Ковид-19, Скопје 2014 и колежот на мозочните неврони

04.08.2020 09:21
Ковид-19, Скопје 2014 и колежот на мозочните неврони

Човечкиот мозок е без секоја сомнеж најсложениот орган во целиот универзум, и не е претерано да се каже дека вселената може да се гордее со тоа свое чедо. Мозокот се состои од приближно 100 милијарди невронски ќелии, а функционира преку нивното меѓусебно синаптичко асоцирање, така што ако се земе предвид дека секој неврон може да создаде десеттина илјади синаптички врски со практично сите други, бројот на асоцијации што создаваат „мисли“, „слики“ или други ментални продукти го надминува бројот на атоми во целата вселена. Оваа веќе научно потврдена „математика“ ги чини теоретските можности на мозокот практично несомерливи, а неговите капацитети потполно несфатливи, но, за жал, овие интергалактични доблести се фундирани на еден исто толку голем парадокс. Имено, мозокот го шета на рамења најирационалното и најглупавото животно што го породила еволуцијата на живите видови – човекот.

Сепак, во полза на ова чудо, вреди да се сознаат неколку основни, до скоро неоткриени и ширум светот непознати факти. Тие почнуваат со фактот дека огромниот бебешки мозок се зголемува во првата година од животот дури за 101 насто, за до деветтата година да достигне 95 отсто од својот возрасен волумен, кој го достасува околу тринаесеттата година од животот. Меѓутоа, неверојатното е дека бебето се раѓа со најголемиот број на невронски ќелии во мозокот животот, кој додека трае процесот на бурното растење на неговиот волумен е проследен од парадоксален процес на самоуништување на нервните ќелии во него. Ова масивно кастрење и отстранување на невроните е всушност вистинскиот процес на внатрешното структурално уредување на мозокот, во кој тој самиот низ процесот на учење го обезбедува своето сѐ пооптимално и поефикасно работење, задржувајќи ги само најважните синаптички врски и најтрајните и највредни асоцијации. Приказната ја прави уште поневеројатна фактот дека на крајот од процесот на самоуништување мозокот на возрасниот човек има цели 41 отсто помалку невронски ќелии од новороденчето. Што е најужасната последица од оваа неверојатна невронска сага? Тоа е дека настаните, сликите и пораките што на детето му се случуваат во првите 14 години живот – додека уште не формирало ниту вистинска долгорочна меморија, а ниту систем на вредности, знаења и мисловни вештини за проверка и селекција – пресудно влијаат на самата внатрешна невронска архитектура на овој за луѓето клучен орган.

Неверници во Сарс Ков-2

Последиците од овој возбудлив и непредвидлив процес на самокреација на мозокот, во кој погрешните и ирационалните асоцијации и однесувања стануваат невронската основа на нашиот идентитет, нашето јас, значи нашата судбина, нѐ плават катадневно, на секој чекор, и упорно во секоја ситуација. Еве на пример, пандемијата што стана нашата нова секојдневица. Огромен е бројот на луѓе што не веруваат дека таа воопшто постои; кој знае колкав е бројот на оние што поверувале дека Сарс Ков-2 вирусот постои, но е измислен и раширен од некои зли центри на моќ; и колку е мал бројот на оние – од оној преостанат број за кои можеме да речеме дека на рамената не шетаат парче бостан, туку нормален орган на разумот – што се однесуваат разумно? Оваа последна бројка (на надежта) изгледа дека несопирливо клони кон нулата.

Да ги земеме заштитните маски за пример. Од сето она што науката успеа со сигурност да го утврди досега е дека вирусот се пренесува и шири по пат на капките и капкичките – аеросолите што ги испуштаме со дишење, говор, кашлање и кивање. Тоа значи дека заштитната маска е единственото и најефикасно средство за заштита и намалувањето на ширењето на заразата. Меѓутоа, маската има смисла да се носи само во затворени простории со повеќе луѓе, додека нејзиното носење надвор е не само некорисно, туку и сосем бесмислено. Но онаа мала бројка разумни луѓе што веруваат во постоењето и опасноста од пандемијата, маските главно ги носат надвор – каде што тие служат единствено како фетиш, амајлија, заштитна реликвија и, машала, против уроци – а кога ќе се приберат во канцеларија, или кафеана или друга пријателска или семејна средба, е, таму ги соблекуваат со чувство на олеснување и безбедност.

Парадоксалното однесување во пандемијата се множи и шири на безброј ситуации, од кои веројатно една од најгрдите и најглупавите е стравот на соседите од луѓето што оболеле и оздравеле (!) од инфекцијата!? Па, тие се најбезбедните луѓе во доба на пандемијата: тие се имуни на вирусот и не можат ниту да заразат некого ниту да бидат заразени, за разлика од сите други! Џабе се рационалните објаснувања, зашто веќе одамна погрешно составениот мозок ја создава својата економична вистина составена од гласини, начуени глупости и знаци. Вирусот е невидлив и апстрактен, додека за овие што оздравеле „се збори“ дека биле болни, и крај на приказната!

Нашата свест целиот живот ги произведува само прималните глупости на кои сме налетале во раните години од развојот, па заштитната маска нема врска со начинот на нејзината употреба, туку со фактот дека таа во мозокот е претворена во заштитен знак, талисман или амајлија. Врв на оваа ужасна ментална грешка е фотографијата што ги прошета медиумите, на која е снимен маркет на чија врата стои дека е забрането да се влегува без заштитна маска, а до објавата е обесена заштитна маска што им служи на сите муштерии за да ја стават на влезот, да пазарат и повторно на излегување да ја обесат за да може да ја стават сите следни муштерии. Јако, а?

Разулавена опредметена безумност

Иако корона-примерите за менталните грешки што генерираат глупаво однесување се длабоко вознемирувачки, пред сѐ поради суровата убиственост на вирусот, сепак имаме пример среде Скопје на уште посмртоносно и понеразумно однесување на жителите на библиската земја. Замислете – во светло на опишаната невролошка сага за формирањето на човечкиот мозок во првите години од животот, и тоа преку уништување на безмалку половина од сопствените невронски ќелии – замислете како се формираат мозоците на нашите деца и внуци што првите 14 години од животот го минуваат во малоумниот вмровски паноптикум, со чудовишно големи, одвратно лажни, невешто и погрешно изделкани, и криминално подигнати споменици од т.н. „Скопје 2014“?!

Врз основа на таа разулавена опредметена безумност нашите златни деца практично немаат друг избор отколку да ги самоуништат во сопствените мозоци сите навистина потребни неврони, задржувајќи ги за цел живот оние во кои се врежале монструозно глупавите, грди и лажни споменици, што стојат недопрени веќе трета година по „ослободувањето“ од вмровскиот фашизам. А, ние сите – сосем обратно од случајот со невидливиот вирус за кој немаме имагинација да го замислиме – мижиме со отворени очи одминувајќи ја причината за менталната смрт на нашите деца, како овие културоцидни споменици на злото и глупоста воопшто и да не постојат.

И, за крај: постои ли во вселената поглупаво и поирационално суштество од човекот? Нема шанси, верувајте ми на збор.

Фотографии: Maciej Dakowicz

Извор за текстот: Слободен печат