Чоколада

08.08.2020 13:36
Чоколада

Познато е дека Ацтеките на Кортес потешко му давале плодови од какао отколку злато: за возврат Шпанците не скржавеле во пренесување бактерии, вируси, алкохол и опиум за народ. Европската агресивност како да не била ограничена само на луѓето, од џебовите на конквистадорите паѓале семиња на европска трева, за која челустите на бизоните не биле адаптирани, па се создавале прерии кои белиот човек ќе ги најде еден век подоцна, а по нив јуреле подивени коњи со европско педигре. Меѓутоа, чоколадата не го освоила така напреку стариот континент.

Ако компирот, кукури шеќерот целосно ја промениле европската диета и луѓето ги направиле поголеми и подебели, чоколадата како рафинирана ацтечка одмазда, на промената ѝ додала и вкус на грев. Во изобилството на будалести диети со кои Европјаните и нивните прекуморски потомци се обидуваат да се спасат од последиците на колнијалната вина, сè уште не е измислена диета врз база на чоколада. Ниту пак некогаш ќе биде. Чоколадата останала упориште на конечната идеолошка неадаптабилност на другиот, деиндивидуализиран и експлоатиран.

Големите европски идеолошки комплекси впрочем ја поделиле чоколадата на протестантска (швајцарска, англоамериканска, германска) и католичка (француска, италијанска). Додека првата ја одликува обилно мешање со млеко и семиотичка поврзаност со децата и семејните празници, оваа другата отворено се одликува со еротизам и принцип на уживање. Горчливата чоколада, белата чоколада, труфи кои не можат да се замислат без прилична количина коњак, профитероли направени од минимално количество на брашно и јајца, воздух и физички закони и се разбира, од чоколада, потоа пената од чоколада (mousse) која речиси е во доменот на магијата и алхемијата – тоа се само некои од појавните облици на чоколадниот грев во католичка варијанта. Моцарт куглите или англиските „After-eight“ чоколади се единствени обиди за воведување на чоколадата во светот на возрасните. Впрочем, само во католичките земји чоколадата ја обликуваат, ги прават омотите и ја продаваат модни креатори. Англиското поимање на чоколадата неповратно го одредува изразот „chocolate-box face“ (наивно, мило лице, како од кутија за чоколади). Додека од обвивката на конзервата на холандското какао една милосрдна сестра опоменува, на италијанската бонбониера со сугестивно име „baci“ (бакнежи) една двојка страсно се прегрнува на месечината.

Безнадежната ситуација со чоколадата во социјалистичките системи (да се сетиме само на „шеќерната табла“) и соодветната симболизација во денешната популарна митологија би можеле да се поврзат со православието ако Грција не направеше одлучувачки чекор во доместикацијата на чоколадата: кај Лалангис, рафиниран атински слаткар со цариградска традиција била обновена чоколадната баклава направена од јуфки помешани со чоколада.

Каде и кога се случил идеолошкиот процеп кој одмаздата на Ацтеките ја направи толку читлива? Во 18-от, векот на интелектуалците, Англичаните го пиеле она што во стриповите за Астерикс се нарекува „варена вода“, додека разни Лавоазјеа, Кондорси или госпоѓата Виже-Лебрен опкружени со своите најблиски, со своите инструменти, мапи, епрувети, четки и бои – пиеле топла чоколада и честопати така наредувале да бидат портретирани. Маркиз де Сад, господин де Гијотен, исто така, освен што првиот морал да оди во затвор заради неразјаснетата афера со отровни (чоколадни?) бонбони кои ѝ ги понудил на некоја своја непријателка. Границата помеѓу уживањето и злото, олицетворена во чоколадата толку е фина и престижна што секој психијатар учтиво ќе ја сослуша исповеста за ексесивната чоколадофагија, додека пушачот, алкохоличарот, па дури и кафепијачот немилосрдно ќе го избрка во некој парамилитантен метод на гушење на лошите навики.

„Леб и чоколада“, фигура која ги спротивставува насушното и луксузното, буквално ја сфатиле повторно Французите измислувајќи печиво со чоколада: италијанскиот, првобитно миланскиот „панетоне“ само е логично продолжение на оваа гастрономско – морална соблазнителност (мачкање Еурокрем на леб повеќе е неподнослива нискост, далеку од концептот на грев). Конечно, единствено галското преприемаштво можеше да измисли професија „мајстор чоколадер“, како што единствено галскиот теоретичар Роланд Барт можел во англосаксонскиот епитет за чоколада „crunchy“ (крцкаво) да ја открие митската храна на боговите која „зборува“ и која вечната младост на телото ја остварува со „сушење“.

Семиотиката на чоколадата со ова едвај да е начната: велигденските чоколадни јајца заземаат облик со кој почнува барем една верзија на настанокот на светот, а чоколадните зајачиња предуредуваат за култот на плодноста; полиморфноста на чоколадата (прав, течност, тврда материја), нејзината податливост на топлина и боењето на сè до што ќе се допре ја поттикнува архетипската фантазија ( „Sweet Movie“ на Макавеев); чоколадата покрива и затемнува ккао ноќта; „чоколаден тен“ (повторно француски изум) е учтив опис за црномурестите, на кои, патем француската револуција им ги овозможила човековите права: чоколада носат војниците за крајна неволја (простување на гревот?) и за евентуално купување на нови гревови. И конечно, изгледа дека е неизбежно да се спомне и комплексната женска склоност кон чоколадата: да ги замениме афоризмите со слика од соништата. Од отворената бонбониера се појавува дух на црн убавец кој пред петстотини години умрел зашто во сенката на дрвото на какаото некоја пијана бела будала му кивнала в лице. А беше толку сладок!

Извор: Vreme

 

 

ОкоБоли главаВицФото