Циничен приказ на Холивуд

06.08.2020 11:16
Циничен приказ на Холивуд

 Меѓу педесетте најзначајни американски ноар филмови на сите времиња секако се вбројува „Булевар на самракот“ по сценарио и режија на Били Вајлдер (1950), филм кој во 1989 година е сместен во првата група остварувања одбрани за чување во Националниот регистар на филмови на Конгресната библиотека во САД и редовно се наоѓа на листата на 100 најдобри американски филмови од 20 век.

Во август „Булевар на самракот“ одбележува 70 години од премиерното прикажување во Radio City Music Hall во Њујорк. По седум недели прикажување станува најуспешниот филм на киното во тоа време. Номиниран е за 11 „оскари“, а на Вајлдер му го носи „Оскарот“ за најдобро сценарио, но она што е позначајно е што ги поместува границите во тематиката на холивудскиот филм, иновациите во ноар, менување на парадигмата и перцепцијата за филмската дива, но и за женскиот лик во многу сфери од она што се нарекува забавна индустрија.

Филмот е најамбициозниот и најхрабриот филм на Вајлдер во кој ја разработува својата поетска и тематска преокупација – циничен приказ на Холивуд како „фабрика на соништа“, односот стварност-илузија, а таквиот свет на лаги ја предодредува судбината на главните ликови. Токму од почетокот на педесеттите Холивуд ги зафаќа бран на авторефлексивни филмови од големи режисерски имиња: покрај Вајлдер, тука се Стенли Донен со „Пеејќи на дождот“ (1952), Џорџ Кјукор и „Ѕвездата е родена“ (1954), Винсенте Минели и „Град на илузии“ (1952), „Босоногата контеса“ на Џозеф Манкијевич (1954) и др. Главните улоги во „Булевар на самракот“ им се доделени на Вилијам Холден, Глорија Свансон и Ерих фон Штрохајм, а приказната се фокусира на млад сценарист, кој бегајќи од своите лихвари, стасува до вилата-мавзолеј на заборавената ѕвезда на немиот филм Норма Дезмонд (Свансон) и станува нејзин љубовник, но и заложник. Инаку е првиот високобуџетен филм кој тематизира љубовна врска помеѓу жена со помлад маж, иако секој физички контакт претставува табу, па дури и кога е искрен или платонски.

Она што е карактеристично е што во периодот од 1944-тата кога Вајлдер го снима „Двојна измама“ и педесеттите кога се свртува кон комедиите, како „Седум години верност“, „Сабрина“, „Некои тоа го сакаат жешко“ и „Апартман“ е што „Булевар на самракот“ директно се бави со опсесијата, неуспехот и лудилото.

Филмот започнува со славната сцена во која мртвиот Џо Гилис (Холден) ја раскажува својата приказна. Одлика на стилот на Вајлдер е иронијата и црниот хумор, честата употреба на нарација, кинематографски алузии и интертекстови, но и ликовите кои се обидуваат на некој начин да го променат својот идентитет и да станат нешто друго. Од вкупно 26 филмови кои ги снимил, во дури 18 дејствието е плод на некоја измама и илузија која е основата на приказната, а физичкото преправање секогаш е во корелат или плод на некоја длабока душевна криза на идентитетот. Репрезентацијата на карактерите (вклучувајќи ја мулти-репрезентацијата или искривувањето и маскирањето) е движечкиот мотив во неговата визија и верзии за ноар. Тоа преправање секогаш е неколкукратнo – во „Булевар на самракот“ Норма покрај подмладувањето секојдневно во својот дом ги игра и улогите од своите филмови, а во една сцена го забавува Џо преправена во Чарли Чаплин.

Норма Дезмонд е неспособна да обожува некој друг освен себеси и преку различните улоги кои ги менува низ дејствието – мајка, љубовница, господарка ја прави една од најбизарните ликови во филмската историја. Ерик фон Штрохајм, славниот режисер го игра молчаливиот батлер Макс, кој во минатото бил голем режисер со кого Норма соработувала. Крајниот цинизам на сценариото делумно е ублажен со карактеристичниот црн хумор. Таква е, на пример, славната сцена на полноќниот погреб на мајмунот, галеничето на Норма или фантомската игра со карти во која учествуваат вистински ѕвезди на немиот филм кои се играат себеси, како Бастер Китон, Ана К. Нилсон, Сесил Б. Де Мил, колумнистката Хеда Хопер, а самата Свонсон ја коментира супериорноста на немиот во однос на звучниот филм гледајќи сцени од својот недовршен филм „Кралицата Кели“, режиран токму од Фон Штрохајм. Сцената во која му танцува на Де Мил во улогата на Саломе сведочи за опседнатоста на Холивуд со младоста и убавината. Нејзината радост произлегува оттаму што таа повторно дејствува и верува дека е повторно релевантна.

Во бројните анализи на историјата на филмот е истакната транзицијата која ја има филмот, односно преминот од нем во звучен филм, што е секако најголемата преобразба дотогаш во филмската индустрија, но и начинот на кој функционира едно модерно филмско студио. „Булевар на самракот“ е циничен поглед на филмската метропола и интересно е што самиот Вајлдер, сценарист и режисер во студиото „Парамаунт“ уште од доаѓањето во САД, создава филм за писател на тривијални филмски приказни, свесен дека и покрај сиот свој успех во индустријата лесно може да заврши како ликот кој самиот го креирал. „Булевар на самракот“ се анализира и како дел од филмскиот диптих посветен на Холивуд што Валјдер го продолжува во „Федора“ (1978), неговото претпоследно остварување и последна соработка со Холден. „Федора“ e затворање на кругот и реквием за една ера, дамнешниот гламур и вистинските филмски ѕвезди, но и конечниот крај и најавата на Новиот холивудски филм. „Булевар на самракот“ иронично ја инаугурира најплодната творечка деценија, додека вториов е последната прослава на Валјдер како автор и анти-автор.

Били Вајлдер сè уште се наоѓа во врвот на најоригиналните филмски режисери  најмногу поради новиот имиџ кој филмските ѕвезди го стекнаа по соработката со него. Поместувањето на родовите матрици кај него се случува во време на огромна цензура во САД. Вајлдер не ù удрил шлаканица на пуританска Америка единствено со кршењето на сексуалните табуа, туку и со темата на огромната сиромаштија и зависностите. Филмот и телевизијата како најмоќни медиуми во тој период го создаваат феноменот на масовното општество, масовната култура, која била подготвена да се соочи со вакви теми. Премолчуваните теми за првпат ù беа презентирани на милионската публика, а преку филмот се постигна еден вид естетизација на политичките текови.

Во 1993 година „Булевар на самракот“ првпат е адаптиран во мјузикл по партитури на Ендру Лојд Вебер и премиерно е прикажан во Лондон со Пати Лу Понво насловната улога. Истата година Глен Клоуз ја портретира Норма Дезмонд во Лос Анџелес, а наредната година и на Бродвеј и оваа изведба е добитник на 7 награди „Тони“.



Првично објавено во „Филм +“ бр.39/40, јули/август 2020