Облакот сив

14.08.2020 16:15

Се замислил облакот Сив,
ги начул лисјата како шушкаат
дека е многу бесен и див.

Се замолчил од повреден што бил,
по небото престанал да ровари тој,
од дрвјата и животинките се скрил.

Сонцето почнало да свети и пече,
од ден на ден поуморно било,
сончевите зраци немало кој да ги пресече.

Дрвја, треви, почнале боја да менуваат,
од суша и жед да се закашлуваат,
од облакот Сив глас и трага да бараат.

Се собрале ветрови од сите страни,
сите фурии, сите ветриња нежни и мали,
тие облакот Сив го сакале со сите негови мани.

Го барале сите здружено зад планини,
низ дрвја и под крилја од птици во лет,
во бунари стари и осамени рамнини.

Низ шумите и планините свиреж одекна,
на ветровите јазикот јасен и гласен,
по нив сите почнаа, дури и жабата крекна:

„Се бара облакот Сив
таков каков што е, бесен и див,
да дојде, да го разигра небово сино,
сѐ што жеднее, сѐ живо и диво!
Се бара облакот Сив,
да дојде, да земе сонцето здив!”

Се разбудил и размрдал облакот Сив,
кој потонат во дремеж тажен бил,
ги чул зборовите и знаел дека не е крив.

Се израдувал тој, од убост се развеселил,
од радост дождови-радосници почнал да рони,
со татнежи и звуци тагата и болката ги засенил.

Ене го, танцува со ветровите облакот Сив
дрвјата, грмушките, играат весел твист,
сите се радуваат на облакот среќен и жив!

 

Слични содржини

Секој ден песна
Пандалф Вулкански
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото