Родовиот договор како алат на патријархатот

03.08.2020 07:09
Родовиот договор како алат на патријархатот

Керол Пејтман

Феминистката и политичка теоретичарка Керол Пејтман е родена 1940 година во Сасекс, Обединетото Кралство. Работела како истражувачка и предавачка на повеќе европски, американски и австралиски универзитети. Една од нејзините највлијателни книги е Родовиот договор (The Sexual Contract), првпат објавена 1988 година.

Родовиот договор е приказна за потчинетоста на жените, а тезата на Пејтман е дека договорите се алат за контролирање на жените („изворниот договор ги дефинира машката слобода и женската подреденост“) и дека преку брачниот договор патријархалното право се протегнува на комплетното граѓанско право. Имено, бракот како институција се појавува дури во граѓанското право, а во општеството во кое сѐ што е важно се потврдува и обезбедува со договори, женската потчинетост се воспоставува со родов, односно брачен договор.

Бракот почнува со договор, го потпишуваат две страни, а предмет на тој договор впрочем се жените. Без оглед на тоа што жените денес немаат правен статус на имот, договорот веќе се склучува доброволно, родовиот договор и натаму е средство за помош со кое мажите своето природно право над жените го претвораат во сигурност на граѓанското патријархално право - жената го склучува договорот за да добие заштита од мажот, а за возврат ја нуди својата покорност.

Исто така, бидејќи во патријархалното општество мажите и жените не претставуваат рамноправни страни; впрочем не постои рамноправна положба на договорните страни, што на мажите им овозможува да ги искористуваат жените како што капиталистите ги искористуваат работниците. Во современиот патријархат, разликите помеѓу мажите и жените се прикажуваат како биолошки разлики, а патријархалното право на мажите, последично, се прикажува како дел од логичниот природен поредок.

Како најдраматичен пример за јавниот спектар на патријархалното право Пејтман го истакнува барањето на мажите женските тела да бидат на продажба како стока на капиталистичкиот пазар - за што многу зборува профитабилноста на проституцијата.

Специфичноста на ваквата потчинетост е во тоа што потчинетата личност или група на некој начин се согласува со тоа. Во случајот со родовиот договор, жената се согласува зашто очекува дека ќе ѝ се подобрат животните околности. Како што прават робовите, а господарот е одговорен за нивната благосостојба, така и брачниот договор потсетува на ропски договор. Откако жените се заробени, родово искористени и откако ќе се породат, им преостанува само да се помират со заробеничкиот статус во настојувањето да ги заштитат своите деца, со што го поттикнуваат понатамошното поробување на жените, но и натаму е присутно настојувањето себеси и на другите жени да им обезбедат подобри животни услови од оние што би ги имале надвор од бракот. Зборувајќи за ропството во 19 век во Велика Британија, Фицхју истакнува дека работниците биле само робови без господар и дека нивната положба била полоша отколку на робовите чии потреби биле задоволени благодарение на господарот кој им обезбедувал храна и сместување.

Брачниот, како и ропскиот договор е уште еден вид договор за работа бидејќи да се стане сопруга истовремено значи и да се стане домаќинка - мажената жена е личност која работи за својот сопруг во сопружнички дом. Џон Стјуарт Мил уште во 19 век забележа дека од почетокот на човечкото општество секоја жена ја наоѓаме во заробеништво на некој маж и истакна дека бракот е примитивна состојба на ропство која упорно трае. Имено, сѐ до крајот на 19 век правната и граѓанската положба на мажените жени наликуваше на положбата на робовите - со склучување брак жената стана граѓански „мртва“, а мажот и жената станаа една личност (машка). Слично на тоа, робот го добиваше името на своите господари, исто како што жената го добива името на својот маж, нешто што го гледаме и денес.

Исто така, без оглед на тоа што денес има многу помалку жени домаќинки кои немаат никакво вработување надвор од дома, и натаму постои идеалот за домаќинката кој е директна последица на родовиот договор, што се протегнува и на работното место каде жените не се перципираат како полноправни членки на тимот, а родовото вознемирување понатаму му помага на одржувањето на машкото патријархално право.

Пејтман потоа зборува за проституцијата како составен дел на патријархалниот капитализам. Иако жените веќе не се продаваат на јавни аукции, на мажите и натаму им е достапна можноста за купување сексуален пристап до женските тела на капиталистичкиот пазар, а денес постои и опција за купувње млади по пошта (mail-order bride) во некои држави.

Интересно, Мери Волстонкрафт уште во 1790 година го нарекувала бракот легална проституција бидејќи на проституцијата се гледало како на нужно зло со кое жената се штити од силување, а бракот и семејството од разорното манифестирање на машкиот сексуален апетит, или како на несреќна последидца на сиромаштијата. Денес се спротивставуваат две струи - додека едната тврди дека проституцијата е работа како секоја друга, другата го застапува ставот според кој проституцијата е уште еден пример за потчинувањето на жените.

Благодарение на родовиот договор, јасно ни е зошто проститутките во најголем случај се жени - причината е машкото родово право според кое е важно да се обезбеди пристап до женските тела, а проституцијата е финансиски попрофитабилна отколку многуте други работи што им се достапни на жените. Понатаму, кога почнаа да се затвораат борделите, а проституцијата стана илегална, проститутките станаа зависни од макроата - мажи кои, како во бракот, „им обезбедуваат егзистенција“ и им пружаат „заштита“.

Но дали се ближи крајот на владеењето на родовиот договор? Пејтман тврди дека не.

„Јас кажав сѐ што имав за родовиот договор, меѓутоа, приказната ни оддалеку не е завршена. Политичката фикција сѐ уште покажува знаци на живот, а политичката теорија не е доволна за да го разниша она што ја одржува во живот“, напиша Пејтман.

Извор: voxfeminae.net

 

ОкоБоли главаВицФото