Универзална сала

30.07.2020 12:23
Универзална сала

Мислам дека дискусиите околу иднината на Универзална Сала непотребно достигнаа високи тонови, а претпоставувам заради разни паушални пресметки околу тоа „колку ќе кошта оваа или онаа верзија на иднината“, па сè до некои „идеи“ на Градската Власт интерпретирани САМО според прочитаното во насловите во (не)добронамерните портали/медиуми и ни збор повеќе.

Значи, Универзална сала МОРА ДА СЕ РЕНОВИРА и прилагоди на времето и потребите, како на тоа што би се случувало како настан, така и техничко-технолошките потреби на самиот објект. Свесен сум дека Градската власт во рацете има „жежок костен“ но со Универзална сала ниту е прв пат ниту последен со оглед сите тешкотии кои овој објект ги произведува како заради староста, така и заради одвивањето на програмата кое предизвикува тешкотии за околното население, ама и за гледачите и изведувачите.

Дискусиите околу „референдуми“, „да ја срушиме и да направиме иста“, „да ја срушиме и направиме парк со летна сцена“ (претпоставувам тоа би вклучило и некаква, сакале да признаеме или не, кафана) „да направиме нова Универзална сала, ама на друго место“, „ме разбравте-не ме разбравте“, „Стручни сте за сè, сите станавте експерти!“ итн.итн. не водат никаде, освен што приоизведуваат какофонија (по нашински тоа е кога сите говорат во исто време) а резултат нема.

Јасно ми е дека реновирање, обновување, дополнување чини пари, особено ако (пре)сметката ја прават (не)домаќини, ама понекогаш некои работи чинат пари и да се надеваме дека нема да бидат многу.

Припаѓам на сите категории дискутанти кои имале некакви искуства со Универзална сала. Почнувајки од емотивните, посетителските, изведувачките и воопшто Универзална сала ја доживувам како „топос“ или еден од многуте кои се вградени во нашите компликувани ментални содржини.

Да потсетам ОД КАДЕ ДОАЃАМЕ. Една будала (проект на непријатели на оваа земја) успеа во 11 години да уништи многу, вклучително и големи делови на она што е наша ментална, емотивна содржина, а не гледаше во очи и најбезобразно ни велеше „Важно се гради!“. Затоа, како еден од (со)учесниците во дискусијава предлагам тука да застанеме, градските благајници да си се фатат за работа и да ги направат првичните, ама прецизни, пресметки, нека повикаат 4-5 добронамерни познавачи и толку. Има таму работа бајаги и ВИШОК на бомбастични муабети и натпревар околу тоа кој е поемотивен, кој е поносталгичен, кој е подуховит, или помалициозен во коментарите е непотребен.

Универзална сала треба и мора да се „реновира“!