се далеку од нешто такво? Тие најпрвин премолчено дозволија, а на тој начин и реално го поттикнаа масовното рушење споменици од НОБ и други обележја на социјализмот (како што се скулптурите на социјалистичките политичари), а потоа се обидоа од ексцесите да направат некаква правилност, делегирајќи му на Министерството за култура да ја преземе грижата над тие процеси. Но како? И покрај тоа видовме дека, често и на исти места, уништеното сеќавање на транснационалното, егалитарно и еманципаторно минато се надоместува со нови споменици на десни ревизионисти, националисти, па дури и со фашистички колаборатори. Во својата преголема насоченост кон себеси, но без поврзување со пошироките контексти, дека западниот поглед, кој ние го прифативме автоколонијално, не застана само на социјалистичкото минато. Тој со своите „хуманитарни интервенции“ навистина и симболички уништуваше поредоци, многу материјални добра, а потоа и споменици на луѓе како Садам Хусеин и Моамер Гадафи. Уште подобро можеме да видиме што им донесе „транзицијата кон демократија“ на овие воневропски општества.

Новата иконокластичка промена која денес ја гледаме во САД и Европа, која е главно западна (но да не заборавиме дека и ние имавме „сквернавење“ на споменикот на Фрањо Туѓман), не е продолжување на процесите започнати во 1989 година. И не е можно да се редуцира на проблем на насилството. Зашто него можеме да го видиме и баш недостасува од проблемот: западот умисли дека истокот мора да се промени, но дека тој ќе остане недопрен од промените. Дека на пример нема наеднаш да пукне празнината која молчи за историјата на западниот колонијализам во националните историографии, музеи, споменици и на други места каде би требало да се појавува. Нашата ситуација не е толку единствена колку што беше ексцесна претходничка на историските промени кои денес го зафаќаат целиот свет, но во разни насоки. Па и во рамки на исти општества.

-Заради динамиката на политичките промени на овие простори е вообичаено на плоштадите и во парковите преку неколку генерации да се сменат и по неколку споменици. Честата интерпретација на овој феномен се заснова на есенцијалистичката теза дека Балканот произведува „повеќе историја отколку што може да свари“, па со тоа и (пре)многу споменици кои ги гради сукцесивно, а потоа вандалски ја руши сопствената историја. Во контекст на неодамнешните случувања треба да се запрашаме за што е показател фактот дека спомениците на робовладетелите во САД и Обединетото кралство никогаш не беа срушени или извалкани. Во таквата констелација се отвора перспектива од која тие јасно се покажуваат како несомнени симболи на застрашувачката монолитност на системот, континуитетот и нормализацијата на империјализмот и расизмот. Интересно е што авторот на споменатата забелешка за фактите за Балканот, Винстон Черчил, чиј расистички светоглед од неодамна исто така го доби правото на јавноста на споменикот во Лондон. Во неодамнешната анализа за „Јакобин“ историчарот Енцо Траверсо аргументира дека интервенциите на спомениците на запад претставуваат вистински чин на „соочување со минатото“ - спротивно на обивнувањата за бришење на минатото, станува збор за гестови кои најпосле отвораат дискусија за историските улоги на претставените личности, овојпат од позиција на жртва, за начините и средствата кои единствено им се достапни на бунтовните општествени групи - вели Сања Хорватинчиќ.

Антирасистичките промени, пишува Гал Кирн, а ние прераскажуваме слободно, не ги отстранува фигурите на колонијалното и ропското затирање едноставно за да создаде политички покоректен визуелен пејзаж. Тој предлага на отстранетите статуи да им се остават постаментите и на нив да се напише кого славел споменикот во минатото и што сѐ направила таа личност во империјалното и расистичкото минато за својата земја. Тоа го отвора и прашањето како да се обноват уништените споменици на НОБ кај нас, дали со нормално обновување па да бидат „уште поубави и постари“ или на некој друг начин. Таа тема заслужува посебна обработка.

