Реактор: Мнозинството директори на училишта, наставници и родители се за настава во училница

07.08.2020 15:28
Реактор: Мнозинството директори на училишта, наставници и родители се за настава во училница

Мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и учење на далечина. Ова се мислењата засновани на прелиминарните резултати од истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ реализирано од страна на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и партнерот Реактор – Истражување во акција.

Повеќе од половината (59 проценти) од директорите изјавиле дека се согласни да се држи настава во училиштата, согласно донесените протоколи. Околу половината од наставниците во средните училишта (48 проценти) и наставниците во основните училишта (58 проценти) се исто така согласни да се реализира наставата во училиштата. Од родителите, 46 проценти се согласуваат да има настава со физичко присуство, додека пак 35 отсто бараат комбиниран пристап, со распоред по денови или одделенија. Деветнаесет отсто сакаат да се држи настава од далечина преку интернет платформи.

„Има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта, со долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата. Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат“ вели Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Истражувањето на Реактор покажува дека повеќе од половината, 67 проценти од училиштата во рурална средина, односно 55 проценти од училиштата во урбана средина, потврдиле дека во нивното училиште има услови за одржување на мерките за физичка дистанца.

„Со почетокот на новата учебна година, Бирото за развој на образованието, ќе овозможи соодветна поддршка на наставниците да можат успешно да се справат со предизвиците и, заеднички, да успееме не само да го одржиме, туку и да го подигнеме квалитетот на наставата и учењето“ истакнува директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи.

Имајќи го предвид досегашното искуство, 68 отсто од директорите сметаат дека е потребна обука за наставниот кадар за платформи прилагодени за оценување, додека пак 64 отсто од наставниците се децидни дека се неопходни дигитални едукативни материјали прилагодени на наставните единици. Но и професорите од основно (61 проценти), но и наставниците од средно (54 проценти) се согласни дека е неопходен пристап до опрема и техничка поддршка.

На прашањето дали МОН треба да прилагоди една национална веб-платформа (пр. како е-дневник или Едуино), која со одредени прилагодувања ќе можат да ја користат сите училишта за онлајн настава и тестирање, 94 односно 82 проценти од директорите т.е наставниците одговориле потврдно.

Во однос на претходното искуство, 37 отсто од родителите сметаат дека учењето од дома било делумно ефективно, додека пак 57 проценти од директорите оцениле дека искуството со организирање настава од далечина е добро, за разлика од наставниците, кои 47 отсто кажале дека искуството е ниту лошо, ниту добро.

Искуствата на наставниците укажуваат дека се зголемил бројот на ученици кои имаат потешкотии да го усвојат наставниот материјал, а со дел од учениците училиштето имало тешкотии да воспостави контакт. Од наставниците, 54 проценти кажале дека се зголемил бројот на ученици кои имаат потешкотии да го усвојат наставниот материјал, додека пак 44 отсто потенцирале дека додека се одвивала наставата од далечина, на почетокот имало случаи кога училиштето не можело да оствари контакт со учениците/родителите, но подоцна успеале да остварат контакт.

Дел од поентите кои се истакнуваат во истражувањето се дека 60 проценти од учениците не го сфаќале сериозно учењето од дома. Повеќе од половината, 58 проценти од учениците не ги следеле задолженијата и било тешко да се мотивираат. Што значи дека половина од наставниците се соочиле со потешкотии поврзани со демотивираност и нередовност кај учениците.

„На почетокот на децата им беше забавно, но потоа како што поминуваа неделите, ги гледавме, некоја апатија се ствараше кај нив, за на крајот да бидат толку изморени едвај чекаа да се заврши сè“ изјавила професорка во средно гимназиско училиште“.

Првичните резултати од истражувањето на тема „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ се засновани на онлајн анкета спроведена во јуни и јули на која одговориле 210 директори на училишта, 6.400 наставници и 3.400 родители.

 Извор: Мета.мк