Изложба на поштенски марки во Археолошки музеј

04.08.2020 13:56
Изложба на поштенски марки во Археолошки музеј

„Културното богатство во марките на Македонска пошта – археологија“ е насловена изложбата посветена на поштенските марки, која од денеска (4 август) може да се види во Археолошкиот музеј и за која влезот е бесплатен.

Марките се отпечатени во период од 1996 до 2019 год. и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеа, Неолитски предмети од теракота, Големата Мајка од Тумба Маџари, антички монети, антички накит, средновековни монети и златните погребни маски од Требениште.

„Поштенските марки се многу интересни, но граѓаните ретко имаат можност да ги видат. Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот го завзема приматот. Сѐ поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење помеѓу нас се заменува со мобилните телефони.
Целта на оваа изложба е зголемување на сознанието кај граѓаните за ова наше културно богатство, запознавање со неговата вредност, а со самото тоа грижа и чување за идните генерации.", вели авторот на изложбата и претседател на ИКОН, Климе Коробар.

Изложбата ќе биде отворена во текот на целиот месец август, а поради почитување на мерките и утврдениoт протокол за посета на музеи, нема да има официјално отворање.

Организацијата на изложбата е во соработка со Асоцијација за култура ИКОН, Археолошки музеј и Пошта. Изложбата ја подготвија Марјан Јагликовски, Марија Видеска и Васил Николовски од Археолошкиот музеј, а реализацијата е финансиски поддржана од Град Скопје и Министерството за култура.

 

ОкоБоли главаВицФото