Бетовенхале во Бон и Универзална во Скопје – паралели и идеи

05.08.2020 01:56
Бетовенхале во Бон и Универзална во Скопје – паралели и идеи

Градбите не се обични цврсти форми. Нивните ѕидови се писма. Нивните одаи се палимпсести. Во нив невидливо се таложени доживувањата на тие што живееле пред нас. Градбите се камени книги. Тие ги надживуваат своите градители. И само грижата на идните генерации го чува културалното паметење како писмо кое секоја генерација мора да го чита одново, за да ја сознае својата задача.

Архитектот на Бетовенхале (Beethovenhalle) во Бон, Зигфрид Волске (Siegfried Wolske), имал 29 години кога со својот проект победил 1954-та на конкурсот за нова концертна сала во чест на Лудвиг ван Бетовен, кој е роден во Бон. Волске ги завршил студиите по архитектура дури по војната. За своето прво дело тој вели дека тоа не се исцрпува само во естетската и функционалната димензија. Тоа примарно требало да ги обединува луѓето. Младиот архитект студирал во земјата која била огромна урнатина. А проектирал градби во стилот на „органската архитектура“. Бетовенхале стои на мала извишинка крај Рајна. Благоста на ниската форма (и на куполата и на другите делови) е спротивност на политички идеологизираната архитектура во Третиот Рајх. Зградата ја следи природната конфигурација. Во неа граѓаните, кои уште ги паметеле бомбите, требало да се чувствуваат заштитени под ниската купола. Под неа силата на музиката почнала да ја лечи траумата од војната. Затоа бонските граѓани се врзани за оваа сала, иако имало две претходнички ( 1845 и 1870). Оваа, третата, од 1959-тата, е под заштита од 1990-тата. Од 2011-тата е заштитен и околниот простор.

Универзална сала во Скопје не е реализирана со посебен проект, туку по веќе постоечка градба во Софија. Но, бидејќи Националниот циркус во Софија изгорел во осумдесеттите, скопската Универзална е единственото сведоштво за тој проект. Обликот и материјалот и на Бетовенхале и на Универзална одговара на најсилната потреба на тогашните граѓани. Тие кои во Бон уште ги паметеа бомбите и тие кои во Скопје уште го имаа во коските стравот од земјотресот. Ним им требаше градба со форма и од материјал кои сугерираат заштитеност и бестежинскост. Само тие кои го доживеаја земјотресот, како и јас, знаат колку долго ние децата се плашевме од цврста градба. Особено од ѕидови од бетон. Универзална, како и Бетовенхале, им го одзема тој страв на посетителите. Нивната форма ги обвива благо во себе. Како мајчинска утроба. Како голем шатор. Дури сега станува јасно значењето на градба од метална конструкција во целосно разурнатото Скопје. Таа беше знак за едно ново Скопје, отпорно на земјотреси.

Бетовенхале со децении беше средиште на уметничкиот, културниот, социјалниот и политичкиот живот во Бон. Во неа се изведуваа делата на Бетовен. Таа е седиштето на бонскиот симфониски оркестар со негово име. Во неа во се одржуваше фестивалот во негова чест. Таа беше и сцена за сојузната бонска политика. Во неа од 1974-тата до 1989-тата четири пати заседаваше Сојузното собрание, кое го избира германскиот претседател. И во Универзална се одржуваа конгреси на КПМ, а потоа и конгреси на денешните политички партии. Кога беше изградена, скопската Универзална беше единствената нова уметничка сцена. Сè друго беше во монтажни бараки: радиото, телевизијата, театрите. Таа имаше терапевтска улога за Скопјани: тие во неа научија пак да се радуваат, да пеат, да слават, да се смеат, да се надеваат. И да не се плашат како ќе излезат од градбата, доколку пак стресе. Знаете ли колку долго ние, децата од земјотресот, се плашевме од скали? Преку градби како Универзална полека учевме дека посилна од разорната сила е дарбата на градителите. Архитектурата се темели врз стремежот на човекот за заштитеност и дом. За многу генерации во Скопје Универзална сала беше дом. Таа одамна требаше да биде под заштита.

Универзална сала, Скопје

Бетовенхале (Beethovenhalle), Бон. Фото: Roland Rossner/DSD

Секако, статусот на споменик не ја спречи бонската градоначалничка 2009-тата да прогласи дека Бетовенхале мора да се урне. Оти не била во „духот на времето“. Била нефункционална, пропадната и стара. А таа стана таква откако градот почна да го одложува итното санирање. Откако Бон повеќе не беше главен град, бонските политичари и градители ги опфати еуфоријата на уривање. Кога политичарите сакаат некој објект да го урнат, тие се однесуваат по ист урнек и во Бон и во Скопје. Го затвораат и го сотаваат да пропаѓа. Меѓутоа, поважно од тоа е дали граѓаните во Бон и во Скопје се однесуваат во отпорот кон политичарите на ист начин. Тогаш реагираше сета германска јавност. ФАЦ го нарече планот за уривање „варварски чин“. Вистинската култура не урива, туку се грижи и одржува. Познатите сали во Бон и Скопје беа жртва на негрижата за нив, заради брзиот заборав кога на луѓето им е подобро. Тие забораваат како почнале и кој им помогнал во неволјата. Меѓутоа, граѓаните на Бон успеаја да го присилат градот да ја промени одлуката. Од тоа може да се поучат и скопските граѓани. Иако имаше отпори од концерни во Бон, кои во Бетовен гледаа „бренд“ и сакаа нова фестивалска зграда. Бон дури распиша меѓународен конкурс за нов објект. Бонските граѓани го одбија конкурсот, на кој проекти понудија имиња како Заха Хадид. Тие не сакаа тоа да биде по цена на уривање на нивната „стара сала“. Бетховенхале се санира од 2016-та до денес во многу скап проект.

Што ги натера бонските власти да се предомислат? Моќниот отпор на граѓаните, на културните институции, на заводот за заштита во Бон и во покраината, на научниците и интелектуалците, на студентите. И Бон и Скопје се универзитетски центри. Со отворено писмо веднаш се огласија професорите и студентите од Институтот за историја на уметност на универзитетот во Бон. Педесетгодишнината на Бетовенхале во 2009-тата тие ја прославија со изложба и симпозиум со учество на назначајните личности од културата и науката. Легендарна е пораката за спас на Бетовенхале на тројца бонски студенти: „наша задача е сега да ги заштитиме од нашите родители градбите што ги градеа нашите баби и дедовци.“ Оваа порака треба да им ја упатат македонските студенти на скопските градоначаници, на вработените во Заводот и во Управата за заштита, на урбанистите, на целото македонско општество.

Во 2009-тата во Бон беше формирано граѓанско здружение за спас на Бетовенхале – ProBeеthovenhalle – кое е активно и денес. Тие ја потсетија јавноста дека таа зграда не им припаѓа на политичарите и на градежните шпекуланти. Таа им припаѓа на граѓаните. Таа немаше да постои без граѓанската иницијатива по војната, затоа што беше изградена по идеја и акција на тогашните бонските граѓани. Од 1950-тата беа одржани многубројни донаторски акции во Германија и во светот. Затоа Бетовенхале им припаѓа на граѓаните што посакаа и сторија сè, таа да стане реалност. На тој факт, на крајот, се потчинија и бонските политичари. Тоа важи и за Универзална. Таа им припаѓа на скопските граѓани и на целиот свет. На сите хумани луѓе што донираа за настраданите Скопјани. Македонските политичари имаат само една задача, пред граѓаните и пред меѓународната заедница: да се погрижат Универзална да се санира, реставрира и модернизира. Но и да се прогласи за споменик на културата, а нејзината околина за заштитена пешачка зона. „Градската култура“ пропишува на концерт да се оди со автобус или со трамвај. Граѓанските германски иницијативи од последните две децении го воведоа поимот „градска култура“ (Stadtkultur). Градовите не се само збир од градби. Тие се знак на посебна култура, живот и паметење.

Роланд Гунтер, историчарот на уметноста и на културното наследство, но и основач на многу граѓански иницијативи против уривање на спомениците на културата и на значајните градби од минатото во Германија, тврди дека само граѓаните се коректив на „уривачите-шпекуланти“. На „општеството на концерните“ може да му се спротивстави само „општеството на граѓаните“, верува тој.

Бетовенхале, Бон. Фото: Klaus Goehring

Извор (платформа „Симпозиум“)

ОкоБоли главаВицФото