„Прво па женско“ #8

14.08.2020 13:20
„Прво па женско“ #8

Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, годинава ќе започне на 17 август и ќе трае до 23 август. Фестивалот ќе се одржи на неколку локации во Скопје – во МКЦ, низ улиците на Скопје, потоа пред Мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата и во Музејот на современата уметност.

Официјалното отворање на Фестивалот е на 17 август, понеделник, во 21 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар, и ќе претходи на отворањето на изложбата „Ничии прагови конкретно“ на уметниците Ивана Мирчевска и Елена Чемерска, по кое ќе следи концерт на соло артистката Димитра.

На официјалното отворање на Фестивалот во понеделник, свое обраќање ќе има Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

ПРВО ПА ЖЕНСКО е отворена платформа каде феминистичките вредности и дебати се водат со сите актери во општеството без исклучоци, сѐ со цел подобрување на состојбата на женските права и родовите политики.

Целосната програма на фестивалот може да ја проследите овде.

Оваа година фестивалот застанува цврсто зад аргументот „Жените се малцинство“.

„Ова политичко позиционирање има цел да го преиспита значењето на терминот малцинство, свесно одбегнувајќи ја неговата етно-национална, доминантна претпоставеност, и посочувајќи дека во перцепцијата на овој поим всушност многу поважни се релациите на моќ помеѓу општествените групи и доминацијата на едни врз други. Затоа сметаме дека прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање“, пишуваат организаторките „Тиииит инк“.

Преку програмата исполнета со изложби, акустични концерти, разговор што може(ше) да биде перформанс, младинска програма, мапирање на женското културно наследство, филмска програма, диџеј сетови и дискусии, организаорките велат дека се залагаат за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување.

„Наместо да му повладуваме на патријархалниот свет и живот, повикуваме на кршење на стегите и осмислување и освојување на просторите на слобода“, нагласуваат тие.

Дизајнот за овогодинешното издание на „Прво па женско“ е дело на Тамара Забазноска, интердисциплинарна уметница и архитектка со прецизен и геометриски уметнички израз, претставен преку заедништвото на елементите кои сугерираат дека секоја идна акција е резултат на сите претходни.

„Убавината е во храброста на движење на „каменот“, каде секој нов чекор обезбедува простор за промена. И колку и да е лавиринтот низ кој чекориме невозможен, ние како жени му даруваме цутење и развој, носејќи ја неговата тежина“, истакна Забазановска за својот дизајн.

Значителен дел од програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот - кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto Žensk - Љубљана, K-Zona – Загреб/VoxFeminae, Outlandish Theatre Platform – Даблин Проектот се фокусира на родовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените (жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени), низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите.

Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржан и од FRIDA - Young Feminist Fund, Министерство за култура на РСМ и Град Скопје, и се реализира во соработка со Младински културен центар - Скопје, МОТ+, Музеј на современа уметност - Скопје, ИСКРА Букинг, Period Skopje, Од нула до дула.

На фестивалот ќе бидат испочитувани сите мерки за здравствена заштита, па бројот на публиката ќе биде ограничен, а задолжително ќе биде носењето маски, одржувањето физичко растојание и дезинфекција.

 

ОкоБоли главаВицФото