Со кој ум?

14.08.2020 14:32
Со кој ум?

 

Монографија за Охридско лето 1961–2020

Во сред одржување на фестивалот кој инаку започна на 4 август, денес (14 август) се промовира монографија за Охридско лето на која стојат датумите 1961–2020. Не ми е јасно што напишале авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска за сè уште неодржаното Охридско лето 2020, освен ако не се некои пророчици, па изгатале што ќе се случи однапред, (посебно што, за да се отпечати и да ги помине сите процедури, монографијата била готова пред 4 август).

Уште почуден е датумот 1961–2020. Прв пат гледам монографија со ваков јубилеен датум (монографиите нели се поврзани со јубилеи). Уште како што е обликувана во црно, ми наликува на некролог (да беше барем реквием!).

По мојот текст од февруари (Веселата математика на роденденот на Охридско лето), дека јубилеј може да се слави само во 2021 година (дури и со овој од нив објавен датум, 1961, се гледа кога бил првиот настан), почнаа да се правдаат дека ова ќе биде 60-то Охридско лето по ред и затоа може да се слави јубилејот?!

Арно ама, таа, првата ластовичка во 1961 година која била само еден концерт, не може да биде фестивал. И другата година е нешто импровизирано со неколку настани, па во 1963 година почнале, па прекинале заради земјотресот во Скопје, така што не знам кој ќе брои и од кога ќе брои и изброи 60 фестивалски лета.

Како и да е, горд сум дека годинава не излезе (барем не видовме) да сечат торта со 60 години (лани сечеа со 59, па според тоа веќе ја изеле и немаат резервна за оваа година).

Но, очигледно, бидејќи парите биле добиени од Министерството за култура, требале да се потрошат, па сега кому му е гајле, кучињата нека лаат. Во матните води со постојани промени во Министерството за култура во последниве три години (три министри), некој добро уловил.

Инаку нема да ја коментирам програмата со блескавите, виртуозните изведби (ми фалат и сигурно брзо ќе се појават и маестралните и феноменалните во вокабуларот на епитети што циркуларно ги користи печатот во најавите пред и по концертите на неколкуте државни музички институции). И за неа некој треба да ги потроши парите.

Сепак, она што ме интересира е колку пари во овие економски услови, ќе се одлеат од државната каса, во чии џебови ќе одат, колкав ќе биде учинокот и во материјална, но и се разбира во духовна смисла, и кој ќе седне утре да направи вистински отчет и валоризација на тоа што се случило (бидејќи музичка критика веќе одамна нема, а нема затоа што медиумите не се заинтересирани, освен за нарачаните феноменално-маестрални новинарски текстови).

За жал, иако веќе две децении кукам дека државните културни институции треба да даваат јавен отчет за секој денар, како некому да одговара никој таму ништо да не гиба. Финансиските извештаи фаќаат прашина во хартиените папки во Министерството за култура и не знам и кога некој би побарал да ги види, дали би му ги дале на увид.

Да се вратам на монографијата. Имаше и монографија за 50 години Охридско лето објавена во 2010 година (?!) во која настаните се групирани по децении, само што последната деценија има кусок години, па покрива до 2009 година (и тука има проблем со декадниот систем). Последнава монографија, очигледно правена со намена да биде 60 години Охридско лето, не сум ја видел, ама многу ме интересира како ќе бидат сега организирани децениите, и каде ќе продолжи од 2009 наваму (а и зошто пак повторно би биле обработувани претходните децении за кои сè е веќе напишано).