Секако, проблемот во САД се поставува кога нештата не се толку црно-бели, како што е нападот на знаменитостите на генералите и војниците на Конфедерацијата од Американската граѓанска војна, чиј повод беше токму ставот за постоењето на црнечкото ропство во САД. Зашто често и американските претседатели долго после војната и победата на Северот биле расисти. Каде да се повлече границата во случаите со амбивалентните личности и слично, останува да се утврди според чувствата на бунтовниците. Од империјализмот не е имунизиран ниту еден американски претседател, па дали тоа значи дека би ги отстраниле сите? Друг проблем, како што гледаме, е извесниот пасатизам и историцизам, кој би сакал да ја исправи неправдата „од седмиот век“, на пример нападот на скулптурата на Кристофор Колумбо. А кај неа се поставува и прашањето за контекстуализацијата, зашто таа не значи исто на пример во Барселона и на југот од САД. Гал Кирн го споменува и „повеќенасочното сеќавање“ кое паралелно зборува за повеќе различни интензитети и траењето на затирањето и исклучувањето.

-Во општествата со изразени општествени нееднаквости, институционален расизам и полициско насилство, отстранувањето на симболите на репресијата на владејачката идеологија мошне тешко се одвива по институционален пат заради структурната неможност за воспоставување демократски механизми на одлучување. Во дискусијата за симболите на расистичката идеологија и колонијализмот со децении не се повикани жртвите на расизмот, туку дека владејачката елита ги ублажуваше наративите само со симболични гестови за да се одржи статус кво, односно за да не се признае дека наследените институции - музеите, архивите па и спомениците - се рефлексија на структурално условените општествени нееднаквости - потсетува Хорватинчиќ.

Се поставува прашањето дали еманципаторните движења на современоста во САД не се фокусираат толку на политиката на симболите зашто сепак се со потекло од либералното цивилно општество, кое делумно ја „заборави“ својата политичка револуционерна традиција. Како е можно да продолжи политичката борба додека преживеаните борци од претходниот бран борби чмаат во затворите, а сегашното движење толку се фокусира на симболната политика, без некаква револуционерна организација?

-Левицата во САД не е конструирана како вистинска политичка опозиција на владејачкиот поредок заради што тешко можеме да зборуваме за вистинскиот револуционерен потенцијал на актуелните настани. Станува збор за радикална манифестација на незадоволство и бес, со што структурните проблеми на системот се прават видливи, но овој вид борба околу минатото воедно укажува на ограничувањата и неможноста за реална промена во рамки на монолитните системи на неолибералниот капитализам. Меѓутоа, со нападите на симболите на тој поредок се воспоставува директна врска помеѓу причините за тие проблеми во минатото и се укажува на нужноста од длабоки промени. Клучна порака на овие акции е отворање на хоризонтот за радикална интервенција во моменталниот поредок и заплашување на владејачките елити преку моќта на колективното дејствување. Забарикадираните стаклени излози со даски на компаниите на Менхетен, кои станаа симбол на глобалниот капитализам се мошне податлив доказ за кршливоста на системот пред незадоволството на масите. Како и на кој начин е можно да се насочи таа енергија во правец на изградба на конструктивни и афирмативни политики е прашање на кое левицата во целиот свет настојува да пронајде одговор - истакнува Сања Хорватинчиќ.

Можеби и во оваа тема треба да го воведеме разликувањето помеѓу бунтовите и револуциите, па и во прашањето за симболичкото и споменичкото наследство од минатото. Советите не го срушија споменикот на Петар Велики, но Петроград го преименуваа во Ленинград. Кога станува збор за спомениците и местата на сеќавањата, тие масовно градеа нови. Американските бунтовници не се во можност да го направат тоа, а од „својата“ држава не можат да очекуваат којзнае што. За поетската правда за која зборува Кирн, би можеле да кажеме и дека е второ име на поразот. Па сепак, отстранувањето на спомениците на затирачите „веќе замислува и во себе носи фрагменти од нов свет, кој сега се завртува на страната на затираните“.

Слики: Niklas Asker

Извор: https://www.portalnovosti.com
 

ОкоБоли главаВицФото