Цане Андреевски: Веков не бил залуден!

05.08.2020 01:12
Цане Андреевски: Веков не бил залуден!

Писателот, поет и новинар Цане Андреевски на своја 90-годишна возраст како дете се радува на појавата на второто издание на неговата книга „Разговори со Конески“, но многу чисто и детално се сеќава и на значајни моменти, не само од својот живот, туку и од историјата на нашата држава. Потенцира дека не е единствениот македонски писател што ја доживеал деветтата деценија и со неверојатна леснотија ни разоткрива детали од минатите времиња.

Неодамна навршивте 90 години. Какво е чувството да се биде еден од најстарите македонски писатели?

Покрај мене, во овој момент има и други писатели што навршиле или се влезени во деведесеттата. Можам да си спомнам на некои од нив, зашто ми се блиски и драги другари. Бистрица Миркуловска, Георги Старделов, Георги Сталев, Благоја Иванов, Јован Стрезовски и Видое Видичевски. Сакам да им честитам и да им пожелам во животот уште среќни и творечки денови.

Во својот живот сте сведок на четири историско-општествени раздобја: Кралството Југославија, Втората светска војна, АВНОЈ-ска Југославија (СФРЈ) и веќе триесетина години независна Македонија. Каква е разликата во духот на живеењето на тие времиња?

Разликата е голема. Промените во светот, а и кај нас, се огромни. Посебно, нашата македонска ситуација е бурна и предизвикува, сѐ уште, тревожни моменти. Ми се чини дека многумина кај нас не сфаќаат каде бевме и каде стигнавме. И какви стигнавме. Нашето национално битие остана распарчено со Букурешкиот договор во 1913 година, но настаните понатаму покажаа дека не е сѐ загубено. Во 1944 година, на 6 мај, партизаните за кратко, првпат, го ослободија моето родно место Кратово и заминаа за да се вратат по три месеци и да останат засекогаш. Тогаш, зад себе, на белиот огромен ѕид од џамијата, на плоштадот, ја оставија, високо на ѕидот, паролата со големи букви: „Да живее слободна Македонија“. Парола! Но, ставаше крај на туѓото владеење, барем во еден дел од татковината, а тоа владеење ќе го илустрирам со две минијатури, две емотивни збиднувања.

Ме прашува учителот во основното училиште: „Чиј син си ти?“ – „Јас сам син на Дончо!“, велам. Тој се смее: „Зар си се попео на главу свом оцу?“, и продолжува да се смее, а јас се чудам, се чудам. Но, за нас падежите беа голема „тајна“ и пречка. И, второто. Бугарската учителка по пеење, Дора, покажа дека уште тогаш го признава македонскиот идентитет. Кога некој од нас, во хор, ќе фатеше фалш пеење, таа ќе го прекинеше пеењето, со диригентското стапче удираше по катедрата, викајќи: „Т’пи македонски глави“.

По толку години, имате ли сѐ уште зборови зад кои поставувате чуденки или прашалници?

Со множењето на годините се множат и чуденките и прашалниците. За сѐ велиш дека е невозможно, дека тоа е чудо! Ве молам, цела Европа ја гази фашистичката чизма, дури и дел од Африка, а некој се дрзнал да крева востание!

Некој те завладејува и се прогласува за ослободител. Ти не го признаваш за таков, па тој дури и денеска ти вели дека не бил окупатор. За чудо и восхит: трешти и лево и десно, а некој сака да прави држава! „АСНОМ како сонце ќе греј!“ (К. Ј. Питу).

Неполни три месеци по ослободувањето на Скопје, а Сремскиот фронт трае и се гине таму, некој отвора школа за народни учители, со интернат за 200-300 ученици за да учат и за да станат први народни учители. За чудо, и ти си меѓу нив. Па, ене ја азбуката, и ене го Правописот македонски, па ене го Универзитетот, па ене ја МАНУ, па овој и оној институт, па Друштво на писатели, па Струшки вечери – да дојдат големи писателски имиња од светот, да ги пречекаме и испратиме како големи и вечни пријатели. Како да не се восхитуваш на сето тоа? Веков не бил залуден!

Во книжевна смисла минаа повеќе генерации писатели. Со кои од нив чувствувате најголема блискост?

Што повеќе години одминуваат и генерациите не се топат, ами се обликуваат во нешто поголемо, покомпактно. Сега ми е тешко да издвојам неколку луѓе, блиски пријатели, затоа што речиси сите бевме необично поврзани меѓу себе, другарувавме, си ги следевме поединечните резултати и се радувавме на секоја наша објавена песна, расказ, а за цели книги и да не зборуваме, бидејќи тоа беа големи настани. Постоеја противречни мислења во одреден период, поделба според некои литерарни основи (реалисти, модернисти), но може да се рече дека не надвладуваше нетрпеливоста и злобата.

