1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Изложбата „Еј, што имаме да изгубиме? Уметничкиот процес помеѓу активизмот и архивирањето“ е финална програмска компонента на годишната курирана програма „(Не)дисциплинирано: Градење на архив“, продуцирана од Проектниот простор Прес ту Егзит во контекст на интернационалниот проект „Взаемно поле на културната меморија“ поддржан од програмата на Креативна Европа: Европска година на културно наследство 2018.
Поради пандемијата „Ковид-19“ од почетокот на оваа година и ограничувањата за патување и движење и организирање на јавни настани, решивме завршната изложба, која беше планирано да биде отворена на 10-ти април и да трае до 31-ви мај, 2020 година, наместо да биде откажана или одложена, да биде презентирана во дигитален формат. Завршените дела и предлози од уметниците беа дигитално поставени во виртуелно изградениот простор кој соодветствуваше со локацијата предвивена за изложбата – модернистишката зграда на Управата за хидрометеоролошки работи на РС Македонија во Скопје. Оттука, таа е продуцирана за Интернет просторот, претставена виртуелно во координација со уметниците и програмските партнери. Во продолжение следи текстот на кураторката на изложбата, Јованка Попова, и избор на дигитален визуелен материјал од изложбата. За повеќе информации можете да ја посетите страната www.cdcm.eu
Како се справуваме со неисцрпноста на индивидуалните и колективните сеќавања? На кој дел од минатото му даваме „предност“ во однос на останатото и се трудиме да се „отелотвориме“ преку дело, текст или говор? На кој начин документарното ја менува уметноста? Како може архивот, преку различни практики, да соодветствува на современието? Преку кои уметнички форми и начини може да биде претставен? И на крај, кој е начинот преку кој архивот го отвора имагинативниот и фиктивниот простор? Ова се неколку прашања адресирани во изложбата „Еј, што имаме да изгубиме?“, со која беше предвидено да се претстават дела на уметниците Антонис Питас, Тјаша Калкан и Јане Чаловски во Управа за хидрометеоролошки работи на РС Македонија во Скопје, која се фокусира на начините на кои уметниците го испитуваат минатото и начинот на кој уметничката методологиј придонесува кон нови историски и културни интерпретации на сегашноста.
Антонис Питас, it’s too much in too short time, 2020, фотографија, дел од инсталација, сопственост на уметникот и Annet Gelink Gallery
Изложените дела вклучуваат интердисциплинарно уметничко истражување што се занимава со политиките на заборавањето, и манипулирање со меморијата во зависност од тековните политички и идеолошки потреби. Покрај тоа што се однесуваат на сегашноста, тие следствено се поврзани со поими искусени преку наративи, сеќавања, артефакти и документи - историски сведоштва за минатото. Фокусот на уметничкото истражување е изгубеното модернистичко наследство избришано како резултат на еспанзијата на „Скопје 2014“ – владин проект кој го отсликува националистичкиот, авторитарниот режим, популизмот и хегемонија.
Хито Штејерл вели дека во документарно дело не постои намера да се наруши автентичната вистина на политичкото, туку да се промени „политиката на вистината“ врз која се темели нејзиното претставување. Визуелните и епистемолошките формации на документарното испишувањето се дефинираат како функции на политичкото. Ако архивот е место каде што документарното претставува простор на меморија, или концепт кој се однесува на ресурс на знаење произведено за минатото, другиот негов аспект е „живата“ меморија која е во процес на постојано преиспитување во зависност од сегашното и современото. Архивската работа во овој контекст е субверзивна, што значи дека нејзина задача е да ја оспори хегемонијата на одредени историски и идеолошки конструкти. Освен како збир на документи и колективно знаење за одредена култура или период, тој се однесува повеќе на односите кои дефинираат одредени ставови и дискурси, т.е. како средство за формирање и трансформирање на ставови.
Антонис Питас, reconstruction of the reconstruction, 2020, фотографија, сопственост на уметникот и Annet Gelink Gallery
Еден од претставените уметници, Антонис Питас, е познат по тоа што создава контекст-сензитивни уметнички инсталации инспирирани од архитектурата, уметничко-историски референци, перформативните аспекти на инсталационата уметност и нејзината социјална динамика. Питас истражува теми како што се безбедноста и контролата, економските кризи и чинот на отпор, како и насилството и вандализмот. Осврнувајќи се на проектот „Скопје 2014“, неговите работни архиви, документираат и репродуцираат материјали од неговото производство и манифестација. Делото преиспитува кој е начинот на кој може да се зачува, претстави и прикаже колективната меморија преку истражување, тактичност и вредување на материјалноста. Што значи да се ревидира идентитетот на градот и неговото наследство и каков ефект има истото врз колективата репрезентација, идентитетот и меморијата?
Антонис Питас, the end of history, 2020, фотографија, сопственост на уметникот и Annet Gelink Gallery
Уметникот открива и фотографира материјални пропусти и грешки откриени на ново подигнатите споменици од проектот „Скопје 2014“, како спротивност на премолченото знаење за модернистичкото минато кое беше избришано во изминатите години со продукција на лажна историја преку визуелните манифестации на овој проект. Овој пронајден и документиран материјал, како трага од политичко минато, сведочи и бележи социјална и креативна загуба и одбива да го заборави она што е заборавено. Концептуалните врски помеѓу методологијата на архивирање и физичката издржливост на ефтините, лажни материјали што се користат за ново подигнатите споменици и згради, се артикулирани и користени од уметникот со цел материјално да се зачува селективната минливост и скорешното забрзување на историската загуба. Оттука, неговото архивско дело произведува спротивставена историја над официјалните наративи и, во комбинација со текст, делува како место на отпор што има за цел да создаде нова, корисна историја.
Тјаша Калкан, Neo-Chandelier, 2020, метал и стакло, дел од инсталација, сопственост на уметникот
Слично на тоа, Тјаша Калкан, аналитична во својот уметнички пристап, користи иронија за да ја смири продорната комерцијализација и зголемената регулација на јавниот простор. Во контекст на истиот проект „Скопје 2014“, повеќе од дваесет илјади граѓани беа подложени на директен нелегален надзор, како дел од наводниот криминален заговор од страна на десничарската влада. Осврнувајќи се на идејата дека, како и државата, камерата никогаш не е неутрална, Тјаша конструира простор во кој камерата, изработена од уметничката во нео-барокен стил, реферира на атмосферата на надзор од страна на авторитарноста и укажува на визуелниот апсурд и гротескност на новиот јавен простор.
Тјаша Калкан, Neo-Chandelier, 2020, метал и стакло, дел од инсталација, сопственост на уметникот
Нејзиното дело претставува нов архив на ефемерното, базирано на мноштво гласови, кој го прикажува „општеството на контрола“ во кое се архивираат нашите минати дејства за да можат да се следат нашите сегашни активности и да се предвидат нашите идни однесувања. Снимките, слично на архивите, се моќна алатка за наметнување контрола, каде некои се на позиција да надгледуваат, а некои не; некои гласови можат да бидат слушнати, а некои не; нечии мислења за општеството ќе бидат привилегирани, а други ќе останат маргинализирани. Новиот пристап кон архивирање што го овозможуваат социјалните мрежи создава можност за демократизиран наратив во кој може да се раскажат приказните на граѓаните чиишто мислења ги игнорираат креаторите на јавните политика и кои се фрлени на периферијата на мејнстрим историитете, а преку кои всушност може да се превртат граничните одредници помеѓу креаторите на официјалните записи и историјата, и нивната публика.
Архитектонски инспирираните инсталации на Јане Чаловски комбинираат модернистички архиви со емпириски идеи сместени во специфичноста на различните културни, социјални и политички географии. Преку ангажирање на различни апликации за истражување и продукција, со помош на метод сличен на непосредноста на цртежот и временски инсталации, тој конструира амбивалентни и нерешливи визуелни и архивски ентитети.
Јане Чаловски, Incipient Act, Part 2, 2020, милар, мастило, метал и дигитален принт, дел од инсталација, сопственост на уметникот
Инсталацијата е дел од неговиот тековен проект „(Не)дисциплинирано: Градење на архива“, кој започна во мај 2017 година. Главната цел на проектот е да се сочуваат дел од собраните, незаштитени и хемиски контаминирани печатени материјали од поранешниот Завод за урбанизам и архитектура во Скопје (ЗУАС), кој беше опожарен во април 2017 година. Во процесот на собирање, размислување, мапирање, дигитализација и асоцијативно развивање на сите расположиви материјали, Чаловски создава нови цртежи и предмети и го претставува проектот преку три процеси: (1) архивизам - архивирање, активизам и застапување; (2) објавување - откривање, читање и документирање; (3) изложбеност - визуелна инсталација, продукција на дела и перформативност.
Новите можности кои оваа инсталација ги нуди како архивска уметност е да ја претворат минливоста во постанување, заменувајќи ги неуспешнате загуби од секојдневниот живот со нови алтернативни типови на социјален ангажман кои го трансформираат историското место (изгубениот архив) во градилиште (ново уметничко дело). Овој прогресивен пристап, всушност, води кон производство на нова култура која историјата ја гледа како повеќе од загуба. Ахиле Мембе укажува на моќта на архивот како „институционирање на имагинарното“ што произлегува од ко-сопственоста на мртвото време (минатото или културната меморија) и времето на живеење (комуникативна меморија). На тој начин проектот ги преиспитува можностите на естетското, кое во релација со архивот и заборавањето создава ново сеќавање.
Јане Чаловски, Former City, 2018/20, тапет, дел од инсталација, сопственост на уметникот
Оттука, изложбата функционира како архивска уметност. Не само што претставува уметнички и критички практики и алатки кои развиваат свесност за социјалните состојби, туку укажува и на континуитетот на уметничкиот и критички ангажман што се развива преку нови концепти, нови инструменти и нови форми со цел да се поддржи продуктивната позиција на уметноста која е во постојана антитеза со одредени идеолошки и политички општествени процеси. Овие приватни архиви ги доведуваат во прашање јавните: тие може да се сметаат за субверзии што го нарушуваат симболичкото и исто така упатуваат на општа криза во овој социјален поредок кој произлегува од поимот за неуспех во културната меморија. И во поширокиот социокултурен контекст, делата на Питас, Калкан и Чаловски ја доведуваат во прашање улогата на уметникот во сложените социополитички случувања, како во минатото така и во сегашноста.
Биографии на уметниците:
Тјаша Калкан (1987, Загреб) завршила магистерски студии по фотографија, и дипломски студии по германски и француски јазик и литература на Академијата за драмска уметност и Факултетот за хуманистички и социјални студии во Загреб. Преку својата работа Тјаша ги истражува социјално-обликуваните структури на секојдневието, визуелно и концепциски фокусирајќи се на физичките простори, преку нив обидувајќи се да ги рефлектира начините на кои ние се врзуваме со нив. Нејзината работа е игрива и остроумна, практика на непослушност насочена кон општоприфатените нормативи. Таа ги изложувала своите дела во повеќе од десеттина самостојни и преку дваесет групни изложби. Во 2017 година била одликувана со наградата Млада европска уметност на Австрија и Награда од публиката на Конкурсот за хрватска современа уметност при Музејот на современа уметност Загреб. Таа е добитничка на специјална награда за најдобар млад автор на Фестивалот за фотографија во Ровињ во 2012 година. Живее и работи во Загреб, Хрватска.
Антонис Питас (Атина, Грција, 1973) живее и работи во Амстердам, Холандија. Студирал на Академијата за ликовна уметност во Атина, Piet Zwart институтот во Ротердам, и Sandberg институтот во Амстердам, бил уметник во резиденција на Bard College во Анандејл, Њујорк. Во изминатава декада, Питас бил поканет како предавач на многу академии во Европа и САД. Неговите дела се дел од јавни и приватни колекции, и биле изложувани во самостојни и групни изложби во различни институции во светот, меѓу кои Annet Gelink Gallery, Амстердам Hordaland Kunstsenter, Берген; Stedelijk Museum Bureau Amsterdam; Bozar, Брисел; Benaki Museum, Атина; Van Abbemuseum, Ајндховен; Hessel Museum of Art & CCS Bard Galleries, Њујорк; De Appel, Амстердам; Stevenson Gallery, Јоханесбург; MACRO Museum Testaccio, Рим; Kunsthal, Антверп; Centre of Contemporary Art, Глазгов; Kunsthal Charlottenborg, Копенхаген; 5. Биенале за современа уметност во Солун, 4. Биенале во Атина и Manifesta 12 во Палермо.
Јане Чаловски (1973, Скопје) е уметник, истражувач, издавач и културен активист. Преку конвергирање на сознанија за архивирање и размножување на метод со слична непосредност како цртежот, неговото истражување е фокусирано на дизајнирање на дискурзивна рамка за улогата на пост-медиумската уметност во поширокиот културен контекст. Чаловски ја изложил својата работа во Музејот на современа уметност Загреб, Гуангог музејот за уметност; Малме кунстмусеум; Бункер штуки, Краков, Полска; Фондација Баухаус, Десау; Кунстхале Баден-Баден; Кунстхаус Брегенз; Салзбург кунстверајн; Тејт Британ; Европското кунстхале; Балтички уметнички центар, Висби, Шветска; Центар за современа уметност, Вилниус; Центар за цртеж, Њујорк и други простори. Неговата работа беше вклучена во Биеналето за фотографија во Хелсинки 2014, D-0 ARK Underground 2012, Манифеста 7 (Болзано, 2008) и Манифеста 3 (Љубљана, 2000). Дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Филаделфија (1996) и Бенингтон колеџот (1997), а ги завршил пост-дипломските истражувачки програми на ЦЦА Китакјушу (1999-2000), Академијата Јан ван Ајк (2002-2004) и Универзитетот Линкопинг (2010). Живее и работи во Скопје и Берлин.
Проектен простор Прес ту егзит е основан во септември 2004 година од уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како специјална програмски-базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во областа на визуелните уметности и кураторските практики. Четирите главни програмски активности се: Иницијатива за кураторски гостувања – резиденциска програма за млади куратори; Нови проектни продукции – програма која поддржува независна продукција од (главно) македонски и регионални уметници; Серија на предавања, презентации и изложби - тековен и динамичен форум за дебата и размена на идеи за истражување на начини на генерирање, производство и презентирање на регионални и меѓународни проекти и соработки; и Програмата за издаваштво што објавува уметнички, кураторски, теоретски и архитектонски истражувачки проекти. Проектен простор Прес ту егзит е посветен на спроведување на критичко испитување и проценка на прашањата поставени од современи уметници, куратори, архитекти и теоретичари во врска со современата социо-политичка рамка во која се појавуваат нивните практики. Проектен простор Прес ту егзит е дел од голем број меѓународни мрежи и форуми кои се клучни во развојот на уметничката и кураторска практика на меѓународно ниво со поголема социјална свесност.