Отровни песни

29.07.2020 16:39
Отровни песни

 

Вирусот е најјак

 

Зајак фатил пајака.

Лилјак фатил зајака.

Волчјак фатил лилјака.

Босјак фатил волчјака.

Во црна шума волчјак чува босјака-просјака, дивјака и манијака кои печат пајака, зајака и лилјака.

И ги јадат!

Така се зададе црна чума - коронскиот вирус! - во црната шума!

Пајак е нејак, и пајка и зајак и лилјак и волчјак. И босјак и просјак и манијак и дивјак (и дијак, кој сево ова го запишува) - нејаки се.

Вирусот е најјак!

(А лилјак миљон години беше замрзнат во сињак...)


Отровна песна

 

Една шарена змија во еден ров

на една шарена печурка

ѝ вбризгала отров!

 

Кај печурката веднаш настанало труење:

дуење, буење, муртење, тревожење...

Па и гниење.

 

Кај змијата веднаш, исто, труење:

срцебиење, зуење, блуење...

Па и пцуење.

 

Немало победник во таа шарена арена:

печурката од отровот била оптоварена,

а змијата се почувствувала насамарена.

 

Крава ѝ помага на затруена краба

 

Во една касаба, крај нечист поток, крај тараба, крава брстела келераба.

Од потокот, кајшто вирееле габи и жаби, тетеравејќи се појавила краба.

И крабата наеднаш почнала да ја граба келерабата пред кравата!

„Крабо, ти си крадла!“, рекла кравата.

„Не, не. Јас сум храбра“, рекла крабата продолжувајќи да граба од келерабата.

„Не, не. Ти си краба-бараба“, рекла кравата.

„Слаба сум, краво, и се тетеравам; галиба сум изела отровна габа“, рекла крабата.

„Ох, храбра крабо, земи тогаш од келерабава, да закрепнеш“, рекла добрата крава.

 

Дуле и Јуле во кафуле

 

Дали сте чуле за Јуле и Дуле?

Се беа прочуле со тоа што заедно се затруле.

Вака било: си седеле, гајле немале, во кафуле.

Дуле чадел безникотинско луле и пиел апсинт од шишуле.

Јуле листала книжуле и сркала Лејдикилер од чашуле.

Дуле ненадејно рекол: „Бабулево ми е ко ѓуле!“

„Леле, Дуле, пиеш ем чадиш ко муле!“, рекла Јуле.

И одеднаш - леле! - и нејзиното бабуле ко ѓуле!

Ете така во кафуле се испоотруле Дуле и Јуле.


Цртежи: John Kenn Mortensen

 

ОкоБоли главаВицФото