Како да пишувате за Африка

02.12.2010 12:07
Afrika-1.jpg

Насловите на текстот секогаш треба да го содржат зборот „Африка“ или „темнина“ или „сафари“. Во поднасловот можете да ставите зборови како „Занзибар“, „Масаи“, „Зулу“, „Замбези“, „Конго“, „Нил“, „големо“, „небо“, „сенка“, „тапан“, „сонце“ или „некогашно“. Корисни зборови се и „герилци“, „вечно“, „древно“ и „трибално“. Имајте предвид дека Африканците кои не се црни се викаат „луѓе“, додека црнците се секогаш „народ“.

На кориците на книгата никогаш не ставајте фотографија на среден Африканец, освен ако тој Африканец не е добитник на Нобеловата награда. Калашников, ребра видливи под кожата, голи гради – тоа може. Ако баш морате да ставите Африканец, тој треба да биде облечен во масаи, зули или догон носија.

Пишувајте за Африка како да станува збор за една земја. Жешка и правлива земја со големи пасишта, огромни стада животни и високи, слаби и изгладнети луѓе. Или жешка и спарна земја во која луѓето со изразито низок раст јадат мајмуни. Не се оптоварувајте со прецизни описи. Африка е голема: 44 држави, 900 милиони луѓе кои се премногу зафатени со гладување и умирање и водење војни и емигрирање за да ја читаат вашата книга. Овој континент е полн со пустини, џунгли, гори, савани и други нешта, но вашиот читател не се грижи за тоа, затоа држете се до романтичните, евокативни и неодредени описи.

Обидете се да покажете дека секој Африканец длабоко во себе ја носи музиката и ритамот, и дека Африканците го јадат она што никој друг на планетата не го јаде. Не го споменувајте ни оризот, ниту говедското ниту житото; најомилената храна е мозокот од мајмун, заедно со козјото место, змии, црви, гасеници и сите видови дивеч. Трудете се да покажете како и вие без проблеми можете да ја јадете оваа храна, и опишете како сте ја засакале – затоа што ви беше грижа.

Табу теми: обични семејни сцени, љубов меѓу двајца Африканци (освен ако не е трагична), споменување африкански писатели или интелектуалци, споменување на ученик кој не боледува од фрамбезијаза, не страда од ебола и на кој не му се осакатени гениталиите.

На читателот обраќајте му се конспиративно, со тажен тон кој укажува дека такво нешто и сте очекувале. На самиот почеток заколнете се дека вашиот либерализам е беспрекорен и споменете колку ја сакате Африка, колку ви прираснала за срцето и како без неа веќе не можете. Африка е единствениот континент кој може да се сака – искористете го тоа. Ако сте машко, нурнете се во топлите невини шуми. Ако сте женско, третирајте је како маж во сафари јакна кој заминува во зајдисонцето. Африка можете да ја жалите, да ја обожавате или да ја совладате. Кој и да било пристап да го изберете, потрудете се да оставите силен впечаток дека без вашата интервенција и без вашата значајна книга на Африка и’ нема спас.

Вашите африкански ликови мораат да бидат голи воини, верни слуги, пророци и видовите луѓе, стари мудреци кои живеат во прекрасна осаменост. Или корумпирани политичари, неуки полигамни туристички водичи и проститутки со кои сте спиеле. Верниот слуга секогаш се однесува како седумгодишник на кому му треба цврста рака; се плаши од змии, умее со деца и секогаш ве вплеткува во комплицирани семејни проблеми. Стариот мудрец секогаш потекнува од угледно племе (а не од гребаторските племиња како што се Гику, Игбо или Шона). Има водлести очи и е во близок контакт со Земјата. Современиот Африканец е дебел крадец вработен во одделението за издавање визи, и одбива да им издаде работни дозволи на квалификуваните западњаци кои се грижат за Африка. Тој е непријател на развојот и ја злоупотребува својата положба загорчувајќи им го животот на прагматичните и добронамерни апатриди кои би сакале да основаат невладина организација или резерват. Тој може да биде и интелектуалец школуван на Оксфорд, кој станал политичар – масовен убиец во отмен костум. Тој е канибал и го сака кристал шампањското, а мајка му е богата вештерка која всушност ги влече сите конци во државата.

