Нема докази дека ВМРО-ДПМНЕ изгубила гласови поради пречкртана „Северна“

05.08.2020 23:58
Нема докази дека ВМРО-ДПМНЕ изгубила гласови поради пречкртана „Северна“

И покрај тоа што предизборната коалиција предводена од СДСМ освои 46 пратеници, или два повеќе од коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, не се откажува од намерата да формира влада. Мицкоски тврди дека има легитимитет да добие мандат за формирање на ново парламентарно мнозинство, бидејќи според него, постигнал солиден резултат во услови на многу изборни нерегуларности во режија на власта.

Во таа смисла, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изразува сомнеж во конечниот резултат поради падот на електронскиот систем на денот на гласањето, но пред сè – поради големиот број на неважечки ливчиња.

Ние баравме пребројување на сите гласачки ливчиња и проверка на сите неважечки ливчиња, бидејќи дента пред гласањето, односно за време на молкот, на социјалните медиуми се водеше кампања од нашите противници – пречкртајте го „Северна“. Сакавме да видиме дали тоа е процес кој се случувал бидејќи тоа не значи дека ливчето е неважечко. Ако некој граѓанин го пречкртал „Северна“, а го заокружил бројот пред носителот на листата на коалицијата „За обнова на Македонија“, според законот и Уставот, тоа е јасно изразена волја, без разлика што е пречкртана „Северна“ – рече Мицкоски во емисијата „Што не е јасно“ на телевизијата Алфа (18 минута).

Инаку, опозициската партија преку генералниот секретар, Игор Јанушев, како овластен претставник, поднела два приговора до ДИК кои се однесуваат на постапката на сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори. Како што навела партијата во овие приговори, „бројот на запишани избирачи во избирачкиот список и вкупен број на избирачи кои гласале, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња и вкупен број на неважечки ливчиња објавени од ДИК во заклучокот за објавување на резултатите, не се совпаѓал со бројот на избирачи во избирачкиот список“. Затоа, партијата побара рачно пребројување на сите ливчиња, меѓутоа ДИК ги одби ваквите приговори.

Во образложението на Комисијата, меѓу другото, стои дека првичните изборни резултати се објавуваат сукцесивно врз основа на податоците внесени од страна на избирачките одбори, додека конечните резултати се потврдуваат со увид во записниците кои општинските изборни комисии се должни да ги достават до ДИК. Притоа, ДИК наведува дека секој подносител на листа и партија имаат законско право да номинираат луѓе кои го следат сумирањето на резултатите и воедно можат да предупредат и укажат кон одредена неправилност. Покрај тоа, истакнуваат оттаму, овластените претставници на учесниците во изборниот процес можат да стават забелешка во записникот, или пак, да ги достават забелешките до ОИК и после изготвување на записникот, но такви забелешки немало од ниту една страна, вклучително и од подносителот на приговорот.

Избирачкиот одбор по пополнување на записник образец 16 на овластените претставници на подносители на листи и на акредитирани набљудувачи им дава копија и една копија истакнува на видно место за сите заинтересирани страни да ги видат сумираните резултати. Според член 116 став 3, забелешките се внесуваат во записникот (образец 16 и 21) дадени од членовите на ИО или овластените претставници на подносители на листи во однос на евентуални конкретни неправилности во текот на гласањето и утврдување на резултатите, кои треба да бидат конкретно опишани и истите може да бидат основа за приговор, објаснуваат од ДИК.

Откако Комисијата го отфрлила приговорот, ВМРО-ДПМНЕ се обратила до второстепениот Управен суд, кој, исто така, ја отфрлил нивната тужба, со образложение дека овој поднесок не е поткрепен со докази. Во пресудата со број УРП.бр.«215»/«2020» стои дека ВМРО-ДПМНЕ како субјект кој се јавува во својство на тужител навел оти нивните овластени претставници им доставиле информација дека најголем број од оние 31.466 неважечки ливчиња биле глас за партијата, но не биле регистрирани како важечки бидејќи бил пречкртан зборот „Северна“ од името на државата. На тој начин, како што навела опозициската партија до судот, е прекршен Изборниот законик.

Наспроти тоа, ДИК како тужен орган навел дека избирачот го врши гласањето на тој начин што „го заокружува редниот број пред подносителот на листата, односно редниот број пред кандидатот за кој се определил да гласа, и гласачкото ливче преклопено го става во гласачка кутија, а избирачкиот одбор утврдува дали гласачкото ливче е важечко и за која листа на кандидати е гласано, во присуство на членовите на избирачките одбори, овластени претставници на подносители на листи и акредитирани набљудувачи“. Откако судот извршил увид и во записникот од усната расправа што се водела пред ДИК, одлучил да ја отфрли тужбата на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека ваквите тврдења се неаргументирани и не се поткрепени со материјални докази.

Во образложението на ваквата одлука, судот се повикува на член 115 од Изборниот законик, во кој се наведува: „За важечко гласачко ливче се смета и она гласачко ливче од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за која листа на кандидат, односно листа на кандидати избирачот гласал. Гласачкото ливче е неважечко ако не е пополнето или има заокружено повеќе листи на кандидати или кандидат“.

Оттука, јасно произлегува дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ не се темелат на докази, туку само на наводни информации од овластени претставници во одборите, кои, патем речено, не реагирале во текот на пребројувањето кога вакви гласачки ливчиња, доколку постоеле, се регистрирале како неважечки, ниту ставиле забелешка во записниците.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер