Конкурс за дизајн на тема „Енергетска ефикасност“

12.08.2020 13:12
Конкурс за дизајн на тема „Енергетска ефикасност“

Центарот за иновации на Град Скопје – „СкопјеЛаб“ повикува на учество на конкурсот за 4 дизајни на тема „Енергетска ефикасност“. Дизајните може да бидат за постер, беџ или за двете. 

На конкурсот кој е отворен до 26 август, може да учестуваат сите граѓани без разлика на возраст, професија и занимање. Целта на конкурсот е да се овозможи идентификација, промоција и вклучување на креативниот дизајнерски потенцијал да даде свој директен придонес во креирањето на оригинални дизајни кои поттикнуваат акција за позитивни промени во областа на енергетската ефикасност.

„Свесни за потребата за постигнување на поголема енергетска ефикасност со цел намалување на потрошувачката на енергија, зголемување на квалитетот на живот и намалување на загадувaњето, Скопје Лаб објавува конкурс за дизајн на постер и беџ кои ќе ги користи Градот Скопје во промотивната кампања за енергетска ефикасност насловена „Промената започнува со тебе”, истакнуваат од „СкопјеЛаб“.

Конкурсното решение треба да е оригинално и специјално изработено за конкурсот.

Конкурсните трудови треба да го содржат дизајнот на решението, текстуален опис од најмалку 150 зборови со кои се објаснува концептот на предложениот дизајн, опис на идејата и инспирацијата и опис на главните елементи на решението, иновативни алатки и техники користени за дизајнот.

Конкурсната комисија ќе ја сочинуваат двајца претставници од Инфо центарот за енергетска ефикасност на Град Скопје, еден претставник од друга локална самоуправа од сектор/одделение за енергетска ефикасност, еден претставник на „СкопјеЛаб“ и претставник од извршниот одбор на ФЕИТ.

Конкурсната комисија ќе ги објави резултатите најдоцна во рок од десет дена од денот на затворање на апликациската форма.

Од наградените и пристигнатите трудови ќе се организира онлајн изложба за презентација пред пошироката јавност.

 

ОкоБоли главаВицФото