Златно доба на корупцијата

06.08.2020 01:45
Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува.

А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латинистот Лучано Перели во книгата „La corruzione politica nell’antica Roma“, со добро воочената тенденција дека во стар Рим, републиканското уредување многу придонело за развојот на корупцијата. Било речиси невозможно да се направи што било доколку не се поседува „препорака“, а тоа значи дека е платено мито на вистинската личност во синџирот на корупцијата.

Скокот од антиката до денешното време ни го олесни Бранко Милановиќ со освртот на книгата од Јуен Јуен Анг под наслов „Златното доба на Кина“ која зборува за парадоксот на економскиот бум и корупцијата. Таа дефинира четири видови корупција: ситни кражби, надокнада за забрзување на процедурата, тешки кражби и надокнада за пристап до големи проекти. Нејзината теза е дека видот – тешки кражби има позитивно дејство на економскиот раст со тоа што го забрзува административното и политичкото донесување одлуки за големите проекти. Логично е дека во овој круг мора да биде вклучен голем број луѓе од кои зависат одлуките и кои се во состојба да го опструираат градењето сè додека не бидат задоволени нивните барања. Очигледно е дека Милановиќ само ги информира читателите, сомневајќи се во уверливоста на тезата.

Според констатацијата на „Transparency International“ основната цел на корупцијата е јавните средства да ги насочи кон приватни цели со што ја урива меѓусебната доверба, го ослабнува демократскиот систем, го спречува економскиот развој, ја фаворизира нееднаквоста, социјалните поделби и сиромаштијата и влијаее врз еколошкото уназадување на средината. На корупција се подложни јавните службеници, политичари, спонзори, родниниски контакти и секако корпорациите. Без исклучок се јавува секаде кадешто постојат средства и интереси кои овозможуваат под поповолни од легалните околности, прелевање на јавните средства во приватниот сектор. Корупцијата се одвива во сенка, бидејќи е незаконска и покрај политичарите, бизнисмените и медиумите, многу софистицирано ги вклучува и банкарите, адвокатите, агентите за финансиски системи и недвижности, накратко сите кои имаат прилика да ги „приватизираат општествените средства“. Со други зборови, истиот оној процес кој во тнр. социјализам се одвиваше со легална прераспределба, во капитализмот служи за зачувување на тој систем и тоа по нелегален пат, криејќи ја распределбата во прилог на капиталот, а не на граѓаните.

Кризите, економски, здравствени и кои било други, како и војните, од студената до оние со ограничен интензитет се идеална прилика за таков вид распределба. Би било интересно да се види, макар само компјутерска симулација на економската ефикасност на капитализмот, кога би му се укинале тие адреналински инјекции на јавни пари кои сè позачестено избиваат како некоја виша сила. Не тврдам дека капитализмот е синоним за нечесност, но недвосмислено е плодно тло за неа. Треба да се потсетиме на Бранко Хорват и неговите тврдења поткрепени со податоци дека во времето на самоуправувањето, индустрискиот криминал и корупцијата биле сведени на минимални димензии. Се работи за два системи во кои овој вториот сосема извесно е заснован врз поцврсти морални принципи.

Вкупната сума на која светот е уценет да ја плаќа како рекет на светската корупциска мафија спаѓа во оние повпечатливите – 2.600 милијарди долари годишно, според податоците на World Economic Forum. Тоа се 5 отсто од светскиот бруто домашен производ (БДП) и за споредба треба да се наведе светскиот просек на издвојување за образованието кое изнесува вкупно 4,2 отсто од БДП. Значи, годишно на корупција одат повеќе пари отколку за образование на сите деца во светот. Не би можело да се каже дека никој не обрнува внимание на тој погубен расчекор. Од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) до Г7, сите држат состаноци и дискутираат, но мерките кои се носат се без сериозни ефекти. Во 2014 година, во Бризбејн е одржан состанок на Г20 на кој биле резимирани резултатите од промените во 2010 година и констатирано е дека „промените се случуваат во посакуваната насока“. Би било цинично да се праша: во посакуваната насока, но за кого?

Во времето на неврзаните, партискиот функционер Марко Булц изразил желба да присуствува на поставувањето на камен темелникот за пристаниште што ќе го градат југословенски фирми во една африканска држава. Го однеле, секако на тоа му дале и посебно политичко значење и вечерта пред свеченоста, Булц видел како купишта пари ставаат во луксузни кожни чанти направени специјално за таа прилика. Прашал за што се работи и му објасниле дека едната чанта е за министерот, втората за потпретседателот на владата и така по ред, а содржината е нивниот процент – корупција. Булц бил еден од оние комунисти за кои Црњански(1) со својот специфичен дијалект рекол: „Пуштете ги комунистите да веруваат во чесност, а ние да гледаме од што да се живее“. Булц се побунил и кажал дека не сака да учествува во тоа. Му објасниле дека локалните политичари се многу чувствителни, па би можело да се случи целата работа да пропадне ако министерот и останатите помислат дека се навредени ако политичарот ја бојкотира свеченоста. Накратко: работата била завршена на задоволство на обете страни.

Тоа е анегдота, а вистината изгледа поинаку. Генерално, тоа што професорката Јуен Јуен Анг го вбројува во позитивни придвижувачи на економскиот раст, го опишав во текстот „Грандиозно проектирање на корупцијата“.

***

Идеална прилика за анализа е и корупцискиот скандал при изградбата на браната која треба да ги спречи честите поплавувања на Венеција. Како и Мојсеј, затоа и го добила името по него, таа треба да го раздвои морето пред венецијанците и да им овозможи слободно да шетаат крај каналите и кога брановите при плима ќе достигнат три метри височина. Тоа би се направило со еден од најграндиозните инфраструктурни објекти во историјата на Италија. Кога во 1966 година, брановите во плимата биле повисоки од 194 центиметри и направиле големи штети на зградите, продавниците и на градот, било одлучено да не се одлговлекува, туку да се најде решение кое ќе биде не само долгорочно, туку и вечно.

Така настанал проектот „Mosè“ (Мојсеј), кој всушност се крчкал сè до 1984 година, што значи дека некој нешто работел, пресметувал, проектирал, лобирал, експериментирал и секако примал плата за тоа. Цената на проектот непречено се зголемувала секогаш над нивото на инфлација, па од почетните 3,44 милијарди пораснала до сега верификуваните 5,4 милијарди евра (за 60 отсто!), а до следната година кога треба да профунционира ќе достигне до неверојатни 7 милијарди евра. Со децении ги следам случувањата во Италија и не знам за ниту еден проект кој на крајот не стигнал до пресметка значително поголема и од најголемите прогнози.

Јавниот обвинител, Стефано Анчилото резимираше: „Мојсеј е прецизен систем на корупција...уцените биле плаќани дури и кога корумпираниот јавен службеник престанал да работи на тоа работно место, односно кога корумпираниот политичар ја изгубил формалната функција во регионот, зашто и така останува влијателен и корисен за други зделки...Одлично организиран и инфилтриран во сите пори, Мојсеј станал интегриран како единствена компанија на корумпирани и оние што корумпираат. Од 1.250 милиони од првата транша уплатена од страна на државата, неполни 50 отсто не отишле за конкретни работи на терен, туку завршиле на сметките на тесен круг поединци. Вистина, тоа е фаза кога најмногу се вложува во изработка и развој на проектот, меѓутоа, како што наведуваат судиите, тој износ ретко надминува 30 отсто. И една битна карактеристика: речиси ниедна работа не била понудена преку конкурс, туку директно на рака. Оттаму меѓу подоцна уапсените и едно чудо браќа, снаи, другари од детство итн.

За да се спречат манипулациите била формирана мрежа на колаудатори – контролори на точноста на изведбата и трошоците. Нивната цена во работата каде вршат надзор дека се работи законски изнесувала 26 милиони за шефот на групата. Останатите се ситни риби. Џузепе Кача, општински советник во Венеција, на сослушувањето во судот кажал: „Само еден дел отишол за финансирање на работите на терен, додека друг не помалку значаен отишол за финансирање на нешто друго...Целата операција „Мојсеј“ била водена според процедури кои ќе го обезбедат најколосалниот, досега невиден трансфер на јавни пари во приватни џебови“.

Иако досието на оваа афера е преполно со занимливи, а честопати и бурлескни заплети и расплети, сепак за еден општ приказ би требало да го скратиме со скок на финалето на процесот. Џанкарло Галан, тогашниот претседател на регијата Венето, без чијашто согласност, па и организациски способности не би била можна оваа грандиозна пљачка, инаку е економист кој во политиката го воведе Берлускони и го постави прво за министер за туризам и угостителство (така што успеал евтино да си купи еден мал хотел), а подоцна како министер за култура кадешто, вистина, ништо не приватизирал, но тоа му ја отворило вратата да стане претседател на регијата Венето. Од таа позиција отскокнал до функцијата на претседател на Конзорциумот Венеција Нова што му носело приход од милион евра годишно, дури и кога ништо не се работело на проектот. Неговиот заменик во Конзорциумот станал судија на финансискиот суд кој се занимава со контрола на сите приходи и расходи на големите фирми со хонорар од 300.000 евра годишно, а втор заменик му бил регионалниот советник за инфраструктура на регијата Венето со 200.000 евра годишно „приход врз основа на позицијата“. Така се нижел синџирот од 153 лица, меѓу кој и еден полициски полковник – сите завршија пред суд со обвниение за корупција.

Првообвинетиот Галан е осуден на „драстична казна“ од 2 години и 10 месеци домашен притвор, така што само 78 денови од истрагата поминал во затвор со обврска на Конзорциумот да му да врати 2,5 милиони евра – дел од целокупната сума од 15 милиони евра што обвинетите морале да ја платат. Инаку, вилата во која Галан го поминувал домашниот притвор останала во негова сопственост, иако била направена со парите и од работниците кои работеле на браната „Мојсеј“. Што се однесува до браната, сосема е можно таа да проработи идната година и така штетата да не биде слична на застрашувачките бројни архитектонски костури ширум Италија кои потсетуваат на восхитувачките мега проекти, а кои во најголем дел ги финансирала ЕУ што никогаш не профункционирале зашто парите биле украдени пред последната фаза на изградба.

***

Зошто темата за корупцијата е толку актуелна во овој момент? Заради пандемијата. Огромните пари што ЕУ и останатите макродржави имаат намера да ги вложат во заздравувањето и економскиот раст од Брисел преку Вашингтон, Пекинг, Токио и поситните играчи се исто така предизвик за идните корупциски скандали – можеби дури и повеќе од кога било порано. Стана јасно дека за корупцијата нема, ниту ќе има доволно ефикасна брана што ќе го спречи нејзиното надоаѓање. Најмногу се зборува за што ќе бидат трошени импознатните суми пари, но малку се кажува за тоа како тие ќе бидат спасувани од финансиските глодари, кои лазат од сите страни. „Transparency International“ вели дека само до крајот на март, во секторот здравство, на светско ниво корупцијата предизвикала штета од 500 милијарди долари. Според податоците на UNODC, слушбата на Обединетите нации за сузбивање на криминал во здравството, на корупција просечно одат помеѓу 10 и 25 отсто од вкупните инвестиции и тоа најмногу при купување опрема.

