Фабрикувани автентичности (сеќавање на стар новинар од Источна Африка)

10.08.2020 11:53
Фабрикувани автентичности (сеќавање на стар новинар од Источна Африка)

 
  Ова ми го зборуваше еден стар новинар од Источна Африка. Веќе долго, вели, ни доаѓаат туристи од Запад очекувајќи да видат автентичен африкански танц и автентични африкански маски. Се собра екипа од нашите најдобри танчари, меѓутоа Западњаците не беа задоволни. Не им беше доволно интересно, егзотично, поинакво, не им беше доволно „африкански“. Потоа повикавме француски кореограф малку да ни ги осмисли тие танцови, да ги онеобичи. Да бидат поегзотични. Западњаците беа задоволни, можевме да заработиме.

Со маските беше потешко, вели новинарот, бидејќи луѓето од нашите краеви никогаш не користеле никакви маски во своите верски практики. Тоа главно го правеле групите од Западна Африка, Того, Бенин, Гана, Нигерија... Ние го немаме тоа. Но мораме да заработуваме, па измисливме. Ги земавме тие нивние па малку ги изменивме. Трнавме да го продаваме тоа. Е, тогаш влегоа Кинезите. Почнаа да продаваат исти такви, тие наши измислени, бесмислени, само три пати поевтини. Ги довезуваат од Кина, одат како алва. Сега мораме да измислиме нешто ново.

Но знаеш што ми е најтажно? Неколку клинци од крајот, велат, дизајнирале свои симболи од тие наши измислени маски. Тоа се клинци кои се борат против неоколонијализмот, кои фантазираат за самостојна и горда Африка... Шараат графити со тие лажни маски што ги измисливме, што на извесен начин бевме принудени да ги измислиме, и пишуваат:
Наша традиција! Африканска гордост! Црна слобода!

Немој да се нервираш, му велам, и на Балканот е исто така.

Што конкретно? – ме прашува.

Велам: сѐ.

ОкоБоли главаВицФото