За правдината и законската мрежа, фина ко пајажина

10.08.2020 12:39
За правдината и законската мрежа, фина ко пајажина

Додека ги чекаме резултатите од којзнае колку возбудливите, сосем сигурно тешките, и безбели досадните и тупавите меѓупартиски преговори за обезбедување мнозинство во македонскиот парламент – кого пандемијата го пресели во досега успешно криената перверзна сала со стаклена купола, обликувана како магацин од сценографии за  различни нискобуџетни костимирани етно-ретро, сајанс-фикшн и пиратски филмови, што првото македонско перо виспрено ја опиша како карикатурално, балканско издание на амбиент за масонска ложа или средиште на редовите розенкројцери и халфмунери; значи, додека го чекаме исходот кој ќе биде од клучно значење за излегување на македонското кревко бротче со едно едро од бермудскиот триаголник на нашата домашна политичка калварија, комбинирана со глобалната здравствена и економска катаклизма, поучно е да се потсетиме дека владеењето на законот на разумот односно владеењето на разумното хуманистичко право секогаш било и сеуште е основното програмско начело на секоја умна политичка програма, како и на секоја стратегија за излез од секоја криза.

Атинска демократија

Во светло на овие премрежиња интересно е да се потсетиме дека почетоците на градењето систем на закони и правила на протодемократијата во старовековната Атина, на преодот од седмиот во шестиот век пред нашата ера, се случуваа во време на тешки несреќи, судири, немири и хаос, односно како напор на жителите на Атина да воведат мир, ред и просперитет во градот. За тоа рано време на атинската демократија во изградба, Аристотел во својата историја на атинската уставност пишува: Сиромашните и нивните семејства, жени и деца, само номинално живееја во слобода, зашто беа во робовски однос потчинети на богаташите. Ги нарекуваа закупци-шестинари, бидејќи тоа била цената на закупот на земјата што ја обработувале, а била во сопственост на богатите. Целата земја се наоѓала во рацете на неколкумина. И доколку шестинарите пропуштеле да ја платат закупнината, тие, па и нивните жени и деца, биле во опасност да бидат лишени од слобода и да паднат во робовски статус. Луѓето биле незадоволни од сѐ, бидејќи се нашле против своја волја во ситуација да не можат да учествуваат во каква и да е делба (на земја, имот, добивка или политичка моќ)“. Оваа состојба на хроничен хаос и нестабилност ги натера Атинците да воспостават – за првпат во историјата на Европа – правна држава со пишани закони.

Првиот човек што се нафатил на оваа епски тешка и неблагодарна задача бил Дракон. Драконовиот законик не е сочуван (освен еден фрагмент за убиството како престап), но постојат записи што посредно но детално ја опишуваат неговата основна карактеристика. Имено, во првата верзија на пишуваните атински закони практично за сите престапи (кражба, убиство, прељуба) биле предвидени смртни казни. Плутарх, многу подоцна, прераскажува дека кога го прашале Дракон за преострите казни од неговиот законик дури и за мали престапи, тој одговорил дека и малите престапи бездруго заслужуваат смртна казна, а за многу потешките престапи јас не успеав да најдам соодветно посериозни санкции“, што значи казни потешки од смртната казна. Оваа суровост на Драконовиот законик е запишана и запаметена во зборовите драконски“ и драстично“ што се во широка – често и  незаменлива – употреба во огромен број индоевропските јазици.

Драконовиот законик не бил одржлив на долго време, не само затоа што бил драстичен во санкциите, туку и заради исто толку ригидниот однос кон својата основна цел – да ги направи луѓето еднакви пред законот, цел којашто Дракон ја реализирал така што ги задолжил сите Атинци законот да го применуваат директно, со обврска да го убијат, односно лично да го егзекутираат секој престапник што бил фатен на дело. Ова не му донело просперитет на градот, па околу 600 година пред нашата ера, еден друг славен граѓанин на Атина се нафатил да напише подобар, реформски, одржлив, праведен и просперитетен законик. Неговото име било Солон. Солон го преформулирал Драконовиот законик и направил голема и правична градација во одмерувањето на казните за различни престапи. Меѓутоа, Солон не се задржал само на кривичното право, туку зел и ги формулирал и правилата на владеење и моралните норми на граѓанско однесување (на пример, дека изразувањето на тага за покојникот било прифатливо, но жртвувањето стока и самоповредувањето не било дозволено).

Но, немаше Солон да биде запаметен како најмудриот и најправичниот законодавец на старата ера, да не ја реформирал самата срцевина на најтешкиот проблем на Атина – и на сите класни општества во историјата – проблемот на нееднаквоста. Во својство на архонт (врвен судија“ или избран и ненаследен владејач на Атина) тој со закон ги поништил сите дотогашни долгови на сиромашните и вовел аграрна реформа со прераспределба на земјата според принципот на стекнување со сопственост врз основа на долгогодишно обработување на земјиштето. Овој визионерски законик што воспоставил еднаквост и правдина и за сиромашните и за богатите бил прифатен со одушевување од масата сиромашни, со омраза од страна на олигархијата и со скепса од опулените. Плутарх прераскажува анегдота дека еден пријател на Солон, затекнувајќи го занесен како пишува се понови, подетални и поправични закони, се насмеал: Тие твои правила воопшто не се разликуваат од пајаковата мрежа: во неа ќе се фаќаат сите слаби, мали и безначајни, додека богатите и моќните ќе ја скинат и ќе си одминат.“ Историјата покажа дека скептичниот пријател имал право, или пак – што е поверојатно – анегдотата е напишана едно седумстотини години подоцна, откога на историчарот му било веќе многу добро познато правилото за фината законска мрежа што фаќа само ситни риби, додека крупните ја кинат.

Солон се повлекол

Солон устојал на своите идеалистички погледи на човечката природа, човечкото достоинство и права, и упорно тврдел дека луѓето нема да ги кршат неговите закони затоа што се напишани во согласност со потребите на сите граѓани. Оваа своја идеалистичка но цврсто елаборирана легислатива Солон ја ставил на бескомпромисно објективна и сурова проба, толку неверојатна и изненадувачка, што повеќе претставувала потврда на неговите чесни и длабоки убедувања отколку применлив пример. Имено, откога ги донел неговите закони, тој се повлекол од власт и објавил дека решил да ја напушти Атина цели 10 години, а своите сограѓани да ги остави самите да ги применуваат неговите закони, без негова помош и надзор. И, што мислите, почитувани читатели, се повлекол ли Солон од власта и исчезнал ли од Атина на десет години, колку што ветил? Уште како – да!

За жал, Солоновите реформи не успеале да ѝ обезбедат на Атина подолготрајна стабилност и мир, но затоа се клучната правна, државотворна и институционална основа на којашто малку време потоа процветал златниот век на атинската демократија, култура, уметност и државен просперитет.

Ќе прашате, која е поуката од оваа историска читанка (присобрана од Историјата на стариот свет од Сузан Вајс Бауер) и што е поентата на колумната. А има ли подобро четиво додека го чекаме договорот за новата власт?!

Фотографиите се од филмот „300“ ( Zack Snyder, 2006)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото