Карен Хорнај и феминистичката психологија

12.08.2020 01:28
Карен Хорни и феминистичката психологија

Карен Хорнај

Развојот на психоаналитичката мисла кај Хорни поминува низ три фази, а записите од секоја од нив оставија неизбришлив белег во историјата на психоанализата. Првата фаза, од дваесеттите и триесеттите години на 20 век, е обележана со настојувањата да ги исправи идеите на Фројд за женската психологија, во исто време останувајќи во доменот на неговата теорија. Во следниот период Хорнај се обиде да ги редефинира темелните концепти на психоанализата, ставајќи акцент на социјалните фактори и културата во психичкиот развој, со што го замени биологискиот пристап на Фројд. Во текот на последната, трета фаза, се создава нејзината зрела теорија, со која го објаснува настанокот на нарцизмот, механизмите за одбрана и невротските симптоми.

Карен Хорнај е родена 1885 година во околината на Хамбург, во семејство на норвешки морски капетан и неговата сопруга. Спротивно на желбите на авторитарниот татко, завршила студии по медицина, што во тоа време било реткост меѓу жените. Се омажила за угледен берлински адвокат, со кој има три ќерки, завршила едукација за психоанализа со Карл Абрахам и потоа, со помош на помал број колеги, го основа Берлинскиот психоаналитички институт, каде предаваше сѐ до својата преселба во САД 1932 година. Таму продолжува со работа во Психоаналитичкиот институт во Чикаго, а потоа и во Њујорк. Меѓутоа, заради несогласување со начелата на Фројд, во што со текот на годините станува сѐ поиздржлива, принудена е да ја напушти работата на институтот, но тоа не ѝ ги поматува плановите. Напротив, го основа Американскиот институт за психоанализа, на кој работи како деканка сѐ до смртта во 1952 година.

Нејзиниот придонес за психоаналитичката и феминистичката теорија на 20 век е неизмерен. Иако мошне популарни додека беше жива, бројните есеи кои ги остави зад себе набрзо паднаа во заборав, сѐ до 1967 година кога се собрани и објавени во книгата Феминистичка психологија. Далеку пред своето време, Хорнај на одреден начин ја антиципираше иднината на феминистичкото движење и насоката на психоаналитичката мисла. Акцентот на социјалното опкружување и културата ги промени темелите на психологијата, а нејзините забелешки за невротските нарушувања и организацијата на психичките одбрани се меѓу најпродуктивните во психоаналитичката литература.

Критиката на Фројд

Незадоволна од објаснувањето на Фројд за психосексуалниот развој на жените, според кое овој развој е одреден како „дефект“, односно инфериорноста на жените во однос на мажите, Хорнај ја нагласува важноста на проучувањето на женскиот развој како посебна целина. Според Фројд, развојот на жените е одреден од сознанието за недостатокот на пенис, заради што девојчињата, разочарани од ова сознание, се насочуваат кон таткото како извор на сексуална привлечност и најпосле добиваат желба да имаат дете за да го компензираат сопствениот анатомски недостаток.

Хорнај одбива да го прифати ваквото објаснување, според кое дури половина од светската популација страда заради неадекватноста на својот пол, сфаќајќи дека тоа е последица на духот на времето, обележано од перспективата на мажите која настојува да ги прикаже жените исклучиво преку призмата на зависност од пенисот. Напротив, Хорнај смета дека е токму обратно, односно дека мажите им завидуваат на жените за нивната способност за бременост, раѓање и мајчинство, што го нарекува завидување на матката.

Акцент на културата

После преселбата во САД, охрабрена од новото искуство во работата со тамошните пациенти и проучувањето на социологијата и антропологијата, Хорнај му се спротивставува на биолошкиот модел на Фројд за човекот според кој човечкото однесување е одредено од агресивните и либидиналните нагони и на прво место ги става културата и социјалните фактори. Значајно е и тоа што, за разлика од своите претходници, повеќе внимание ѝ посветува на сегашноста отколку на минатото. Иако никогаш не се сомневаше во важноста на детството, согледувајќи ја улогата на поддржувачката околина во здравиот развој на детето, сметаше дека задача на психотерапијата е да се биде во сегашноста. Својата теорија ја нарече еволуционистичка наспроти механистичко-еволуционистичката на Фројд. Додека за Фројд од детството нема значајни промени во структурата на личноста, Хорнај веруваше дека нашите претходни искуства постојано се преобликуваат и така се создаваат нови структури. За Фројд, минатите искуства се извор на фиксации и постојано повторување, додека за Хорнај тие претставуваат обрасци на одговори на светот кои сепак се подложни на модификација и надоградување.

Клиниката Карен Хорнај во Њујорк, отворена 1955 година во нејзина чест 

Зрела теорија

Во поодминатиот стадиум од кариерата Хорнај помалку се оддалечува од феминистичката психологија и претставува теорија со која настојува да го објасни развојот на нарцизмот, невротските симптоми и начинот на дејствување на механизмите за одбрана. За неа постојат два вида психички одбрани: интерперсонални и интрапсихички. Интерперсоналните одбрани можеме да ги опишеме како движење кон луѓето, движење против луѓето и движење од луѓето, од кои секое, помалку или повеќе, е присутно кај повеќето луѓе, но кај невротските способности едно од нив преовладува. Секое од нив е облик на „помирување со судбината“; поединецот верува дека ако се држи до одредени правила или ако ги земе пожелните особини мора да биде награден за тоа. Додека повлечените типови личности кои се насочуваат кон другите, веруваат дека ќе бидат наградени заради својата пожртвуваност и несебичност, личностите со агресивен карактер кои се насочени против другите, помирувањето го остваруваат преку нарцисоидност, перфекционизам или освета. Избегнувачките типови се оттргнуваат од луѓето и се повлекуваат во сопствениот свет за да избегнат разочарување. Истовремено, наведените одбрани доведуваат до бројни интрапсихички конфликти. Обликувањето на идеализираната слика за себеси неминовно води кон потрага за слава, односно кон перфекционизам и невротски амбиции за да се задоволат барањата на идеализираниот дел од себството. Со оглед на тоа дека речиси е невозможно да се остварат споменатите барања, крајниот продукт на интрапсихичките одбрани е омразата кон себеси.

Важно е да се нагласи дека за Хорнај изворот на неврози е во неразбирањето на околината, а не во биолошките процеси. Недостатокот на топлина и емпатија од страна на родителите, што е последица на нивните невротски проблеми, го оневозможуваат детето да го достигне својот потенцијал, заради што тоа е принудено да изгради психички одбрани. Меѓутоа, психичкиот развој и растењето не се статични процеси, затоа смислата на психотерапијата е да пружи поддржувачка и емпатична околина во која развојот може да продолжи онаму каде што бил прекинат. На тој начин психотерапијата успева да го поврати чувството на иницијатива, амбиција, спонтаност и сѐ останато што нѐ прави човечко битие.

Извор: https://voxfeminae.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото