1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Во САД во моментов привршува најважниот процес за избор на претседателски кандидат/ка. Според традиционалната мудрост позицијата потпретседател е промоција во слепа улица. Теодор Рузвелт беше протуркан како потпретседателски кандидат во 1899 година за да биде отстранет од њујоршката политика каде се бореше против клиентелизмот. Помалку од половина век подоцна, неговиот лик беше исклесан на планината Рашмор. Од 44 личности кои беа американски претседатели една петина од нив (деветмина) станаа претседатели откако нивните претходници умреа, поднесоа оставка или ги отслужија мандатите.
Американските претседатели дури пред помалку од еден век почнаа да учествуваат на седниците на владата, а во последните педесет години почнаа да им се делегираат сѐ поголеми одговорности (при што исклучок е односот на Трамп и Пенс). Џо Бајден и покрај долгата кариера најмногу се прослави како најпопуларен потпретседател во современата историја. Обама му даде голем авторитет во однос на внатрешните и надворешните прашања и можеше да се смета за речиси американски копретседател. Многу е веројатно дека во случај на победа тој тренд и ќе се прошири заради големите проблеми во САД во моментов. Изборот на потпретседателска кандидатка никогаш не бил поважен.
Процесот за избор е најтемелниот во американската историја, а потесниот избор трае веќе четири месеци. Демократската изборна конвенција е на 17 август, а името на потпретседателот по правило се објавува во првата недела од август. Тогаш американската јавност, како и светот, ќе го дознае името на првата американска (пот)претседателка.
Изборите во 2020 година
Минатите претседателски избори во Америка беа впечатливи заради историската непопуларност на двата главни кандидати. Многу анализи на изборите во 2016 година нагласуваат дека одлучувачки фактор во победата на Трамп е излезноста на гласачите за своите кандидати. Додека Трамп во својот антиестаблишментски дух ја обезбеди излезноста на своите гласачи, настојувањето на медиумите да ги избалансираат скандалите на Трамп со оние на Хилари Клинтон наведе еден дел од демократските гласачи да не излезат на избори. Тоа се покажа како важно во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин каде Трамп ја победи Клинтон со 80.000 гласови разлика.
Оваа година гласачите на кои им се омразени двата кандидати се трипати понаклонети да гласаат за Бајден отколку за Трамп. Не се ни толку бројни како во 2016 година, но тоа не значи дека претстојните избори за Демократите се лесна битка. Дури 50 проценти од гласачите изјавуваат дека сигурно нема да гласаат за Трамп, но тоа го изјавуваат и 39 проценти од гласачите за Бајден. Американците се уверени дека постојат тајни гласачи на Трамп кои се срамат да признаат дека ќе гласаат за него иако Бајден води надмоќно. Според едно истражување, 44,8 проценти од Демократите веруваат дека ќе победи Бајден, а 41 процент дека ќе победи Трамп.
И покрај тоа, истражувањата покажуваат дека американските гласачи се далеку од летаргични. Според неодамнешната анкета на Ен Би Си и Волстрит Журнал, дури 77 проценти од анкетираните (80 проценти Демократи, 74 проценти Републиканци) изјавиле дека се многу заинтересирани за изборите, што е бројка која последен пат е достигната во последниот месец на изборите во 2012 година. Дури 72 проценти од гласачите сметаат дека земјата оди во погрешна насока. Следењето на гласачите утврди дека нивниот ентузијазам расте брзо. Кон средината на месецов 46 проценти од гласачите беа поентузијастични за овие избори од минатите. Само две недели претходно таа бројка беше 40 проценти, а еден месец пред тоа 28 проценти.
Многу е тешко да се процени реалниот учинок на медиумското покривање на граѓанските немири. Неодамнешниот научен труд за протестите за граѓанските права од шеесеттите години укажа дека ненасилните протести го зголемија уделот на белечките гласови за демократските кандидати на изборите за 1,6-2,5 проценти, но насилните го зголемија уделот на гласовите за републикнските кандидати од 1,6 до дури 7,9 проценти. Според сценариото од истиот труд ако немаше насилни протести после убиството на Мартин Лутер Кинг изборите во 1968 година ќе ги добиеше претседателот Хамфри.
Стар кандидат во време кое бара свежи идеи
Спротивно на очекувањата во трката за демократска номинација доминираа постари кандидати. Најпосле поведе Џо Бајден кого многумина на почетокот го отпишаа како хартиен тигар. Неговата изборна порака беше насочена кон центарот, а самиот Бајден пред коронавирусот и антиполициските протести изјави дека американскиот народ не сака револуција туку постепени реформи. Бајден по повод протестите заради убиството на Џорџ Флојд предложи полицијата да се учи да пука во нозе, не во тело. И на малку упатените им е јасно дека Бајден е отуѓен од zeitgeist-от на сопственото гласачко тело. Останува нејасно колку е уверен дека неговата внатрепартиска победа е резултат на искрената гласачка наклонетост кон промислените технократски реформи, а не на пренадуваната политичка сцена.
Кампањата на Бајден го изгуби наративот - јавноста се шегува со него како со сенилен и чуден кандидат. Во 2016 година Трамп беше напаѓан како премногу стар, но Бајден е уште постар и ќе има 78 години на почетокот на својот мандат додека Трамп таа возраст би ја достигнал дури на крајот од својот втор потенцијален мандат (Роналд Реган, најстариот американски претседател после Трамп, го заврши својот втор мандат на 77 години).
Според неодамнешните истражувања, 52 проценти од гласачите барем делумно се уверени дека Бајден е здравствено способен за функцијата претседател додека 45 проценти истото го мислат за Трамп. Ситуацијата се свртува кај цврстата увереност - 33 проценти од гласачите се цврсто уверени дека Трамп е способен наспроти 23 проценти кои го мислат истото за Бајден. Идентично е со прашањето за закрепнувањето од пандемијата - гласачите на Трамп се понаклонети да бидат цврсто уверени (33 проценти наспроти 14 проценти делумно уверени) во способноста на својот кандидат да го води закрепнувањето. Тоа ја открива ранливоста на моменталната голема предност на Бајден над Трамп.
Истражувањата покажаа дека изборот на претседател има занемарлив учинок на можната промена на гласовите, но има значаен учинок на довербата на граѓаните спрема кандидатите, а со тоа и на излезноста. Трамповиот избор на Мајк Пенс ги смири стравовите на конзервативната база републиканци, а кога Мекејн ја избра Сара Пејлин ја наруши темелната порака на неговата кампања дека е поискусен кандидат од Барак Обама. Стравовите дека Бајден би можел да умре за време на својот мандат се оправдани, а дури и во случај да не умре лесно е можно да не бара втор мандат. Затоа, во случај на победа на Бајден името на потпретседателката речиси сигурно е и името на првата американска претседателка. Делумно заради тоа, но и делумно заради шокот од изборите во 2016 година, кампањата на Бајден спроведува нетипично широки консултации околу потенцијалниот потпретседателски кандидат.
Уште на самиот почеток на изборната кампања Бајден изјави дека ќе му даде предност некому кој е „со друга боја на кожа и/или друг пол“, а во дебатите од март годинава како одговор на прашањето како неговата влада ќе обезбеди најдобра политика за прашањата за благосостојба на жените, Бајден се обврза дека за свој потпретседател ќе избере жена: „Ако ме изберат за претседател, мојата влада, мојата администрација ќе изгледаат како земјата и се обврзувам да изберам жена за моја потпретседателка. Има бројни жени кои се квалификувани уште утре да станат претседателки“.
Иако се шпекулира дека неговата кампања целно ја провлекува мистеријата околу потпретседателското место заради одвраќање на вниманието од конкретните политички прашања, самиот процес тече проблематично. Изминатите месеци заради коронавируст не беше можно како претходно да се тестира политичката хемија на јавноста со кандидатот. Кога САД почнаа да се отвораат после Велигден, во земјата почнаа долготрајни и упорни нереди поттикнати од убиството на Џорџ Флојд што повторно ја ресетираше изборната пресметка на Бајден.
Ејми Клобучар
Ејми Клобучар - жртва на антиполициските протести
Сенаторката Ејми Клобучар беше една од фаворитките но после почетокот на протестите мораше да се повлече. Клобучар се покажа вешта во дебатите и тактички го поддржа Бајден пред Супер-вторникот по што Бајден стана водечки кандидат. Следеше загадочниот гаф кога во Мичиген изрази задоволство што „му се придружила на Бајден“ што покрена шпекулации дека тргувала со својата поддршка за местото потпретседателка.
Еден од најголемите адути на Клобучар беше нејзината кариера на јавен обвинител која ја лансираше во политиката како личност заслужна за намалување на криминалот. Потоа трипати беше избрана за сенаторка и претставува една од политички најискусните кандидатки. Нејзиниот избор на Демократите би им гарантирал победа во нејзината матична Минесота, а популарна е и во други држави во САД во кои плодно одекнаа ветувањата на Трамп за протекционизмот и градењето на ѕидот. Во раните анализи се гледаше како демократски адут со кој би ги преземала работничките гласови од Трамп. Но, Клобучар зад себе немаше ниту поддршка од прогресивните демократски сили ниту од малцинствата туку само поддршка од некогаш угледниот Њујорк Тајмс (кој, необично, заеднички ги поддржа Елизабет Ворен и Ејми Клобучар со гест за заговарање единство).
Новинарските истражувања разоткрија дека Клобучар како обвинителка игнорирала обвиненија против повеќе полицајци кои се осомничени за расизам и претерана употреба на сила. Бидејќи Флојд беше убиен во нејзината држава, неговото убиство ѝ пресуди на нејзината кампања. Пред еден месец, на 18 јуни, мораше да се повлече, предложувајќи Бајден да избере црна кандидатка за да ја „опорават оваа нација“.
Гречен Витмер
Гречен Витмер - минлив тренд
Моменталната гувернерка на Мичиген, 48 годишната Гречен Витмер по многу нешта е слична на Ејми Клобучар како кандидатка. Витмер стана национално препознатлива заради јавното препирање со Трамп околу пандемијата и затоа беше на потесната листа со кандидати.
Витмер доаѓа од семејство државни службеници, а има завршено право. Се обиде неуспешно да влезе во политиката во деведесеттите, но успеа дури на почетокот од векот. Стана претставничка, а потоа и сенаторка во Мичиген. Во дебатата за абортусот во 2013 година Витмер откри дека била жртва на сексуално насилство што ѝ донесе национална препознатливост. Стана гувернерка на Мичиген во 2018 година со изборна платформа во која ветуваше дека „ќе ги поправи проклетите патишта“. Демократската партија ја препозна како ѕвезда во подем и оваа година држеше говор како одговор на говорот на Трамп за состојбата на нацијата.
Вистинската медиумска слава допрва следеше кога во април ја нападна администрацијата на Трамп заради катастрофалниот одговор на пандемијата. Следеше ерупција на бес на Трамп на Твитер, а пред вратата на нејзината канцеларија се собраа вооружени демонстранти. Токму контрастот помеѓу полицијата која ги толерираше вооружените демонстранти во државната зграда на само неклку метри од гувернерката наспроту бруталното гушење на мирниот иницијален протест после убиството на Џорџ Флојд го подгреа бесот ширум САД против однесувањето на полицијата.
Витмер би била проблематична кандидатка и без моменталните кризи. Економијата на Мичиген е во тешки проблеми, а традиционалната автомобилска индустрија укинува работни места. Се очекуваше Мичиген да почне да закрепнува дури оваа година, но се случи Ковид-19. Своето ветување дека ќе ја поправи инфраструктурата сакаше да го финансира со зголемување на трошоците за гориво што наиде на универзален отпор кај гласачите и политичарите од двете партии. Витмер е под сомнение дека на нејзините прашања за здравството големо влијание вршат лоби групите. Нетипично за својата држава се противи на универзалното здравствено осигурување, а многумина тоа го доведуваат во врска со нејзиниот татко кој 18 години беше директор на огранокот на федерацијата на здравствени осигурувачи Блу Крос која осигурува една третина од Американците.
Витмер секогаш беше на дното на листата со кандидати, а од јуни нејзиното име едноставно престана да се споменува.
Камала Харис
Камала Харис - најочигледен избор
Сенаторката Деви Камала Харис од Калифорнија се сметаше за сериозна кандидатка на овие претседателски избори речиси од почетокот на својата кампања за Сенатот во 2016 година. Помладото население во неа гледа Обама на новата генерација. Со мешано индиско и јамајканско потекло, таа е една од трите црни сенатори во моментов и само втората избрана црна сенаторка во историјата. Во изминатите неколку години беше видлив дел од сите конгресни истраги. Ги испитуваше Марк Цукерберг, Брет Кавано и Бил Бар. За генерација е помлада од моменталните лидери (има 55 години), нејзиното име е многу препознатливо и технички е афроазискоамериканка. Има повеќе политичко искуство од повеќето кандидати и се покажа како мошне вешта во соочувањата.
На изненадување на многумина Харис потфрли зашто нејзината кампања немаше ниту кормило ниту кормилар. Кампањскиот персонал повеќе се бореше меѓу себе отколку што се занимаваше со кампањата. И покрај широката поддршка и мошне успешниот напад на Бајден во првата демократска дебата, нејзината популарност брзо се стопи. Не беше единствената женска кандидатка ни единствената црна ни единствената кандидатка за ред и мир. Заради одбивањето да се позиционира на демократско либерално-прогресивниот спектар нејзината кампања заврши во спиралата на смртта па во ноември 2019 остана без пари. Кандидатот прифатлив за сите е ничиј фаворит.
Крајот на претседателската кампања го замени сигурното уверување дека ќе стане потпретседателска кандидатка. Со месеци Харис е главен избор на аналитичарите и предиктивните пазари. Нејзината популарност и амбицијата се закануваат да го засенат Бајден уште од заедничкото истапување на сцената. Донекаде во прилог ѝ оди пријателството со покојниот син на Бајден (поранешниот главен обвинител Делавер) со кој соработуваше во преговорите со банките за Големата рецесија.
И покрај својата импресивна биографија Харис има недостатоци. Шест години беше главна обвинителка во Калифорнија, а пред тоа во Сан Франциско. Во муграта на својата претседателска кампања беше нападната во Вашингтон Пост зашто често беше на „погрешната страна на историјата“. Поддржуваше тешки казни за злосторствата поврзани со наркотици и други престапи (што несразмерно се рефлектираше на малцинствата), го бранеше постоењето на смртната казна и се противеше на регулацијата на полициските телесни камери. Затоа Харис ја помина речиси целата претседателска кампања исправајќи го својот јавен имиџ и нагласувајќи го својот полиберален сенатски поглед на правосудството и полицијата. Кога земјата ја погоди коронавирусот се фокусираше на темата дека тоа потешко ги погаѓа непривилегираните малцински заедници.
Стратешки гледано, проблематично е што е од Калифорија која е безбедна демократска држава. Секогаш постои можност Бајден да избере друга кандидатка наместо очигледната Харис зашто алтернативата би му обезбедила и неколку важни проценти од гласачите во некоја компетитивна држава. Некои ја гледаат Харис како демократски еквивалент на Џеб Буш, Мит Ромни или Марко Рубио - кандидати кои според биографиите се моќни, но неавтентични заради своите вештачки обиди да им бидат прифатливи на сите.
Елизабет Ворен
Елизабет Ворен - глинен прогресивен колос
Сенаторката Елизабет Ворен заедно со Клобучар и Харис беше третата од трите политички најмоќни кандидатки за номинација. Јавната кариера на Ворен е тесно поврзана со прашањата за економската нееднаквост. Речиси целата кампања на Ворен беше позиционирана како изводлива прогресивна алтернатива на Берни Сандерс, а нејзиното изборно мото беше дека „има план за сите“. Ворен упорно останува високо позиционирана во истражувањата на јавното мислење на гласачите зашто прогресивната фракција се надева дека Бајден ќе ѝ попушти на нејзината прогресивна политичка програма. Неговата кампања веќе усвои делови од изборната програма на Ворен, особено нејзиниот предлог за измена на законот за банкрот. Банкротот беше нејзин стручен интерес уште од академските денови, заговараше реформа, а главен партиски противник ѝ беше токму Бајден.
Ворен како кандидатка особено страда заради својот интегритет и идентитет. Има 71 година, бела е и доаѓа од либералниот Масачусетс. Како универзитетска професорка од повисокиот среден слој е дел од привилегираниот слој, а не од сиромашните Американци кои се чувствуваат предадено. Нејзините тврдења дека кариерата ѝ страдала заради мајчинството се покажуваат како неточни, исмеана е заради наодот за делумно индијанско потекло, а неславно го обвини Сандерс за мизогин коментар дека жените не можат да станат претседателки, што веднаш беше наречено проѕирен потег. Иако Ворен систематски го напаѓаше влијанието на големите пари во политиката и ветуваше дека ќе одбие пари од Силиконската долина, тоа го напушти кон крајот на февруари. Подоцна беше откриено дека нејзианта кампања во последен час добила поддршка вредна повеќе од 15 милиони долари од една повлечена лекарка од Силиконската долина.
Еден од најгласните наративи за изборите во 2016 година беше дека поборниците на Сандерс не гласаа на изборите за Клинтон и повторување на истата ситуација треба да се спречи. Политиколошките студии покажуваат дека таквите анализи на изборите од 2016 година претерано го нагласуваа неизлегувањето на прогресивците заради нивната голема видливост во медиумите. Освен што Ворен се смета за премногу лева и одбивна за гласачите, многу поважно е што им е одбивна на донаторите. Тие на почетокот од кампањата почнаа да се приближуваат кон Камала Харис, потоа кон Пит Бутиџиџ, а дури потоа кон Бајден. Постои оправдан страв дека многу донатори не би се ангажирале околу Бајден ако неговата наследничка ги зголеми даночните стапки. Администрацијата на Трамп можеби е катастрофална, но настојува да му биде пријател на Волстрит.
Тами Дакворт
Тами Дакворт - ветеранка од државата на Обама
Тајландско-американската сенаторка Тами Дакворт пред 15 години ја доживуваа како сигурен претседателски материјал, кандидатка која би ги обединувала патриотите и еднаквоста. По таткова линија, нејзиното семејство има војничка традиција уште од Американската војна за независност, а со образованието и интересот силно е поврзана со стратешки важната Азија. Има единствена приказна како воена ветеранка од Ирак каде ги загуби двете нозе. Обидот за брзо влегување во Конгресот не успеа зашто во 2006 година ги загуби изборите, но беше именувана во локалното министерство за ветерани. Во Конгресот влезе како претставничка во 2012 година, а како сенаторка во 2016.
Таа е една од ретките демократски политичарки која е прифатлива за злогласната НРА, а натпросечно е активна како законодавка. Освен своето војничко искуство, Дакворт ја нагласува својата улога на мајка. Стана првата сенаторка која родила дете во својот мандат. Слабостите на 52 годишната Дакворт лежат во нејзината незабележливост. Нема иницијатива. Патриотизмот и воената служба извесно време веќе не се важни делови од американската јавна дискусија, а во другите области ја засенуваат останатите кандидатки. Нејзиниот матичен Илиноис се смета како сигурна држава за демократите па затоа поизгледно е можната демократска администрација да ѝ понуди министерство. Најпосле, од „погрешна“ раса е во контекст на овогодинешните случувања.
Тами Болдвин
Тами Болдвин - либерален идол од Висконсин
Сенаторката од Висконсин се смета за избор кој би ги воодушевил либералите. 58 годишната Тами Болдвин е прва отворено лезбејска сенаторка во американската историја и се истакнува со својата доследна либерална политика. Покрај Ворен е најмоќната бела кандидатка за потпретседателка. Во својата држава (инаку локација на надоаѓачката виртуелна Демократска конвенција) победи низа моќни републкански кандидати. На последните избори (2018) звучно ја победи републиканката Леа Вукмир за дури 11 проценти, притоа добивајќи 17 рурално-работнички окрузи кои во 2016 година гласаа за Трамп, со тоа докажувајќи дека може да ја придобие работничката класа. Висконсин е една од најкомпетитивните држави во САД која во последните две децении петпати ја промени доминантната партија.
Нејзината животна приказна резонира со младите гласачи. Нејзините родители се раздвоиле кога се родила, а мајка ѝ страдала од ментални проблеми и зависности со опијати. Болдвин ја одгледале баба ѝ и дедо ѝ, а завршила право. Во деведесеттите години беше претставничка во Висконсин, а 1999 година стана претставничка во Конгресот, а од 2012 и сенаторка. Веќе со децении систематски и гордо поддржува бројни прогресивни иницијативи. Заговара имиграциска реформа која илегалните доселеници би ги претворила во легални граѓани, се противеше на војната во Ирак и јакнењето на овластувањата на разузнавачките агенции. Најсистематска е во поглед на здравството каде се залага за државно здравствено осигурување, регулација на цените на лековите и борба против епидемијата со опијати. Моментално работи на предлог закон кој би ја проширил заштитата од дискриминација на работното место, сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Иако е од „погрешна“ раса, Болдвин е една од авторките на демократскиот законски предлог за полициска реформа, а рано и интензивно се вклучи во критиката на полицијата после убиството на Џорџ Флојд. Според темпераментот му одговара на Бајден зашто е смирена и соработлива и не би му го одземала медиумското внимание. Повеќето гласачи сакаат да ја видат Болдвин како кандидатка заради соочување со моменталниот мошне конзервативен потпретседател Мајк Пенс. Нивните кариери и ставови се речиси идентични, а аналитичарите веќе ја нарекоа хипотетската потпретседателска дебата медиумски настан на годината.
Нејзиниот избор би ја избалансирал платформата на Бајден така што повеќе ѝ одговара на демократската коалиција. Заради околностите, Висконсин е една од државите која и покрај конфликтот на Демократите и Републиканците е под националниот просек според последиците од коронавирусот (иако таму починаа 855 лица) и Болдвин не е загрозена по тоа прашање.
Изборот на Болдвин за изборна партнерка на Бајден би им донел потенцијални проблеми на Демократите во Сенатот. Со нејзиното заминување во Сенатот ќе мора да се распишат вонредни избори во 2021 година. (Висконсин е една од сојузните држави во кои гувернерот не именува заменик), а нејзиното место не е сигурно за Демократите. Вонредните избори имаат тенденција да им бидат од корист на партиите во опозиција што би значело дека и покрај потенцијалниот успех на изборите Демократите веројатно би изгубиле еден клучен глас следната година.
Извор: http://ideje.hr