1011 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 06:59
Печурката што се крена над Бејрут во разорната експлозија на непрописно складираниот амониум нитрат многумина потсети на нуклеарна бомба, особено зашто дојде точно на 75-годишнината од американското разорување на Хирошима и Нагасаки. Но, познавачите на либанските прилики предупредуваат дека посоодветна е една друга споредба: онаа со катастрофата во Чернобил, која го забрза распадот на Советскиот сојуз.
Имено, Либан веќе со месеци е во состојба на распад кој ваквата експлозија незапирливо го забрза. Пред наши очи навистина се случува несекојдневен феномен: темелен распад на државата во мирновременски околности. Држава која по многу нешта наликува на некоја од Балканот.
Амониум нитрат се користи во терористички напади
Иако Доналд Трамп докажа колку е опасен во вонредни околности кога експлозијата во Бејрут неодговорно ја прогласи за „напад“ (не е јасно чиј, веројатно - израелски?), очигледно стануваше збор за несреќа за која се виновни истите елементи како и за чернобилската - неспособност, негрижа и корупција.
Материјалот кој експлодираше се користи во терористички напади - најозлогласена беше експлозијата во деловнаta зграда во Оклахома Сити, каде белиот расист Тимоти Меквеј со два тони амониум нитрат уби 168 луѓе и разори околу триста соседни објекти.
Седум години корупција и негрижа
Во пристанишното складиште среде Бејрут стоеше пратка со амониум нитрат која властите ја запленија на еден брод уште во 2013 година. Долги седум години во центарот на градот се наоѓаа 2700 тони експлозивен материјал - потсетувам, Меквеј употреби само два тона. Наводно чекале аукција на која би се продал амониум нитратот - тоа преведено значи дека локалните или пристанишните или некои други власти чекале да бидат подмачкани за некому да му го продадат амониум нитратот.
После седум години корупција и негрижа, случаен пожар ја покрена експлозијата и доведе до национална катастрофа во која на цел Либан му се заканува пропаст. Загинаа повеќе од 135 луѓе, околу 5000 се повредени, 300.000 луѓе останаа без дом, материјалната штета е околу 3 милијарди долари. Сето тоа се случи во време на пандемија, кога болниците веќе беа претрупани со пациенти со коронавирус, а потоа пристигнаа илјадници повредени. Владата е речиси сосема неефикасна, државата е во банкрот, Либан е во слободен пад.
Либанската криза се забрза заради надворешно влијание. Но, распадот на либанската држава е последица на домашните проблеми, првенствено повеќегодишната неверојатна корупција. Надворешен импулс беше граѓанската војна во Сирија, која пред десетина години во Либан донесе милиони бегалци; тие денес се 30 проценти од населението и значително го затегнаа локалниот буџет.
Трансакции во американски долари
Обидувајќи се да ја стабилизира економијата - која првенствено е жртва на корупцијата на либанската власт, а не на грижата за бегалците - Banque du Liban, централната банка, минатата година почна да експериментира и наложи уплатите од странство да бидат деноминирани во домашна валута. Либан е монетарно комплицирана земја: има домашна валута, лира или фунта (се користат двете имиња), која никој не ја користи.
Речиси сите трансакции се во американски долари, кои циркулираат како заменска валута. Секако, лирата/фунтата има такво инфлаторно заостанување, што ако сакате да замените стотина евра во домашна валута, добивате десетина купчиња лири/фунти. Валутата на уплатите е важна зашто уплатите се главeн извор за либанската економија. Земјата на источниот дел од Медитеранот не произведува многу, а увезува 80 проценти од своите потреби - економијата се темели на банкарскиот сектор, бизнисот со недвижнини и уплатите на милиони иселени Либанци.
Со промената на валутата на уплатите, централната банка ја покрена спиралата на пропаста - наметнаа илузорен курс на доларот и лирата, но пазарот го направи своето и курсот на лирата ги повлече нештата во пропаст. Довербата во финансискиот сектор дополнително ослабе после ликвидацијата на една банка, која потпадна под американски санкции заради деловни односи со Хезболах.
Држава во банкрот
Државниот буџет пресуши, па владата воведе необична мерка - данок од 20 центи дневно на повици преку WhatsApp. Тоа доведе до масовни протести минатата есен и зимата. Банките пак понудија високи камати на доларите и привлекоа многу пари, кои потоа ѝ ги позајмија на државата. Но, кога пресушија приватните залихи со долари, банките веќе немаа што да ѝ понудат на државата и системот се сруши.
Либан банкротираше во март. Лирата загуби 85 проценти од вредноста. Потоа дојде короната. Либан се обиде да го запре ширењето на пандемијата затворајќи ја својата економија, во која бројот на невработените и инфлацијата и онака растеа од ден на ден. Катастрофално слабата економија на државата во банкрот сега застана потполно.
Населението на раб на глад
Околу 75 проценти од населението е под границата на сиромаштија, недостасува храна, а колабираше и стоково-паричниот систем: цената на храната скокна за околу 250 проценти, па граѓаните ги заобиколуваат парите (и доларите и лирите и фунтите) и стоката ја трампаат за друга стока. Во државата завладеа глад, често нема струја, младите масовно се селат во Европа и Канада, а летово е забележан и бран јавни самоубиства на очајни Либанци.
Во такви околности дојде експлозијата во бејрутското пристаниште, најлошата катастрофа во Либан уште од граѓанската војна која од 1975 до 1990 година ја разори земјата. Во силосите и складиштата покрај амониум нитратот се наоѓаа преостанатите либански залихи на жито и храна, кои сега се уништени.
Власта не направи многу за да ја поправи ситуацијата, им се спротивставува на реформите и барањата на ММФ, се губи во партиските препукувања на верските групи и шурува со Кина. Либан остана без сојузници кои би можеле или би сакале да помогнат. Во Вашингтон не сакаат да ја спасуваат владата во која учествува Хезболах, шиитска терористичка организација под иранска контрола, која во Либан е и парламентарна партија.
Необична поделба на власта
Саудиска Арабија и другите заливски држави не сакаат да помогнат зашто во Бејрут гледаат само подружница на иранското влијание во регионот. Во последните години Иран се фали дека контролира четири престолнини - Бејрут, Дамаск, Багдад и Сана во Јемен. Но, Иран е под санкции од Трамп и вмешан е во премногу комплицирани безбедносни ситуации во регионот (токму во тие четири престолнини) за да може да помогне финансиски.
Освен тоа, и Иран и заливските монархии живеат од нафтата, која има ниска цена заради глобалното намалување на економската активност во пандемијата. Бејрут сега размислува дали да прифати кинеска помош, која би можела долгорочно да го закопа уште подлабоко во дупката, зашто во тој случај веројатно може да заборави на помош од ММФ каде главниот збор го има Америка. Но, уште поопасно, со економијата пропаѓа и либанскиот политички систем, кој со децении генерираше корупција и најпосле ѝ дојде редот на државата.
Либан на сите им е познат по својата необична поделба на власта помеѓу три главни заедници. И покрај бегалците од Сирија, најголема група се христијаните, кои сочинуваат околу 40 проценти од населението; сунити и шиити има по 30 проценти. Власта е мошне фиксно поделена, така што претседателот на Либан секогаш е христијанин, премиерот е сунитски муслиман, а шефот на парламентот шиитски муслиман. Парламентот пак е поделен половина на христијани и половина на муслимани.
Поделбата на власта генерира корупција
Ова не е некаков „природен“ систем, туку француска колонијална измислица. Иако во граѓанската војна во осумдесеттите овие верски групи меѓусебно војуваа, после војната државата се врати на францускиот модел. Тоа тогаш се толкуваше како „Либан со години да сраснувал“ со таквата поделба на власта. Она што впрочем се случи е тоа дека локалните „warlords“ сфатија дека религиски дефинираните позиции гарантираат продолжување на бизнисот во мирновременски околности и - уште подобро - потполна неказнивост, зашто една група не контролира како се делат позициите и парите во подрачјата кои ѝ се допаднале на другата група.
Така, Либан после војната продолжи да функционира во протофеудален модел на поделба на власта, кој генерираше нова и нова корупција. Сите три политички класи - христијанската, сунитската и шиитската - местеа свои луѓе на јавните јасли и им делеа државни работни места и набавки на своите компании. Тоа доведе до неверојатно богатење на оние што се на власт на штета на оние што ги плаќаат за да владеат.
И во тоа се обединија корумпираните политичари од сите вери: либанската држава веќе три децении го нагризува либанското општество. Но, се чини дека овој систем веќе не може да опстои. Цената на стабилноста долго време беше учеството на Хезболах во власта, но сега се чини дека ни тоа не е доволно за да се сочува привидот на стабилност на држава што се распаѓа.
Однапред се знае кој што добива
Либан е држава која де факто нема целосен суверенитет; долго време беше под сириска окупација, во последно време е под директно иранско влијание, често е простор на израелски интервенции, а генерално се наоѓа во сферата на иранско-саудиската и иранско-израелската студена војна. Но, комплицираната надворешнополитичка и економска ситуација на Блискиот исток не е причина за колапсот на либанската држава чии сведоци сме во последниве месеци и кого експлозијата само го забрза.
Надворешните околности само значат дека никој не го сака Либан, или не може да му дојде на помош. Причината за колапсот не е ни во тензиите помеѓу верските заедници. Причината е во корупцијата. Утврдените позиции, каде однапред се знае кому што му припаѓа и каде нема надзор, се совршена подлога за корупција, кои на крајот можат да ја проголтаат цела држава.
Фотографии: Beirut explosion: Before-and-after images
Извор за текстот: www.telegram.hr