Што ќе победи, слободата или стравот?

30.07.2020 08:34
Што ќе победи, слободата или стравот?

Пандемијата на грип од 1918 година беше најтешката пандемија во поновата историја на човештвото. Најверојатно беше предизвикана од вирус Х1Н1 со гени од птичје потекло. Иако не постои универзален консензус во врска со тоа од каде потекнува вирусот, тој се ширел во светот во текот на 1918-1919 година зафаќајки го секој негов дел. Се проценува дека околу 500 милиони луѓе, или една третина од светското население, биле заразени со овој вирус и дека бројот на починати во светот бил најмалку 50 милиони. Се работи за еден сосема неуспешен одговор на вирус пред точно еден век, кој најмногу наликува на вирусот кој денес е меѓу нас. За жал, КОВИД-19 е нашата нова реалност. Тоа доведе до влошување на безбедноста, до финансиски импликации, нарушен здравствен систем и намален комодитет на кој бевме навикнати. Но, дали и менаџирањето на Ковид-19 се покажува успешно?!

Тој одговор нема да го знаеме во догледно време сѐ додека научно не се согледаат сите импликации и последици од вирусот.

Вина, паника, солидарност

Факт е дека ни е потребно лидерство и менаџирање на кризата во овие тешки мигови кога се шират лажни информации, теории на завери и нарушена слобода на движење и однесување. Истражувачот Елизабет Брејн како специјалист по човеково однесување, пишува за потребата од водство при нарушена безбедност и ги објаснува тие перцепции како зависност од општествените услови за време на кризна состојба. Пред сѐ, тоа ќе зависи од начинот како се однесуваме кон тоа што не се чувствуваме безбедно, кон заканите и човечките жртви. Со трансформацијата во модерен живот, научното знаење се рефлектира на економскиот раст и на зголемените можности на .

Таа култура која сме ја развиле слободно можеме да ја наречеме култура на претпазливост или култура на страв која го охрабрува општеството да пристапува претпазливо кон секој потенцијален ризик по нашата безбедност. Размислувањето за претпазливоста главно треба да се смета како реакција на самоувереноста на општеството кое постигнало „напредок“ и кога човечката цивилизација беше разбранувана од фактите за загадувањето и деградацијата на природата, западната општествена елита беше разочарана од реалноста и немоќна да се справи со „светската проблематика“.

Претпазливиот начин на живеење ни развил чувства кои одбиваат изложување на потенцијален ризик и закани по нашиот живот. Во тој светоглед се очекува безбеден живот и секој губиток на удобноста се рефлектира со нарушена „нормалност“. Навиката да живееме слободно и културата да живееме претпазливо се конфронтираат во случајот со коронавирусот и преземените мерки за заштита. Од друга страна, ширењето на вирусот ги загрозува животот и здравјето на луѓето, особено кога смртноста од пандемијата е нагло зголемена. Предложените здравствени мерки најчесто ги загрозуваат принципите на слободата. Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме, освен со строги санкции и мерки?

Непопуларните мерки, како полицискиот час, ги зајакнуваат државите во кои владеат автократски режими, а од друга страна, неспроведувањето на тие мерки може да ги направи слаби и неспособни владите кои попуштаат под притисокот на незадоволното граѓанство. Тој ефект на претпазливост го идентификувал д-р Роел Питерман, вонреден професор по социологија на правото на Универзитетот во Ротердам, кој заклучува дека со зголемувањето на опасноста кон човекот и неговото здравје или околина се преземаат предострожности без оглед на некоја очигледна врска или научен концепт. Toa произлегува од фактот што за физичката безбедност на граѓаните во едно граѓанско општество најодговорна е власта.

Во едно општество, честите случаи кои вклучуваат помал број жртви се поприфатени од поретките случаи кои вклучуваат поголем број жртви, иако помалите но почести жртви можат далеку да го надминат бројот на починатите во природните и други непогоди. Тоа е случајот и кај нас кога гледаме секојдневни, но не многу големи бројки на починати, а со време ќе се соочиме со бројка која можеби ќе ги надмине и природните несреќи кои се случиле во една земја. Д-р Ханс Боутелиер, научен советник и професор на Универзитетот за социјални науки во Амстердам, рекол дека не само што не живееме во утопија на безбедност туку ние безбедноста ја имплементираме на некој свој начин како што им е потребна на луѓето, во коинциденција на максимална слобода и максимална безбедност.

Гледајќи го овој феномен, може да увидиме дека човечкиот став кон заканите е или од вина кон жртвите, или од култура која е наклонета кон ризик, или од култура на претпазливост. Акутно предизвиканата штета е оценета како опасност, но ризикот некогаш е прифатлив бидејќи порано или подоцна може да настапи и на други нивоа. Ако економската стабилност е нарушена, дали е логично да дојде и до жртви кои таа нестабилност ги продуцира? Дали може некој да пресмета колку човечки судбини се уништени кога некои бизниси ќе згаснат или долгови кои ќе останат неплатени?

Културата на вина некогаш преминува и во култура на паника или панично купување што може да предизвика недостиг од некои продукти како медицинска опрема и лекови, кои им се потребни на одреден број луѓе, но непотребно се складирани кај друг дел од населението, кое нема потреба од нив.

Паничното купување, дезинформациите, културата на недоволна емпатија и несолидарноста знаат дополнително да им го загорчат животот на ранливите категории, помалку способните, хронично болните и други кои не се во можност да допрат до ресурсите. Во тие ситуации, најчесто најснаодливите, било поради повластена позиција, односно ревносно купување, доаѓаат до одредени залихи. Тука особена улога игра културата на солидарност кај населението како што се отворање солидарни фондови, дарување неопходна храна и лекови, ослободување од вишок продукти и простување долгови. На ист и уште поагресивен начин на помош би требало да се вклучи власта, која би требало да го дисциплинира банкарскиот сектор и големите фирми, при што би се произвела извесна сигурност наспроти паничната несигурност и претераната претпазливост.

Безбедносна гаранција и ризик

Во културата на претпазливост при воведувањето нова технологија мора да се внимава на човековите права. Некогаш културата на претпазливост и недоволната информираност можат да бидат причина за ширење дезинформации како што се недокажаната опасност од 5Г мрежата и нејзиното зрачење, појавата на лажни вести за преувеличена опасност од вирусот или негово намерно ширење.

Но, иако таквите вести немаат основа, се појави и сериозна загриженост со воведувањето апликација за Ковид-19, со која доброволно се прифаќа следење и собирање анонимни податоци, кои можат да бидат злоупотребени.

Во таква комбинација на култура на претпазливост и на лажни вести, штетата најмногу настанува за време на воведувањето на технологијата, која колку и да носи позитивни резултати, некогаш создава отпор кај населението. Тоа води кон стагнација на целокупниот и глобален развој и освен загриженоста за климатските промени, за нуклеарната енергија, науката треба детално да објасни и да ја гарантира безбедноста која ќе ги исклучи сите штетни влијанија.

Затоа се презема ризик за да не се дозволи ризикот кој отпосле ќе настапи. Ако исклучувањето на ризикот не може да гарантира безбедност тогаш треба да се запрашаме на кого му одговара да има несреќи, штета и последици?

Некои научници, како што е Ира Хеислот, професор по безбедност на Универзитетот „Радбуд“, тврдат дека ако има недостиг од научен доказ за ризик, тоа води кон стагнација и примена на претпазливоста која во некои случаи е штетна. Самото исклучување на научниот доказ и врските помеѓу причината и последицата ја отстрануваат секоја можност за јасна проценка. Наместо мерките да се поставуваат од медицински и стручни лица, за нив се решава на политичко ниво. Тоа се вика политизирање на науката.

Недостигот од научни докази не смее да биде вовед во политизирање и рестрикции. Науката бара јасно детерминирање на законите откако ќе се проучат основните реакции во кои се вклучени повеќе чинители, да понуди сеопфатен одговор.

Заради тоа, не е добро кога меѓу населението ќе се рашири чувство на лажна безбедност креирана од политичарите. Луѓето остануваат незаштитени, бидејќи не се во можност да ги спроведат научно препорачаните мерки и да постапуваат според она што им го наложуваат епидемиолошките служби.

Власта треба да биде главен чинител во едукацијата и објаснувањето на последиците од катастрофа или ризикот кој може да настапи. Проценките од одговорните служби треба да бидат деполитизирани, научно добро елаборирани и издржани. Процесот на заштита да биде поттик за сите граѓани кои ги почитуваат принципите на претпазливост врз база на еден солиден научно изграден став, не врз база на паника, страв или погрешно информирање. На тој начин вистински ќе се имплементира културата на претпазливост и ќе се ужива во правото на слобода како највисока цел на едно модерно општество.

Извор: ResPublica