Можно е Бајден со изборот на својата потпретседателка да ја избира првата американска претседателка (2)

09.08.2020 23:22
Можно е Бајден со изборот на својата потпретседателка да ја избира првата американска претседателка (2)

Стејси Абрамс

Стејси Абрамс - грабеж од Џорџија

Поранешната локална претставничка од Џорџија, 46 годишната Стејси Абрамс се истакнува по тоа што во 2018 година ги загуби гувернерските избори. Нејзиниот обид да стане првата црна гувернерка на Џорџија беше осуден на пропаст од самиот почеток, но успеа да изгуби само за 1,4 проценти и да освои повеќе гласови од претходните демократски кандидати во државата. Резултат на тоа беа медиумската популарност и незанемарливиот број фанатични следбеници. Минатата година одржа Демократски одговор на годишното обраќање на Трамп за состојбата на нацијата.

Абрамс се смета за политичка рок ѕвезда заради своето доследно заговарање на граѓанските права за црнците и својата животна приказна. Својот прв допир со политиката го имала на 17 години кога била стенограф за претставничка кампања. Благодарение на проникливите уреднички интеревнции била промовирана во пишувач на говори. Како млада адвокатка во угледна адвокатска компанија основаше хуманитарна организација за помош на локалните организации кои страдале заради недостаток на книговодствена правна помош. Имаше десетгодишна кариера во претставничкиот дом во Џорџија по што во 2018 година се насочи кон трката за гувернер како кандидатка од левата струја на Сандерс.

Стејси Абрамс е мошне проблематичка кандидатка зашто ѝ недостасува политичко искуство, а бесрамно се промовира за потпретседателка. Во последниве месеци Абрамс во медиумите се фали со својата способност, а Вашингтон Пост коментираше дека „ги цитира статистиките од изборите во 2018 како што врвните атлетичари ги прераскажуваат своите успеси“. Оправдано е да се сомневаме дека планирала да се наметне како потпреседателска кандидатка уште кога избра да не ја користи својата популарност за овогодинешните избори во Сенатот. Во мај објави есеј за надворешната политика во Forreign Affairs кој содржи само излитени фрази. За овогодинешните внатрепартиски избори молчеше до почетокот на мај кога го поддржа Бајден како очигледен избор, а пред тоа приватно се состана со сите посериозни кандидати.

Нејзината одважност во себепромоцијата се граничи со политичка некултура невидена на Западот и во соодветниот медитеранско-источноевропски контекст. Абрамс популистички усвојува норми на однесување кои вообичаено се поврзуваат со најлошите трамповски политичари. Сѐ уште не го призна својот изборен пораз од 2018 година и јавно тврди дека изборите се украдени (нејзин противник истовремено беше државниот секретар задолжен за надгледување на изборите). Нејзините гласачи тоа го сметаат за предност зашто во тоа гледаат продолжение на нејзината бескомпромисна борба за обесправените малцинства, а Абрамс ја сметаат за најавтентична политичарка после Сандерс. Бајден има други кандидатки со исти карактеристики, со многу повеќе искуство и помалку бесрамно грабање моќ.

Киша Ботомс

Киша Ботомс - кандидатка од 2020 година

Кандидатката која најмногу „парираше“ во 2020 година е 50 годишната градоначалничка на Атланта, Киша Ленс Ботомс. Ботомс има голема предност за потенцијален избор. Од самиот почеток на внатрепартиските избори сесрдно ја поддржа кандидатурата на Бајден. Беше прва од градоначалничките од големите градови која го поддржа и која не се колебаше да го брани кога се чинеше дека неговата кампања пропаѓа. Обезбедуваше поддршка за него во Ајова (сојузна држава која прва одржува внатрепартиски избори), а потоа преку американскиот Југ каде Бајден и стана предводник во трката. Ботомс со Бајден беше „пред да се биде кул да се биде со Бајден; кога беше непопуларно да се биде со Бајден.“

Многу поважно, Ботомс стана ѕвезда заради својата дарба за обраќање кон јавноста. Јасно артикулираше дека кризата со коронавирусот потешко ја погаѓа веќе претходно запоставената црнечка заедница. Нејзиниот момент дојде на почетокот од јуни откако одржа емоционален говор по повод немирите во рамки на протестите за граѓански права. Во спонтаниот говор успеа да ја изрази болката заради убиството на Џорџ Флојд, но и да го осуди насилството на протестите. Успеа да биде „гласна, но сталожена“. После тоа стана секојдневен соговорник во националните медиуми.

Полициското убиство на црнецот Рејшард Брукс во Атланта нецели две недели по смртта на Флојд ја доведе во улога на стручњак, особено откако започна реформата на полицијата во Атланта. Потоа таа, нејзиниот сопруг и едно од нивните деца добија Ковид. Последниве денови повторно е на насловните заради конфликтот со својот гувернер. Минатата среда Републиканскиот гувернер Кемп донесе одлука која ги поништува одлуките на градовите во Џорџија за задолжителното носење маски. Ботомс ја игнорираше и Кемп судски ја тужеше заради кршење на одредбата. Случајно или не, тужбата беше поднесена еден ден откако Трамп ја посети Атланта не носејќи маска, а Ботомс притоа коментираше дека со тоа ја крши градската одредба.

Главниот недостаток на Ботомс е што покрај градоначалништвото во Атланта нема искуство на национално ниво. Избрана е во 2017 година (и тоа само со 800 гласови разлика), а претходно беше судијка и градска советничка (втора жена на таа позиција во Атланта). Самиот факт дека влезе во потесниот круг значи дека искуството не им е толку важно на гласачите годинава. Нејзината матична Атланта (родниот град на Мартин Лутер Кинг) историски е важен град за црнечката борба за граѓански права и Ботомс би можела да се оправда дека има искуство во сите три гранки на власта, иако не на сојузно ниво. Ботомс е свежа кандидатка со која Демократите би докажале дека не се одвоиле од обичното население. Проблем е што Бајден повторно се обврза дека за свој потпретседател сака личност која би била подготвена да влезе во канцеларијата уште првиот ден.

Вал Демингс

Вал Демингс - лошо време за кандидатите од редот и мирот

Шеесет и тригодишната претставничка од Флорида има шанса која најмногу е поврзана со граѓанските немири во Америка. Пораснала во сиромашно семејство во сегрегираниот Џексонсвил, а прва дипломирала во семејството и станала социјална работничка. Пред влегувањето во Конгресот 2012 година имаше 27 годишна полициска кариера која ја доведе до местото шеф на полицијата во Орландо 2007 година. Се подготвуваше за поголема национална улога па доби впечатлива менаџерска задача во отповикувањето на Доналд Трамп. Дел од гласачите ја паметат како самоуверена и сериозна политичарка, а во овогодинешната кампања стана централна личност за коментирање на односите на полицијата и црнечкото население.

Граѓанските немири ја демистифицираа нејзината полициска кариера (и нејзиниот сопруг поранешен шериф) која беше нејзин главен адут. Демингс изгради сопствен политички бренд како успешна посредничка помеѓу полицијата и граѓаните која постигна пад во стапката на тешки злосторства од 43 проценти. Полицијата во нејзиниот град има долга историја на обвиненија за претерана употреба на сила и злоупотреба на овластувањата. Нејзиниот град е наречен „место каде одметнатите полицајци прават што сакаат“, а анализата покажа дека стапката на апсење со примена на сила била двојно поголема отколку во останатите градови на Флорида. Демингс засега не се поврзува со ниедна фатална афера, но ни со големи успеси. На пример, ѝ украдоа пиштол од незаклучено возило. Свесна за тоа, Демингс стана јавна заговорничка на законот со низа мерки кои вклучуваат сојузен регистар на полициски престапи, полициски имунитет, забрана за давење и ограничување на пренос на воена опрема во полициските станици. Во Вашингтон Пост ги прозва своите полициски колеги заради предавство на идеализмот што ја доведе во полиција неколку дена по убиството на Флојд.

Матичната Флорида е најголемата компетитивна држава па можниот избор на Демингс зависи од тоа колку до август ќе може да ги увери Демократите да ја изберат. Во јуни Бајден за првпат поведе двоцифрено, што временски се совпаѓа со нејзиниот зголемен ангажман во кампањата на Бајден. Во 2016 година Трамп победи на Флорида, но значаен дел од флоридските граѓани ја губат довербата во Републиканците заради несериозното сфаќање на епидемијата.

Сузан Рајс

Сузан Рајс - дипломатија и безбедност

Нејзиното име на потесната листа се појави дури во јуни, но на повеќе попредиктивни пазари е најдобро рангирана после Камала Харис. Сузан Рајс е 55 годишна професионална дипломатка која доаѓа од елитно семејство по потекло од Јамајка. Нејзината мајка е експертка за образование која обезбеди поддршка за финансирање на трошоците за студирање (Пел Грант), а нејзиниот татко беше гувернер на Федералната банка. Родителите ја воспитале никогаш да не ја користи својата раса како предност или оправдување. Рајс била врвна студентка, студирала на Стенфорд и Оксфорд, и докторирала меѓународни односи.

Заради трите децении искуство во надворешната политика и безбедноста Рајс е најквалификувана потенцијална (пот)претседателка уште од Ричард Никсон. За време на администрација на Клинтон во деведесеттите беше дел од Националниот совет за безбедност и помошна државна секретарка за африкански прашања. Под Обама стана амбасадорка во Обединетите нации и национална советничка за безбедност, а беше главен фаворит да ја замени Хилари Клинтон како државна секретарка. Како дете мечтаела да стане прва сенаторка во Вашингтон (кој нема статус на сојузна држава), а неодамна размислуваше да ја предизвика Републиканската сенаторка Сузан Колинс од Мејн на претстојните избори. Рајс е гласна критичарка на администрацијата на Трамп што добро резонира со гласачите.

Голем прилог е тоа што веќе осум години секојдневно соработуваше со Бајден и ја има неговата доверба. Една од големите задачи на администрацијата на Бајден ќе биде обнова на соголените федерални органи. Иако се ближи крајот на првиот мандат на Трамп за 141 клучно место во владата (од 755) сѐ уште не е номиниран никој. Министерството за татковинска безбедност притоа има пополнето само 35 проценти од извршните места. За Сузан Рајс соработниците велат дека има „црн појас по бирократија“ и веројатно е најквалификуваната личност за обнова на федералните органи на власта.

Сузан Рајс сепак не е толку очигледен избор како што се чини на прв поглед. Иако се зборува дека ја туркаат луѓе од кругот на Обама, неговите главни донатори и соработници веќе се поделија помеѓу Демингс или Харис. Исто така не е популарна меѓу еврејските донатори зашто јавно ѝ се спротивстави на потенцијалната израелска анексија на делови од Западниот брег, ни во Саудиска Арабија заради систематското критикување на Мохамед бин Салман. Никогаш не била гласана на избори и ја поврзуваат со медиумски веќе излитената афера за смртта на Американците во Бенгази 2012 година или наводното прислушкување на Мајкл Флин во рамки на таканаречениот Обамагејт. Според последните истражувања, економските прашања се најважни за најголем дел од гласачите (34 проценти), потоа здравството (18 проценти) и социјалното осигурување (15 проценти). Надворешната политика и безбедноста во кои е силна Рајс се дури на четвртото место со 12 проценти. Истражувањата исто така покажуваат дека Рајс е речиси непозната за младите гласачи.

Лујан Гришам

Лујан Гришам - победничка над короната

Гувернерката од Ново Мексико се најде на потесната листа со кандидатки за потпретседателка заради коронавирусот. Првата латиноамериканска гувернерка, 60 годишната Гришам ја втемели својата политичка кариера на прашањата од здравството. Во политичката кариера целосно ѝ се посвети на грижата за постарите и здравството, при што беше една од најактивните претставнички во своите три мандати во Конгресот.

Нејзиното семејство со децении ги отплатуваше долговите за лекување на нејзината сестра Кимберли. Лујан се прослави 1997 година кога како началничка на државната агенција за стареење се пријави во дом за стари каде ја занемаруваа и ограбија. Нејзиниот сопруг умре од аневризма во 2004 година, а потоа Гришам неуспешно го тужеше неговиот лекар. Пред својот прв мандат во Конгресот мораше да се грижи за својата мајка. Заради тоа Гришам може донекаде да му биде симпатична на Бајден. Бајден во сообраќајна несреќа ги изгуби првата сопруга и ќерката пред почетокот на првиот мандат во Сенатот, а синовите му беа повредени. Како и Гришам, мораше да ја започне конгресната кариера грижејќи се за болните членови во семејството. Пред 5 години од рак на мозокот почина најстариот син на Бајден, а тој им вети на САД победа над ракот како „единствен проблем околу кој сѐ уште постои консензус помеѓу двете партии“.

Гришам прогласи вонредна состојба уште на 11 март откако беа регистрирани само четири случаи со заразата, а Ново Мексико е меѓу неколкуте сојузни држави кои направија најмногу тестирања. Ова е фасцинантен успех зашто нејзината држава е меѓу посиромашните во САД со мошне слаби болнички капацитети. Едно време се чинеше дека бројот нови зарази во Ново Мексико опаѓа иако бројката растеше во останатите делови во САД. Сепак, трендот се смени пред еден месец кога бројката почна да расте забрзано. Во интервју за Ролинг Стоун, Гришам изјави дека „Ковид-19 е 190 проценти од мојата дневна работа“.

Успешниот одговор на Гришам на коронавирусот особено доаѓа до израз со оглед на истражувањата дека гласачите немаат доверба во борбата на Трамп со пандемијата. Трамп ја префрли одговорноста на гувернерите. Во своите две години на местото гувернерка успешно лансираше голем број прогресивни закони, од вложувања во школството до зголемување на минималниот работен час. Нејзините достигнувања не ја надминаа нејзината поларизирачка политика. Брзо стана една од најнепопуларните гувернери во САД зашто го допре законот за абортус и поседување оружје. Пред две години демонстративно упадна на состанок во Белата куќа околу миграцијата, но наративот во медиумите остана фокусиран на критикувањето на Трамп наместо на демократските предлози.

Истражувањата кај гласачите покажуваат дека таа е потпретседателски кандидат кој има најголем број потенцијални гласачи кои никоаш не слушнале за неа. Гувернерите на Мичиген и Њујорк (Гречен Витмор и Ендру Куомо) многу повеќе медиумски се поврзуваат со короната заради големите проблеми во нивните држави додека нејзините успеси се непознати кај повеќето Американци.

Преостанат адут на Гришам е тоа што е единствена латиноамериканска кандидатка на потесната листа, а Ново Мексико е сојузна држава со најголем удел на латиноамериканци кај населението (49 проценти). На минатите избори се очекуваше сите тие да гласаат за Клинтон заради расизмот на Трамп, но се покажа дека не ги сметаа Демократите за многу подобар избор. Една од слабостите на Бајден се латиноамериканските гласачи, па затоа ги загуби внатрепартиските избори во државите каде тие имаат значаен удел кај населението. Затоа Гришам беше една од двата латиноамерикански кандидати кои ги туркаше партискиот естаблишмент. Втората (и попопуларна) кандидатка е похаризматичната либерална сенаторка од Невада, Катерина Кортез Масто, но таа се повлече веднаш. И покрај вечното нагласување на латиноамериканскиот блок, тој кај двете партии е вечен гласачки блок на иднината кој секогаш е засенет од другите блокови. Не е дури ни веројатно дека Гришам би станала дел од администрацијата на Бајден на некое друго место зашто Демократите би изгубиле моќна политичарка во компетитивното Ново Мексико.

Карен Бас

Карен Бас - сталожена и сигурна

Најновата сериозна кандидатка за потпретседателка е 66 годишната Карен Бас, челничка на црниот претставнички клуб во Конгресот. Карен Бас го претставува Лос Анџелес и е во петтиот мандат. Во заедничкиот виртуелен настан со Бајден, во март истакна дека знае да препознае национална криза. „Работев во траума на почетокот на епидемијата со СИДА-та, се сеќавам на работата без заштита и се сеќавам на секојдневниот страв.“ Бас е политичарка која во Претставничкиот дом го претстави демократскиот предлог за реформа на полицијата по убиството на Џорџ Флојд, но и покрај тоа нејзиното име е со слаба национална препознатливост.

Нејзиното разгледување ги изненади сите, вклучувајќи ја и неа самата зашто Бајден веќе има многу моќни кандидатки. Нејзиното име заживеа како непроблематична алтернатива на моменталните кандидатки. Повеќе аналитичари шпекулираат дека Бајден не сака да го засени потпретседателската кандидатка па сака личност која би му ги обезбедила сите изборни поени без да му го украде вниманието. Многу позагрижувачки е тоа што Бас изјави дека би била премногу стара како кандидатка за претседателка на следните избори, иако е на иста возраст со Бајден, кога Обама го избра за свој потпретседателски кандидат во 2008 година. Ова може да се интерпретира како знак дека Бас впрочем не е реален можен избор туку некаков облик на политички спин. Многу поинтересно објаснување е што колебањето на Бас да биде идна претседателска кандидатка може да се интерпретира како намера Демократите да ја наменат 2024 година за генерациска смена, без предодреден фаворит во вид на потпретседателка.

Ако се занемари недостатокот на нејзината национална препознатливост Бас впрочем има фасцинантна животна приказна. Доаѓа од семејство на поштар и домаќинка, а во средно училиште волонтирала за изборната кампања на Роберт Кенеди. Пред политиката нејзината кариера била во здравството како медицинска асистентка во итните служби во време на најлошата епидемија со СИДА-та а и големите проблеми со кокаинот кај населението. Се активирала како локална активистка исто како и Барак Обама на почетокот од својата кариера. Пред десет години Бас беше наградена за постигнување законодавен консензус околу финансиската криза во Калифорнија 2009 година. Својот законодавен тест го помина успешно - за неодамнешниот демократски закон за полициска реформа успеа да ги добие гласовите на сите Демократи вклучувајќи ги умерените и прогресивни фракции кои се во остар конфликт (со уште три републикански гласови).

Со тоа Бас стана замена за Камала Харис како успешна и искусна црна политичарка која им е прифатлива на сите фракции на Демократите. Контроверзната Илхан Омар ја нарече менторка и пример за „личност која постигнува високи цели без да ги напушта своите вредности“. Прогресивците премолчено се радуваа кога Бајден ја именуваше на чело на заедничкиот одбор Бајден-Сандерс за економски прашања зашто е позната по својата соработливост. Бас може да се одликува и со професионалното пријателство со Ненси Пелоси и Кевин Мекарти, партиски лидери на Демократите и Републиканците во Претставничкиот дом. Мекарти дури ја нарече свој омилен Демократ заради нејзината прагматичност. Бас и Бајден споделуваат семејни трагедии. Како што Бајден ги загуби жената и ќерката во сообраќајна несреќа, Бас во 2010 година ги загуби ќерката и зетот во сообраќајна несреќа, а подоцна рече дека многу ѝ помогнале искуствата на Бајден.

Лошата страна на Бас како потпретседателска кандидатка се нејзината слаба национална препознатливост, но и недостатокот на харизма. Во поглед на кризата со коронавирусот која ја пустоши црнечката заедница во Америка изјави: „ако гори куќа испраќаш пожарникари, а не инженер за да зборува за темелите на куќата.“ Нејзините говори секогаш се промислени и полни со почитување за противниците. Затоа има голема почит за своите колеги во Конгресот, но истовремено слабо резонира со гласачите. Пред Џорџ Флојд, последен пат кога беше во националните вести беше заради премногу неутралната изјава по повод смртта на Фидел Кастро во 2016 година.

Во потпретседателската дебата речиси сигурно би била поразена заради недостатокот на искуство во медиумското соочување со противниците. Нејзиниот наградуван успех во Калифорнија кога обезбеди двопартиска поддршка во намалувањето на трошоците и зголемувањето на даноците за само неколку години беше отповикан. Гласачите ги казнија Републиканците кои беа на нејзина страна, а со референдумски иницијативи почнаа да го поништуваат зголемувањето на даноците. Законот кој успешно го протурка преку Претставничкиот дом ќе биде срушен во Сенатот заради што Бас впрочем зад себе нема ниту едно трајно достигнување. Бас не му обезбедува на Бајден ниту една клучна држава, зад себе нема многу донатори или гласни обожаватели, а се чини дека и самата не е претерано заинтересирана за местото освен по должност.