Колкава е разликата на позитивните и негативните тенденции најдобро се гледа од споредбата на податоците за стотиците милијарди кои, благодарение на корупцијата, веќе испариле за време на пандемијата, како и според податоците дека за истражување на вакцина против коронавирусот во САД се издвоени 700 милиони долари од јавните фондови, во Британија 20 милијарди фунти и во ЕУ – 47,5 милиони евра на товар на буџетот. Милостина! Јасно е да се очекува дека приватниот сектор ќе вложи далеку повеќе, бидејќи доколку успее да се дограби до вакцината ќе стане чудовишно побогат. Па сепак, тоа барем открива дека распределбата во корист на корупцијата има многу попривилегирана положба. Единственото место каде обидите за лимитирање на нечесноста се видливи е Индија, чија влада воведе отворени телефони за граѓаните да можат да ги пријавуваат аптеките и продавниците што продаваат лекови поскапи од препорачаната цена. Тоа етички звучи привлечно, но е јасно дека се однесува на малопродажбата, а најголемите зделки се прават претходно.

Здравството, едноставно душа дава за корупција од глава до петици. Колку има само анкети во кои граѓаните велат дека без плик не е можно да се добие термин за операција без да се чека повеќе месеци. Значи, од таа почетна инстанца па натаму загрозеноста на животот создава атмосфера на адреналински цени, кога не се прашува колку чини. Парите, барем оние 1.800 милијарди евра што ги издвојува Брисел, тешко дека ќе се појават освен за толку Европа да се задолжи кај приватните банки. Значи теоретски еден ден цела Европа може да се најде на колена пред доверителите кои бараат јасна идентифијација на својата сопственост, односно правата кои сметаат дека им припаѓаат. За тоа време медиумите ќе се забавуваат со измислување на глупави приказни дека Бил Гејтс, Сорос и слични заеднички го трујат Сулејман Угљанин подметнувајќи му отровни антивирус маски.

Посериозни и поопасни се тенденциите атмосферата на хаос и паника да се претвори во политички насилно менување на општествените односи – и пандемијата и корупцијата се идеален повод за тоа. Состанокот на врвот на ЕУ на 19 јули, кога Виктор Орбан му одржа лекција на холандскиот премиер Руте, во Унгарија беше претворен во триумф на нивниот премиер не само врз Руте, туку и врз тенденциите европската капа да се крои во повеќе епицентри. Орбан цврсто верува дека е во состојба да ја прошири Вишеградската група и од неа да направи силно десно крило на Европската унија. Тој на влас дојде со паролата за безпоштедна борба против црвениот терор и корупција. Тоа ме потсети дека многу години пред него, поточно во 1973 година, генералот Аугусто Пиноче изведе државен удар убивајќи го во претседателската палата легалниот претседател на државата, Салвадор Аљенде и уште 1200 до 3200 политички противници по разни собирни центри. Подоцна судски е утврдено дека бројот на убиени и исчезнати е 17.000. Биле ликвидирани сите сериозни политички и деловни конкуренти.

Сето тоа е изведено под паролата на отпор против црвениот терор и корупција. Седумнаесет години подоцна, по демократските избори на Пиноче му беше судено за злосторствата што ги извршил, за насилството и корупцијата, но сенаторскиот имунитет го спаси од затвор. Побегна кај сојузничката Тереза Меј во Британија и дури пред самата смрт му беше одобрено да се врати во Чиле. Посебната на целата операција е во тоа што генералот и диктатор имаше силна поддршка од американскиот претседател Никсон и од Кисинџер. Треба да се спомене и дека десната (неолиберална) економска елита, Милтон Фридман, Хајек и целата Чикашка школа оперативно ја водеа операцијата на заздравување на Чиле. Денес, операции со тие размери не се можни, но амбициите на диктаторите постојат и најлесно се кријат под плаштот на ефикасноста на цврстата рака во борбата против корупцијата. Се разбира, исклучиво нечесна економија не е возможна, но можна е распределбата под нејзно влијание. Она класично и беспоштедно: богатење на богатите и осиромашување на сиромашните.

(1) Уверен сум дека цитираниот дел сум го прочитал кај Сава Косановиќ, но не ми успеа да го најдам и да го цитирам изворот. Според тоа може да ми се верува на збор, но и не мора.

Слики: Michael Page

Извор: pescanik.net

 

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Активизам / Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото