Може ли двапати да се заразите од коронавирус?

01.08.2020 12:39
Може ли двапати да се заразите од коронавирус?

Вестите се алармантни. Кога лекар од Њу Џерси тврдеше дека неколкумина пациенти кои го прележале коронавирусот повторно се заразени, неговите колеги беа непријатно изненадени. Еднакво непријатно се чувствуваше една жена од Лос Анџелес, која повторно се инфицирала само неколку недели по оздравувањето, додека пак друг лекар тврди дека „повторната зараза со коронавирусот е реалност и притоа дека случаите со втора инфекција се многу потешки“. Луѓето се сериозно загрижени поради овие вести.

Ваквите информации како и оние дека колективниот имунитет, кога се работи за коронавирусот, останува недостижна цел, кај луѓето ги разбудија најдлабоките стравови дека можат повторно и повторно да бидат заразени од коронавирусот и секојпат да бидат во многу полоша состојба.

Меѓутоа, десетина експерти кои ги проучуваат разните вируси сметаат дека информациите за реинфекција со коронавирусот, особено со тешка клиничка слика – се без темелни докази.

„Не сум слушнал за случај во која нешто такво било недвосмислено докажано“, вели др. Марк Липстик, епидемиолог од Школата за јавно здравје на Универзитетот Харвард.

Останатите стручњаци, исто така, сметаат дека „врз основа на седуммесечното искуство, коронавирусот се однесува како и повеќето други вируси“, притоа нагласувајќи дека „имунитетот на стадото може да се постигне со вакцинација“.

Тие наведуваат дека постои можност за повторна зараза со вирусот, но дека мала е веројатноста дека тоа ќе се случи во краток временски рок помеѓу две инфекции и дека во тој случај ќе развие потешка клиничка слика. Како што велат, поверојатно е дека станува збор за заостанат тек на инфекцијата, кој се покажува по еден месец од почетните симптоми.

„Луѓето инфицирани со коронавирусот обично произведуваат имунолошки одговори – антитела. Неколку научни тимови досега известиле дека нивоата на антителата опаѓаат по два до три месеци. Меѓутоа, падот на антителата по престанувањето на акутната инфекција е сосема нормална појава“, вели др. Мајкл Мина, имунолог и професор на Харвард.

„Не ми се јасни лекарите кои беспотребно шират паника. Тоа е многу лошо, станува збор за сензационалистичка стапица“, додава др.Мина.

Исто така, антителата не се единствениот облик на заштита од патогените. Коронавирусот предизвикува силна одбранбена реакција на имуните клетки, тнр. Т- клетки, кои можат да го убијат вирусот, мултиплицирајќи се за следните „борби“. Помалку е познато колку време можат да опстанат таквите клетки, но се знае дека можат да му помогнат на организмот во борбата против коронавирусот.

„Ако тие успеат да се одржат во белите дробови и во дишните органи, мислам дека можат да завршат прилично добар дел од работата во запирањето на ширењето на инфекцијата“, вели др. Акико Ивасаки, имунолог и професорката на Универзитетот Јејл.

Сепак, медицинската сестра од Бостон, Меган Кент, за краток временски период била двапати инфицирана, онјкаснувајќи дека вториот пат здравствената состојбата ѝ била многу полоша.

„Се чувствував како да ме удрил камион. Порано имам прележано мононуклеоза и втората инвекција изгледаше сосема исто. Цел ден спиев, бев многу уморна, без сила...“

Др. Питер Хотез, декан на Националната школа за тропска медицина на Медицинскиот факултет Бејлор, објаснува дека овој случај е „исклучок од правилото“.

„Не можам да тврдам дека е така, но според она што досега имав прилика да видам, станува збор за некој вид медицински феномен“, вели др. Хотез. „Можно е пациентката да не заздравила до крај од првата инфекција, можеби вирусот останал во телото, или преминал во одредени делови од телото како кај еболата“.

Поголемиот број луѓе кои биле изложени на коронавирусот создаваат антитела кои го уништуваат. Колку се посилни симптомите на болеста, толку е посилна и реакцијата на организмот. Факт е дека мал број заразени произведуваат антитела, но таков е случајот и кај другите вируси.

Во светло на неодамнешните истражувања за наводно опаѓање на антителата со текот на времето, загриженоста заради потенцијалната повторна зараза со коронавирусот е сè поголема.

Една научна студија од јуни, открива дека антителата на заразените опаѓаат до непрепознатливост по само три месеци кај речиси 40 отсто од асимптоматските случаи. Друго истражување, која сè уште не е објавено во научните списанија, покажала дека неутрализираните антитела, моќен подвид кој може да го запре инфицирањето на клетките, нагло опаднале во рок од еден месец.

„Тоа навистина е голем пад и е неверојатно депримирачки“, вели др. Мајкл Малим, вирусолог на Кралскиот колеџ во Лондон. Меѓутоа, научното истражување спроведено на речиси 20.000 испитаници, на 17 јули, на онлајн мрежата „MedRxiv”, покажало поинакви резултати. Имено, анализите на ова истражување заклучуваат дека „нивото на антитела по престанувањето на инфекцијата на почетокот опаѓа, но набрзо доаѓа до стабилизација“.

Др. Мајкл Мина од Универзитетот Харвард нагласува дека „од биолошки аспект, ова не е нешто изненадувачко“.
„Се работи за позната динамика на развивање на антитела по инфекција. На почетокот тие се разиваат многу брзо, а потоа доаѓа до опаѓање. Кога човек е инфициран, првите клетки – плазмобласти лачат антитела и подготвуваат одговор на организмот на инфекцијата. Тие експоненцијално се шират и до број од милион клетки. Меѓутоа, телото не може да поддржи толкави нивоа. Кога инфекцијата ќе исчезне, мал дел од клетките влегува во коскената срж за да се создаде долготрајна меморија на имунитет, а сето ова за да дојде до побрзо производство на антитела во секоја следна борба на организмот против истиот вирус. Остатокот на плазмобластите одумира“, објаснува др. Мина.

„Кај децата, секоја следна изложеност на вирусот или на вакцина го јакне имунитетот сè додека кога ќе станат возрасни, одговорот на антителата не биде доволно силен и стабилен“, додава др. Мина.

И додека истражувањата на антителата се во фокусот и го привлекуваат целото внимание затоа што е лесно да се откријат и проучат, мемориските Т-клетки и Б-клетки исто така, се силни борци против кој било патоген.

Едно научно истражување вклучило три различни групи изложени на вируси. Во првата група, секоја од 36-те личности изложени на Sars-Cov-2 имала Т-клетки. Во втората група, 23 луѓе изложени на вирусот SARS од 2003 година, имале вакви клетки, како и 37-те испитаници од третата група кои никогаш не биле изложени на ниеден од овие два патогена.

„Ни се чини дека нивото на општиот имунитет против Sars-Cov-2 постои меѓу популацијата“, вели др. Антонио Бертолети, вирусолог од Медицинската школа „Дјук НУС“ во Сингапур. „Имунитетот е можеби поттикнат од претходно изложување на коронавирусот кој предизвикува чести настинки. Т-клетките веројатно не ја спречуваат инфекцијата, но може да ја пригушат болеста. Затоа имаме случаи на инфекции со Ковид-19 со благи или никакви симптоми. И затоа имунитетот на клетките и антителата е подеднакво важен“, додава др. Бартолети.

Клиничките истражувања на вакцината, исто така, можат да дадат повеќе информации за природата на имунитетот на новиот коронавирус и да дадат одговор на прашањето кое ниво на антитела е потребно за блокирање на повторна инфекција. Да речеме, истражувањето спроведено врз девет макаки мајмуни покажало дека имунолошкиот одговор на инфекцијата бил доволно силен за да спречи повторна зараза.

Научниците и понатаму ги следат заразените мајмуни за да утврдат колку долго трае заштитата. „Сепак истражувањата на издржливоста на имунитетот бараат одредено време“, вели др. Ден Барух, вирусолог и автор на истражувањето.

Исто така и другите соговорници го отфрлаат стравувањето дека имунитетот на стадото никогаш нема да биде постигнат. Др. Сад Омер, директор на Институтот за глобално здравје при Универзитетот Јејл вели дека „Ние цело време постигнуваме имунитет на стадото со помош на помалку или повеќе совршените вакцини. Многу ретко постојат вакцини кои се 100 отсто ефикасни“, вели тој.

Конечно, експертите тврдат дека постојат реинфекции со други патогени, вклучувајќи го и грипот. Но, тие нагласуваат дека тие случаи се исклучоци, како и тоа дека новиот коронавирус, во тој контекст, воопшто не се разликува.

„Би кажала дека повторната инфекција е можна, но дека е малку веројатна. Меѓутоа, она што моментално е впечатливо е дека дури и толку ретки случаи се загрижувачки во ситуација кога е заразен огромен број луѓе“, вели др. Ангела Расмусен, вирусолог од Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото