Несреќата никогаш не доаѓа сама, Ковид-19 предизвика пандемија и на пластичен отпад

13.08.2020 10:46
Несреќата никогаш не доаѓа сама, Ковид-19 предизвика пандемија и на пластичен отпад

Океаните содржат 97 отсто од водата на Земјата и се извор на животот. Една од нивните најважни улоги е регулацијата на климата, затоа што со апсорпцијата на јаглерод диоксидот влијаат врз неговата концентрација во атмосферата. Освен тоа, за повеќе од една милијарда луѓе океаните се главен извор на протеини. Сепак, според статистиката во океаните годишно се фрлаат околу 12, 7 милиони тони пластика. Штетата за животот во океаните и нашиот екосистем станува непоправлива. Во следните 10 години, нашето дејствување ќе ја одреди состојбата на океаните за следните илјада години. Податоците за Медитеранот зборуваат за околу 570.000 тони пластика годишно што е еквивалент од 33.800 пластични шишиња во минута, како што пресметале во WWF (World Wide Fund).

Истражувањето што неодамна го објави UN ESCAP (Оделот на Обединети нации за Азија и Пацификот) укажува дека привремениот застој во вообичаените активности заради пандемијата на Ковид-19, намалениот транспорт по океаните и помалата побарувачка на ресурсите од океаните, изгледа дека им овозможуваат прилика за некакво заздравување од загадувањето, прекумерниот риболов и другите влијанија што ги предизвикуваат климатските промени. Армида Салсиа Алисјабана, претседателка на UN ESCAP, смета дека здравјето на океаните е неодвоиво од  способноста за воспоставување на одржлив развој во Азија и Пацификот.

Но спротивно на извештајот на ОН за Азија и Пацифик, се чини дека пандемијата на Ковид-19 предизвикува нов проблем за океаните. На Земјата во тек е глобална трка за набавка на лична опрема за заштита (PPE) од заразата. Иако сите го поддржуваат користењето на таа опрема, постои стравување дека таа може да предизвика нов вид на пандемија: загадување со пластика. Се проценува дека само на Италија, во периодот на укинувањето на карантинот, ѝ се потребни милијарда заштитни маски и половина милијарда ракавици месечно. Од WWF пресметале дека ако само 1% од тие маски бидат фрлени во природата, тоа ќе значи дека месечно 10 милиони маски ја загадуваат животната средина.

Ричард Томпсон, професор по морска биологија на Универзитетот Плимут, кој во 2004 година прв го употреби терминот „микропластика“, тврди дека проблемот не е во користењето на заштитната опрема, туку во начинот на нејзиното фрлање. Томпсон смета дека за контрола на отпадот во океаните клучен е дизајнот на производите и решението го гледа во кружното стопанство, концепт кој се темели на развој на производи кои можат да се рециклираат.

Решението не е во биоразградлива пластика или производи што можат да се рециклираат. Според некои истражувања, биоразградливите кеси во океаните ја задржуваат својата функционалност дури четири години. Со други зборови, ако пластиката заврши во океаните, тогаш веќе е доцна. Покрај развој на производи кои можат да се разградат или рециклираат, клучно е нивното правилно складирање како отпад.

Лара Маиклем, лондонска „копачка на каллта“бара траги од минатото во тињата на Темза. Таа вели дека во првата недела на јануари, Темза, е полна шишиња со шишиња шампањско, а во лето со фудбалски топки, но 2020 година има свое специфично обележје – реката е преполна со заштитни маски и хируршки ракавици.

Слично е искуството на Гери Стоукс, раководител на организацијата за конзервација на океаните „OceansAsia“. Тој во февруари стигнал на островот Соко, каде неговата организација повремено го мери нивото на пластичен отпад. Вообичаениот вид на отпад како што се пластичните шишиња и кеси бил дополнет со хируршки маски. На 100 метри од крајбрежјето ги имало повеќе од 70. Се вратил за четири дена, а плажата повторно била преполна со маски.

Ниту Хрватска не е поштедена. Од загрепскиот завод за отпадни води јавуваат дека пред еден месец апелирале граѓаните да не го фрлаат асанитетскиот отпад во тоалетите, откако се затнал централниот уред за прочистување. Како што известија, при чистењето биле пронајдени огромни количини на марамчиња за дезинфекција, текстил, респираторни маски и силиконски ракавици кои се обвиткале околу ламелите на решетките во пумпите. Нагласуваат дека тие материјали не се распаѓаат во водата, туку се лепат формирајќи големи топки што предизвикува проблеми во работата во уредот за прочистување.

Земјата е претрупана со пластичен отпад произведен заради пандемијата. Иако е тешко да се дојде во точни бројки, Антонис Мавропулос од Меѓународната асоцијација на тврд отпад (ISWA) проценува дека во Сеодинетите држави отпадната пластика се зголемила за 250 до 300 отсто. Поголемиот дел од ова зголемување се однесува на производите за заштита како маски, визири и ракавици. На пример, се проценува дека пазарот за маски ќе порасне од 800 милиони долари во 2019 година на 166 милијарди во 2020 година.

Но личната заштита е само еден дел од зголемувањето. Карантинот, исто така, довел до голем пораст на пазарот на достава. Компанијата „Амазон“, на пример, забележила пораст на нарачките од 65 отсто. Според податоците на Институтот Петерсон,за меѓународна економија, во Кина повеќе од 25 отсто од сите материјални производи се купиле онлајн. Поголемиот дел на стоката што е купена онлајн доаѓа обвиткана во пластика често во повеќе слоеви, а амбалажата се состои од повеќе различни пластични материјали. Заради ова пластиката не може да се рециклира. Карантинот ја зголеми и побарувачката за достава на храна. „Uber Eats“, една од најголемите апликации за ресторанска достава во Америка забележала пораст на прометот од 54 отсто. Сета таа храна во доставата е спакувана во разни амбалажни омоти, најчесто од пластика, па ако нарачети и малку екстра сос и тој доаѓа во дополнителна пластична амбалажа.

Зголемувањето на потрошувачката на пластичните материјали не е само американски тренд. Тој е присутен во речиси сите држави во светот. Атина бележи 150% зголемување на пластиката во отпадот. Се чини дека пандемијата ги одврати луѓето од веќе прифатените норми за одвоено собирање отпад. Можеби причината е стравот од користење на поголем број отпадни канти или едноставно фокусот на јавноста е насочен кон други теми, но се чини декаво текот на пандемијата исчезнаа навиките да се одвојува отпадот за рециклирање.

Пластиката се произведува од нафта. За време на пандемијата, производството на пластика процвета и заради драстичниот пад на цената на суровината. Како поевтини производството на пластиката, така нејзиното рециклирање го направи неисплатливо. Состојбата е дополнително влошена со затворањето на погоните за рециклирање во времето на карантинот. Заради податокот дека вирусот преживува до 72 часа на пластика беа затворени некои погони за обработка на отпад. Голем дел на пластиката произведена оваа година, наместо во рециклажа завршил на депониите. Ако тие депонии се неуредени, постои голема опасност ветерот, дождот и другите непогоди да ја разнесат пластиката во морињата и океаните.

Научниците не се согласуваат околу степенот на опасност за живиот свет што ја предизвикува пластиката, која сонцето, солта, морињата и океаните ја иситнуваат претворајќи ја во микропластика. Полимерите од кои е составена пластиката се хемиски инертни иако некои додатоци можат да бидат токсични. Разбирањето на влијанието на нанопластиката дури сега е во тек, но извесно е дека честички микропластиката преку морето влегуваат во нашиот прехранбен синџир, додека честички од нанопластиката завршуваат во живите организми. Негативното влијание што можат да го предизвикаат сè уште не е проучено, но можеме да претпоставиме дека не е наивно.

Како и самиот вирус Ковид-19, пандемијата на загадување со пластика најмногу ги погодува најсиромашните, вели Ингер Андерсен од UNEP. Освен лоши системи за складирање на отпадот, поверојатно е дека сиромашните ќе живеат поблиску до овие постројки. Иако е разбирливо што потрошувачите во обид да се заштитат од пандемијата се свртеа кон пластиката, она што всушност загрижува е откажувањето од веќе воспоставените навики за одвоено собирање на отпадот. Стравот од пандемијата влијаеше на зголемената грижа за себе што изгледа влијаеше на намалувањето на грижата за околината и иднината на планетата.

Порано или подоцна пандемијата ќе заврши, но нашето влијание врз планетата има несогледливи последици. Покрај грижата за себе, сепак би требало да се обидеме да ги задржиме барем досега усвоените навики за одвоено собирање на отпадот и да сфатиме дека на пластичниот отпад не му е местото во отпадните води туку во контенијерите или вреќите за пластика. А она што е најважно е дека треба да се воздржиме од прекумерно трошење на еднократна пластика. Кесите за купување, пластичните чинии, чаши и шишиња за вода можат многу лесно да се избегнат. Во време на почесто останување дома, готвењето на сопствениот оброк и не се чини како лоша идеја.

Извор: ideje.hr

 

ОкоБоли главаВицФото