Матна кристална топка

Историски гледано, дури и кога претседателските кандидати имаа цврсти склоности кон одреден потпретседателски кандидат, конечната одлука ја донесуваа во последен час. Демократскиот естаблишмент кој минатата есен немаше доверба во Бајден сега го притиска да избере кандидатка која би ги исправувала слабостите како неговата возраст и проблемите како економската нееднаквост и граѓанските права на малцинствата. Од друга страна, Бајден уште сега ужива голема предност. Им се придружи на Ричард Никсон и Роналд Реган во достигнувањето да има поддршка кај повеќе од 50 проценти од гласачите четири месеци пред изборите. Во Пенсилванија, Мичиген и Висконсин води за 8 проценти, иако овие држави на минатите избори беа одлучени со помалку од 1 процент. Дури и ако предизборните истражувања имаат голема грешка како 2016 година, во моментов тие во најлош случај предвидуваат победа 3:2 наспроти 4:1 во поглед на електоралните гласови.

Бајден е соочен со фактот дека јавноста не е баш загреана за него. Се искристализира како проверена опција на технократскиот естаблишмент, но возраста го принуди да се нарече генерациски преоден кандидат. Иако Бајден се поврзува со центризмот, наклонет е да кокетира со порадикални потези. Уште во својата претседателска кампања во 2007 година размислуваше рано да именува потпретседател за да го спречи својот надоаѓачки изборен пораз. Пред пет години ѝ рекол на Елизабет Ворен дека сака да ја избере за да обезбеди поддршка кај растечките прогресивни струи, а на овие избори размислуваше уште од првиот ден од кампањата да ја именува Стејси Абрамс.

Речиси е сигурно дека Бајден ќе избере црна кандидатка. Медиумскиот притисок не им одговара целосно на ставовите на Американците. Истражувањата на јавното мислење на црните Американци покажуваат дека 50 проценти од нив сметаат дека е важно Бајден да избере црнкиња за кандидатка, но 49 проценти не сметаат така. Меѓу црните Американки постои генерациска поделба по ова прашање при што полот им е поважен на помладите. Независно од расата, 34,8 проценти од Демократите сметаат дека е мошне важно односно 36,8 проценти дека донекаде е важно потпретседателката да биде бела. Пред почетокот на граѓанските немири расата на кандидатката им беше подеднакво важна и неважна на Демократите, како кај подпримерокот на црните Демократи.

Начелно, гувернерските кандидатки не се веројатни. Изборот на гувернер е особено рискантен на овие избори заради коронавирусот и нередите. Бидејќи гувернерите имаат извршна одговорност во своите сојузни држави нивниот одговор на кризата би бил под зголемен притисок од медиумите и противниците. Членовите на Конгресот го немаат овој проблем.

Бајден нагласи дека му е важно неговата потпретседателка да биде идеолошки блиска и да се чувствува пријатно со неа што речиси сигурно ја елиминира Ворен, а можеби и Харис. Иако Харис се потруди лично и идеолошки да му се доближи на Бајден, нејзиниот избор би го турнал во втор план зашто јавноста би се фокусирала на нејзината идна кампања. Кандидатката која политички најмногу се сложуваше со Бајден беше Ејми Клобучар која пред еден месец се повлече. Киша Ботомс му е мошне лојална на Бајден и ги обединува младите, прогресивните и црните, но единствен проблем е што ѝ недостасува искуство. Бајден најави дека неговата колешка мора да биде подготвена од првиот ден да седне во фотелјата.

Додека го пишувам текстов се чини дека Харис или Демингс ќе бидат избрани заради постојаната предност на Бајден над Трамп и нивното правосудно односно полициско искуство. Бајден и Трамп се речиси изендачени меѓу гласачите во предградијата, а токму предградијата се најмногу загрижени за немирите. Демократите не смеат да си дозволат Трамп да се прогласи за кандидат на редот и мирот, иако за пораката на Трамп поточно се зборува како политика на ред и казни (ако не и одмазда). Кого и да избере Бајден, заедно ќе имаат многу работа. САД се поделени, а наесен ќе се соочат со експлозија од бездомници, прашално отворање на училиштата и масовни отпуштања кога ќе истечат мораториумите на отпуштањата.

Крај.

Кон првиот дел.

Извор: http://ideje.hr