Универзална Сала како потенцијална жртва на изгубениот градски идентитет

30.07.2020 18:30
Универзална Сала како потенцијална жртва на изгубениот градски идентитет

„Оваа Универзална сала за приредби е подигната со помошта што на Скопје му ја упатија граѓаните, хуманитарните организации и владите на Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразилија, Гвинеја, Иран, Ирак, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Турција, Тунис, Уругвај, Цејлон, Чиле, како и странските туристи што на денот на катастрофата се најдоа во Југославија. ОВОЈ ОБЈЕКТ ЌЕ ОСТАНЕ КАКО ТРАЕН СИМБОЛ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЧОВЕЧКА СОЛИДАРНОСТ ВО ОБНОВАТА НА СКОПЈЕ ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС 26 ЈУЛИ 1963 ГОДИНА.“

Оваа порака е запишана на таблата која ќе ве пречека од страна, уште при влегувањето во Универзалната Сала.



Скопје доживеа невидена катастрофа – но веројатно најголема катастрофа е нашата непостојаност, неистрајност и се разбира поимањето на тоа што значи локална власт. Ниту една од нив изминатите 3 декади, не воспостави систем на вреднување на градот, неговото минато, ниту пак трасира патека за иднината. За волја на вистината, тековната има поголем слух кога јавноста негодува, но дали е тоа доволно?

Од град со светска мисла, до која се држевме до 80тите, одеднаш го напуштивме концептот за градот, кој беше во центар на светската урбанистичка и архитектонска јавност своевремено. Го напуштивме планот на Танге, средствата од републичко ниво почнаа да се приливаат кон федералната каса и заборавивме дека создавање ГРАД е проект кој никогаш не застанува (особено градот кој го вадиме од пепелта).

Визијата за град не зависи од средствата што ги имате во касата  (најголемата лага на погрешно разбраниот капитализам), туку од вашата способност да менаџирате проекти на долги стази, со употреблива вредност најмалку 30-50 години во иднина. Способноста да сонувате град, не е нереалност, туку решителност да истраете во изградбата, да одредите буџет во повеќе години кој го надминува вашиот политички мандат во корист на општеството, да донесете визионерски план и да се држите до него. Најпрво што сакаме да постигнеме како цел, а потоа се одредуваат патиштата како да го реализираме. Тука влегуваат и промените во законите, кои често се алиби за неделувањето на општините и градот во посакуваната насока.

Кога говориме за таканареченото Старо Скопје или предземјотресно Скопје, или пак за постземјотресно Скопје или реперот Танге, ние говориме како за некое завршено време, за откинат дел од нас, за таму некаде во минатото. Никој не го разбира континуитетот, ниту историски значајните моменти на одлука во помеѓуто. Сите локални власти имаат оправдување за своите чекори, без сериозно организирани дебати, пред да се донесе одлуката, бидејќи им чука часовникот кој им е со ограничено времетраење од 4 години, додека градот има милениуми континутитет. Значи не сме му дораснати да размислуваме за неговата иднина, туку ја гледаме сегашноста во тие неколку години.

Скопје – макета на една од варијантите на Танге


Што се дозволивме да му се случи на Скопје

Ако ја прескокнеме надуваната 2014та и фамозниот проект (поради експонираноста и премногу пати посочуваните грешки), свесно и летаргично, во Скопје  дозволивме:

  • Да го загубиме Кермес, објект кој со мали средства можеше да го добие стариот сјај и да биде мост со времето кога е создаван паркот. Во девалвирањето индиректно беше вклучена и фирмата во која имаше удел тогашниот градоначалник на Скопје;
  • Ја искасапивме Старата Железничка Станица, рушејќи ги  сочуваните перони и идејата да се организира музеј на отворено на стари локомотиви и вагони, една екстензија на Музејот на Град Скопје. Таа деградација продолжи со рушењето на последниот ѕид ( Кон Рамстор) и дозволување да  го обѕида од сите страни новиот комплекс. Тука беше потопена и една од најдобрите идеи за градска куќа , каде требаше да се случи современа интервенција во корелација со остатоците на железничката станица. Неразбирливо напуштен одличен концепт!
  • Дозволивме општина Гази Баба да ја помести градежната линија на Саемот и со тоа да го патронира неговото рушење, очигледно договорени потези со потенцијалните инвеститори и лагата дека нема финансиска оправданост oд неговото сочувување. Впрочем таму имаше доволно слободна површина за нови интервенции, но алчноста за комуналии и еднократното полнење на касите е поважно од трајно значајни и корисни објекти како саемските хали;
  • Дозволивме Маџир Маало, едно од најатрактивните локации до центарот, да го разјадуваат ситни инвеститори со мансард естетика;
  • Дозволивме да изгори Шалтер Салата на ПТТ,  да протекува и прокиснува веќе 7ма година по ред без никакви активности околу нејзината ревитализација;
  • Дозволивме чаршијата да ја владеат банди, да се смени целата сопственичка структура според политички договори и  етнички принципи, да се гради и обезвреднува на  секој чекор со одговор дека не го знаеме инвеститорот. Зар некој верува во ова?!
  • Дозволивме да се случи кафанска градина над дел од ГТЦ, во меѓувреме куртуливме од лифт кој ја злоупотребуваше темата достапност за лицата со попреченост ( на 50 метри непосредно постои најудобната рампа во цел град).

и многу други нешта…

Си дозволуваме да говориме за солидарноста, за градот кој заборави да го почитува тоа што го придонел емпатичниот свет, потоа презентираме фино организирана изложба со табли со имињата на улиците кои се посветени на градовите – донатори за Скопје и најавуваме враќање на истите со идеја да се отстрамиме за постапките на претходниците.

Урбана археологија преку функцијата на „Летна сцена“

Веќе утредента, најавуваме рушење на Универзалната сала, најголемиот симбол на таа хуманост, воиграна со „добрата мисла“ да се остави сепак по рушењето – урбана археологија преку функцијата на „Летна сцена“. Апсурд! Прво осудувате на смрт, а потоа го плаќате скапиот погреб од грижа на совест. Секако давате средства и за мермерот над гробот.

Она што  загрижува, идејата за парк на местото на Универзална Сала, пред неколку седмици беше пуштена во воздухот од друга страна, за потоа градот да ја официјализира. Кој и во чие име  говори? Се кажуваат индивидуални ставови, или во име на …?

Ниту една навидум рационална мисла не може во контекстот на сите случувања со Скопје, кој секојдневно деградира и губи дел од вредните архитектонски реализации и историски целини, да го оправда рушењето на Универзална Сала. Тоа не е обична барака, таа е многу повеќе од тоа. Доколку така ја перцепирате, тогаш жалам што бизнис логиката ви го исцрпила моралот (кој се препознае, се препознае).

Кога вреднуваме архитектура и воопшто простор, на кој му пресудуваме од високите критериуми на архитектонската теорија игнорирајќи го човековото локално чувство за припадност и идентификација, треба да пресечеме преку прашањето – Што добивам, а што губам со оваа интервенција? Колкава е таа површина за парк, во кој насреде повторно ќе стојат остатоци од салата, притоа за негова изведба и делумно рушење ќе се истрошат огромни средства? За тоа ќе се откажеме од жив сведок на културата со маркантни бројки на настани, посетеност, значајност и повторно на друга локација ќе градиме нова?!

Првите размислувања за нејзино адаптирање и доградување, се случија уште во времето на градоначалникот Ристо Пенов. Од тогаш секоја власт препишува, плаќа проекти, анализира, но да се зачуди човек што толку се размислува?!

Со средствата фрлени до сега, времето изгубено во пропаѓање, таа ќе беше целосно реновирана и ќе можевме да чекориме кон изградба на концертна сала со поголем капацитет на друга локација.

Неколку работи за Универзална Сала:

– Проектот за објектот е донација од Бугарија, реинтерпретација и модификација на циркусот во Софија, кој изгоре во 1980та година, што ја прави во моментот единствена градба без реално присуство за панданот;

– Финансиските средства за изградбата се донација на повеќе од 20 земји од светот, на кои сме им благодареле преку таблата за ТРАЕН СИМБОЛ;

– Единствена кај нас во својата материјализација, естетика и кружна, амфитеатрална форма на гледалиштето;

– Тоа што е монтажен објект, не ја прави безвредна. Напротив, тоа ја прави посебна и истата треба да остане како симбол на тој архитектонско-градежен потфат во конкретна вонредна ситуација. Таа конструкција е дел од нејзиниот идентитет и естетика, говорејќи искрено за времето кога потребата од брза реализација била неминовна (значи има вредна приказна за раскажување позади себе).

– Името „Универзална“ доаѓа од нејзината адаптабилност за повеќе настани. Партерот за многу случувања има можност да се демонтира и истиот да се слее во сцената, оставајќи го гледалиштето во приближна форма на античките хиподроми. Ваквото третирање, овозможува настанот да биде насреде, централно меѓу публиката. Често го користеа при одржување на националниот натпревар за модерни танци. Во прилог видео од Шаховската Олимпијада во Скопје, каде покрај изгубениот Скопски Саем е и користењето на Универзална Сала во контекст на претходно наведената организација.

– Гостите на џез фестивалот и покрај нејзината дотраеност, не штедеа убави зборови за салата, потенцирајќи го блискиот однос на исполнителот со публиката.  1500 луѓе се завиени околу изведувачот, додека на публиката окото не и е  упатенo единствено кон сцената, туку одспротива ги пресретнува погледите со останатите, со оние со кои го споделуваат доживувањето. За компарација, салите кои се проектираат во правоаголна основа, се неспоредливо „поладни“ бидејќи доминантен број од седиштата се предалеку од сцената што не е проблем само на акустика туку и визуелна достапност, губејќи го блискиот однос со изведувачот.

-Салата има историја на неброени домашни настани, гости од целиот свет, фестивали. До кога ќе учиме дека традицијата е континуитет врзан и со физичкото присуство на просторите во нивната оригиналност?! Очигледно најлесно ни е да говориме за градот преку разгледниците од минатото. За Златното Славејче, за Скопскиот фестивал. Чуму потребата да го избришиме физичкиот идентитет?!

– Урбанистичкиот хаос кој е околу салата е„ гостинот“ на тој простор, што значи не е салата таа што треба да се адаптира, бидејќи таа опстојува половина век, додека урбанистичките гнили плодови се дело на изминативе 2 декади. Паралелата е еднаква со Скопје 2014та. Како?…  Едноставно, прво градите 20 објекти кои се од небо паднати, а потоа велите старите објекти не се вклопуваат во амбиентот, па им смислувате нови фасади налик вашите објекти. Кој на кого се адаптира во овој случај?!

-Неодржувањето и пропаѓањето на салата не е вина на граѓаните, тие верно и во континитет ја полнат на сите настани изминатите 50 години… Неодржувањето е плод единствено на неспособните власти;

-Недостатокот од паркинг простор е повторно дело на урбанистичките замижувања. Имате во блокот насадено хотел, со дел катна гаражичка, злочинесто овозможено од правилниците за проектирање и пренамена во процес на градба.

Значи можеме да констатираме дека градските власти  и општинските урбанисти се оние кои ја загушија Универзална Сала со просторот околу неа, за денес истите да констатираат дека таму повеќе нема простор за намената која ја вршеше овој објект. Простете , но партијата не ми е битна, институциите се тие што опстојуваат, а вие се менувате, така да гревот си останува на институциите.

Постојат културни институции на кои им е потребен нов дом

Вистината е дека таа не може да поднесе повеќе од она што е, што се покажа и преку изминатите конкурси, проекти и анализи, што упатува на потребата од нејзино задржување во постојните рамки.  Тоа во никој случај, не ја одзема потребата на Скопје да му се случи поголема сала, на некоја нова локација.

Победничкиот проект на конкурсот за нов објект на старата локација

Скапо е? Па се разбира дека е, не разговараме за тротоар и детско игралиште, говориме за објекти од културата, капитални инвестиции во неа, вложуваме во јавниот живот на граѓаните за следните 50 години. Зар мислиме дека тоа ќе го реализираме со неколку милиони евра?!

Скопје очигледно не ја разбира својата големина и изобилува со комплекси, кои го спречуваат да прерасне во вистинска метропола. Зар визијата за градот не може да опфати две концертни сали? Зар мислите дека секој ќе може да ја наполни новата со 3- 4000 капацитет? Со паметно менаџирање, верувајте дека и двете опции се возможни и се рационални.

Има многу модели кои може да се истражат со цел нејзино опстојување. Тука може да се размисли и за нејзина пренамена, адаптација, комбинирано функционирање, па дури и доградба е помало зло од нејзиното исчезнување. Постојат културни институции на кои им е потребен нов дом. На пример ТАНЕЦ, кој извести дека на 72 седница на Владата на Р.Македонија  е одобрено барањето на институцијата за архитектонско-урбанситичко решение за нов дом.  Доколку се работи за истата локација, каде сега е сместен Танец, тогаш тоа е уште поголем проблем за Мичурин и  не е решение, ниту соодветна локација.

Сегашните простории на „Танец“ , во Мичурин

Ова нафрлање на идејата за Танец  е само една возможност, и таа може да се истражи. Затоа можеби треба да размислите кое е решението да се спаси салата, наместо да се руши. Тоа не ја одзема потребата од изградба на нова и голема концертна сала во Скопје.

Затоа распишувањето на конкурс за Летна сцена значи одлука за делување, а не отворена дебата.  Конкурсот кој треба да се распише е потрага по идеи и предлози за нејзино сочувување, притоа приложувајќи ги институциите на кои им недостига простор од областа на културата. Така со нејзиното реконструирање ќе се стави во поинаква улога, ако инсистираме дека не може да имаме две концертни сали.

Многу се лажеме со говорењето за приватните и државните земјишта

Да бутнете јавен објект, со историско значење, со исклучителна симболичност за градот и визуелна појавност, со идеја да направите паркче е апсурд. Парковите требаше да се случат на многу други земјишта исто државни што се претворија во градежни парцели и се продадоа.

Многу се лажеме со говорењето за приватните и државните земјишта и нивната вредност.  Кој им дава вредност на приватните земјишта? Одговорот е урбанистите, што значи тие им вцртуваат површини за градба и намена. Како од саем добивме станбени згради и од фабрика Треска исто така станбени згради? Како тоа од земјоделско земјиште во Расадникот во Кисела Вода,  добивме градежно со 100тина згради?! Од лошиот урбанизам и лошите законски акти каде приватниците може да побараат што сакаат, а на општините потајно им одговара бидејќи тоа се повеќе комуналии, не може да се извлечат  без одговорност  градоначалниците и урбанистите.

Манипулирањето со овие факти е неспорно, немоќта на властите е само привид поради притискањето на проектите во нивните 4 години. Ништо повеќе!

Чекориме сегментарно и Скопје го решаваме еднакво на општинските владеења, што е погубно за градот бидејќи тој е целина. Секое приватно земјиште може да се замени со друго државно земјиште.

Се што треба е градот да урбанизира државно земјиште, во неразвиените делови од градот, каде ќе предложи изградба,д а речеме на нова населба ( По терк на Аеродром и Ново Лисиче). Со тие нови парцели и маркици, градот лесно ќе може да компензира, ќе им даде еднакви или 20% поголеми земјишта за градба во замена за точките на интерес, но претходно со изработен урбанистички план по сите теркови и стандарди, а не давање земјиште па урбанистички план како желботека.

ГУП Скопје

Тогаш нема ниту инвеститорите да загубат, ниту градот, но треба да имате визија, а потоа успешно да менаџирате со неа (за ова подетално во некоја следна објава).

Универзална сала има мноштво вредности кои се од значај за граѓаните и градот, таа може да прими соодветна функција, додека нова концертна сала секако треба и може да се создаде на друга локација (која веќе исто така е нафрлена во воздухот).

Да смогнеме сили и да го сочуваме скопскиот музички Ентерпрајз!

Извор: порта3.мк

ОкоБоли главаВицФото