Во книгата задолжително морате да го имате и ликот на изгладнетата Африканка, која полугола талка низ бегалските кампови и чека милостина од Западот. Нејзините деца се прекриени со муви, а дојките и се виснати и засушени. Таа мора да изгледа сосема беспомошно. Не смее да има ниту минато ниту историја; таквите дигресии можат целосно да го уништат драматичниот момент. Кукањето е пожелно. Во дијалозите не смее да каже ништо за себе, доколку не зборува за своето (неискажливо) страдање. Потрудете се во книгата да имате и една топла и мајчинска фигура, која громогласно се смее и се грижи за вашето здравје. Викајте ја едноставно Мама. Сите нејзини деца се деликвенти. Тие ликови треба да се врткаат околу вашиот јунак, за тој да изгледа добар. Вашиот јунак може да ги советува, да ги бања, да ги храни; вашиот јунак постојано носи мали деца и ја видел Смртта. Вашиот јунак сте вие (ако станува збор за репортажа), или тоа е убава, трагична меѓународно позната личност/аристократ, кој сега се грижи за животните (ако станува збор за белетристика).

Негативците од Западот можат да бидат деца на ториевски министри, Африканери, службеници на Светската банка. Кога пишувате за странските експлоататори, спомнете ги и кинеските и индиските трговци. Обвинете го Западот за состојбата во Африка. Но, немојте да бидете премногу коректни.

Воопштувањето е добро. Избегнувајте ги Африканците кои се смеат или се обидуваат да ги школуваат децата или едноставно живеат обичен живот. Африканските ликови треба да бидат живописни, егзотични, импресивни – но однатре празни, без дијалози, без судири и исходи на своите приказни, без длабочина или мани кои само би ја расипале приказната.

Детално опишувајте ги голите гради (млади, стари, конзервативни, неодамна силувани, големи, мали) или осакатените гениталии, како и зголемените гениталии. Или какви било гениталии. И труповите. Или подобро, голите трупови. А особено скапаните голи трупови. Запомнете, секој текст кој ќе го предадете, а кој опишува валкани и очајни луѓе, другите ќе го нарекуваат слика на „вистинската Африка“, а таквиот цитат ви е потребен за задната корица на книгата. Немојте заради тоа да ви биде непријатно: вие се обидувате да им помогнете да добијат помош од Западот. Најголемото табу во пишувањето за Африка е опишувањето или прикажувањето на мртвите или несреќните белци.

Од друга страна, животните мора да се третираат како заокружени, сложени ликови. Тие зборуваат (или фрчат додека гордо ја зафрлаат гривата) и имаат имиња, амбиции и желби. Исто така негуваат и семејни вредности: гледате како лавовите ги учат своите деца? Слоновите се грижливи, женките се добри феминистки, а мажјаците достоинствени глави на семејството. Истото важи и за горилите. Никогаш не пишувајте негативно за некој слон или за некое горило. Слоновите можеби ги уништуваат посевите и убиваат луѓе. Но, вие секогаш застанете на страната на слонот. Големите мачки имаат префинет акцент. Хиените се легитимна мета и имаат едвај забележлив блискоисточен акцент. Ниските Африканци кои живеат во пустината или во џунглата можат да се претстават и хумористично (доколку не се во судир со некој слон или шимпанзо или горила, кога се олицетворение на злото).

По познатите активисти и хуманитарци, во Африка најзначајни се конзервационистите. Немојте да ги навредите. Потребни ви се да ве повикаат на својот ранч од 12.000 хектари, или „заштитената област“, а тоа е единствен начин да интервјуирате познат активист. Книгите со сликата на храбриот конзервационист често се продаваат добро. Секој исончан белец во беж костум, кој некогаш имал антолопа како домашно милениче или фарма е конзервационист, значи човек кој го чува богатото културно наследство на Африка. Кога ќе го интервјуирате него или неа, не ги прашувајте за годишниот буџет, не ги прашувајте колку заработуваат со своите диви животни. Никогаш не ги прашувајте колку ги плаќаат своите работници.

Читателите ќе се разочараат ако не го споменете африканското светло. И заоѓањето на сонцето. Африканскиот залез на сонцето е задолжителен. Секогаш е величествен и црвен. Небото секогаш е пространо. Широките пространства и дивите животни се клучни елементи – Африка е земја на огромни пространства. Кога пишувате за состојбата на флората и фауната, задолжително споменете дека Африка е пренаселена. Кога вашиот јунак во пустината или џунглата живее со домородците (а тоа е секој кој е низок), можете да спомнете дека Африка изгуби многу жители заради СИДАТА и Војната (користете големи букви).

Ќе ви биде потребен и ноќен клуб кој се вика Тропикана, каде што излегуваат платениците, злобните новопечени богаташи, проститутките, герилците и апатридите.

Книгата секогаш завршете ја со некој цитат на Нелсон Мендела за виножитото и за преродбата. Затоа што се грижите.

Извор: Гранта