На пример, кога еден Димитар Митрев стана професор на факултет по теорија на литературата, ние му станавме редовни студенти и тој ја прифаќаше нашата поддршка и соработка. Оние, пак, што беа пред нашата генерација беа малкумина и ние ги почитувавме како творци на првите дела на македонски јазик и како први членови на Друштвото на македонските писатели. Тие носеа свои карактеристики, а ние настапувавме малку и со страв, ама повеќе и со восхит за нив, решени да продолжиме во афирмација на нашите современи стремежи, а тоа беше пишувањето и развивањето на македонскиот литературен јазик и внесувањето не само историски, туку и современи теми и современи ориентации во емотивна смисла. Така што сѐ беше прво, и сѐ беше ново. Се разбира, за нас. А ние сѐ повеќе излегувавме пред светот со нашите дела и полека-полека светот ги прифаќаше како дел од себе, и со признание. За нас беше тоа важно, зашто на споредбен начин можевме да видиме што сме направиле.

Ова беа, се разбира, општите карактеристики за сите нас од генерацијата, меѓутоа тоа не подразбира дека не се разликувавме по поединечните, помалку или повеќе скромни резултати. Но, при ова сакам особено да нагласам дека таа прва и втора, во потесна смисла – наша, генерација, освен книжевната работа ја практикуваше и секојдневната дејност во нашето општество. Речиси сите писатели беа и новинари во разни весници, радио и ТВ програми, беа и уредници на книгоиздателства, професори, така што извршуваа и дневни задачи на тоа време, одговарајќи на импулсите и творечките посегања во тоа време. За жал, ниту нашиот современ писател не е ослободен од овие егзистенцијални задолженија, за да може да му се посвети само на творештвото, како што е во други развиени средини.

Вие во целиот ваш живот ѝ се посветивте на литературата во повеќе жанрови: преку творбите за деца и преку творбите за возрасни. На која област ѝ дававте предност?

Според мене, сум го рекол ова и другпат, а и сум го чувствувал работејќи во различните жанрови, во творечка смисла не постои реска граница. Има само вредности. Ако им се обраќа на децата, авторот треба да води сметка за нивото на животното искуство кај децата, дали тие можат сѐ да разберат, бидејќи извесни емотивни области сѐ уште се енигма за нив, а кај возрасните слободата на творењето е неисцрпна и главно се потпира на сопствената естетска и идејна ориентација.

Типично за времето, а и за мене на самиот почеток, стана потребно особено литературата за деца да одговори и на некои педагошки и воспитни цели на самото општество. Така што речиси непринудено овие карактеристики станаа присутни и во моето најрано творештво, а особено во мојата прва книга стихови за деца „Сончева порака“. Оваа книшка излезе од печат 1951 година како една од првите десет книшки на детската литература, само пет години по објавувањето на македонскиот Правопис. Самиот тираж од 3.000 примероци, тираж – фантазија за денеска, говори за потребата од ваков вид литература, која, покрај естетските, треба да има и педагошки вредности.

Потребата беше голема. Сѐ уште во нашите училишта, во детските градинки, се рецитираа не само песни од Ванчо Николески, Славко Јаневски, Васил Куноски, Лазо Каровски, Борис Бојаџиски и Глигор Поповски, туку и текстови од бугарската литература за оваа возраст, несмасно преведени од самите наши учители, коишто се здобиле со претходното образование на бугарски јазик. Во понатамошниот живот, паралелно со поезијата за возрасни, пишував и за деца, и поезија, и проза. Во тоа време беше среќна околност што секоја книга, за разлика од денес, беше проследувана со внимание, разгледувана и наградувана. Подоцна ги добив наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ и наградата на РТС и Струшките вечери за моите книги за деца што ги напишав подоцнежните години – „Планета со петел“ и „Малата голема точка“.

Во сферата на поезијата за возрасни моите малубројни книги носеа свој карактеристичен тематски опсег: добрината, љубовта, славењето на животот и природата како појави што човекот го исполнуваат со радост. Мојата поезија за возрасни доби еден вид признание уште во 1960 година, кога Димитар Митрев ја застапи, меѓу другите десетмина автори, во неговата прва антологија на повоени македонски поети. Потоа, поезијата ми беше застапувана и во други антологии кај нас, а и надвор од нашата земја.

Една од Вашите најзначајни книги е „Разговори со Конески“. Кога Конески го кодифицирал македонскиот јазик сте имале 15 години. Се сеќавате ли кога првпат сте се сретнале со Конески?

За моите средби со Конески пишувам и во додатокот на второто издание на „Разговорите со Конески“ во издание на „Матица македонска“ оваа година. Ова издание, со пресретливата поддршката на овој наш издавач, е направено во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993) и со финансиска поддршка на Министерството за култура. Сметам дека изданието ќе го привлече вниманието кај новите генерации кои не го познавале лично Блаже Конески и кои сега ќе имаат можност, преку неговите одговори, да ја насетат неговата големина, неговата далекувидост и неговата дарба за раскажување и комуникација.

Инаку, ми се чини дека лично не сум се среќавал со него пред да појдам на час кај него, кога се запишав на Филозофскиот факултет. Тогаш тој држеше часови по лингвистика и по старословенски јазик и се сеќавам на тој прв час кога тој и мене ме покани да прочитам еден старословенски текст. Ми направи впечаток за крајно едноставна личност.

„Разговорите“ се водени меѓу 1985-1990 година и целата книга е посветена на делото на Конески. Но, какво чувство имате Вие за неговата личност?

Пред сѐ, тој беше скромен човек. Секако, имаше со што да се гордее, но тоа не го правеше наметливо. Беше крајно искрен. И во животот и во поезијата. Кај него немаше квази-мотивации и скрибомански инспирации. Беше длабоко посветен на проблемите на нашиот јазик. До тенкост ги откриваше и толкуваше, пренесувајќи ги врз целата наша средина. Особено на своите студенти, кон кои се однесуваше со внимание и почит. Навидум здодевната материја, тој ја пренесуваше на едноставен начин и ја правеше попривлечна. Имаше големо трпение со своите соговорници. Не сакаше никого да повреди или навреди.

Вие, како новинар и како писател, веројатно имате свој став околу прашањето за македонскиот јазик, сѐ уште оспоруван од одредени екстремни историчари кај источниот сосед?

Точно, имам свој став и тоа во духот на Блажевите становишта. Но, не мислам денеска некому да му докажувам дека македонскиот јазик постоел и пред 1945 година. Тој Санстефански отров нека продолжат да си го сркаат оние бугарски историчари што замижуваат пред фактите на сопствената историја. Нивниот новинар, остроумниот и доброинформиран Коритаров, во една своја емисија го праша соговорникот, Бугарин, дали ќе беше посреќен ако победеше фашизмот и целокупна Бугарија останеше да постои во Санстефански рамки. За објаснение, она „поштасливи“ (среќни) можам да го поткрепам, бидејќи наоѓам корени во една бугарска фашистичка песна што ни се сервираше тогаш: „Од Черно море до Охрид/ од Дунав до Бјалото море/ единен народ живее/ сам својта с’дба кове – Б’лгаријо, Б’лгаријо, штаслива си сега/ в рацете ти са сичките блага. Рим, Берлин и Токио/ верни в борбата/ скоро ште наложат/ нов ред на земјата“. Во други варијанти фашистичките патриоти ја пееја вака: „Рим, Берлин и Софија/ верни в борбата/ скоро ште наложат нов ред на земјата“. А ние, младите, додававме: „Скоро ште положат ор’жие на земјата“. Како што и се случи кога Црвената Армија го премина бугарскиот Дунав, а Бугарија реши да го крене Деветтосептемвриското востание.

Во семејниот живот, цел животен век сте заедно со писателката Оливера Николова. Како функционира семејно-писателскиот тандем, колку еден на друг си давате потпора и во пишувањето и во живеењето?

Ние, како две човечки суштества, не се здруживме за да формираме Друштво на писатели, туку се повинувавме на нашите младешки чувства и желбата за заедничко живеење. Пишувањето остана чисто лична преокупација, интимен свет на секој од нас во кој се изразувавме и двајцата според сопственото чувствување и капацитет.

Книга „Разговори со Конески“ – Сведоштва за книжевниот, научен и животен опит на Конески

Второто издание на книгата „Разговори со Конески“ од Цане Андреевски е објавено годинава во пресрет на 100-годишнината од раѓањето на една од меѓните културно-национални личности на современата македонска лингвистика и историја – Блаже Конески. Книгата нуди следствен опфат на извонредни страници на откривање, на провокација, на естетска наслада, на љубопитна рецепција, на мноштво лични опсервации и сведоштва што веќе и во историска смисла се неопходни како приопштување и како дополна на огромниот книжевен, научен и животен опит на самиот Конески. Преку разговорите Конески го доживуваме како човек и како творец кој на неповторлив начин го изодувал својот човечки пат и го извишил својот творечки профил, барајќи ја вистината на светот преку вистината и тежината на животот.

Фотографии: Андреј Гиновски („Глобус“)

Извор: Слободен печат

 

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото