Срцулки

04.08.2020 18:56

Најголемата лубеница од бостанот, дедо ќе ја донесеше,
и на половина – ко две тепсии ќе ја пресечеше –
едната за децата, другата за возрасните,
и ќе ни речеше – кркајте од срцето на летото.

Среде бостанот, плашилото облечено во облеката на прадедо стоеше.
Баба ќе ги собереше семките на крајот
и со нив џебовите на прадедо Тодор ги полнеше,
велејќи дека сите убави нешта доаѓаат од небото.

И денес се сеќавам на имињата што на семките им ги даваше:
црнилки како ирис, ѕвездочелки, оти си ги лепевме над веѓите –
за да гледаме и ноќе, ѕрнѕурки – да не бидеме сиромашни,
злапки – за млечните заби да ни ги заменат здрави заби,
зјајки – да бидеме ко цвет отворен за сонцето,
ил жолто клунче од јавриите на ластовичките, ѕуници –
за да бидеме црвени во образите како шумски јаготки,
чакарески – за да не се родиме со шарени очи и срцулки –
за да имаме срца со кои сите ќе нè сакаат
како семки начичкани околу срцето на лубеницата.

Внимавајте, најубавите лубеници, пред изгрејсонце –
од млечното видело на зорнината, се откинуваат.
Тогаш, од ноќта, со сите ѕвезди на небото, се раѓа денот
во кој за секого ќе има место околу трпезата на сонцето.

Еден ден и мене ќе ме подигнете над бостанот со сите семки
со кои ќе се раѓате и живеете – ни велеше дедо,
вадејќи ги засушените семки од џебовите на прадедо...

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото