Кафе

14.08.2020 23:32
Кафе

Се разбира дека е невозможно да се напише каков било текст, особено овој за кафето ако на масата нема шолја полна со оваа напивка. Во лична изведба, подготвувањето на кафето е дел од уживањето чијашто суштина ја чини веќе четтвртвековното мое верување дека денот почнува со кафе, а не, како што мислат некои, со изгрејсонце. Според тоа, во џезве со зовриена вода се става една рамна лажичка шеќер, потоа преполна лажичка кафе се промешува и се враќа да зоврие. Потоа се налева во длабока шолја (онаа за чај), се остава на масата и се пие додека не се излади доволно за да првата голтка биде вистински вовед и исклучително уживање, дополнето со палењето на првата цигара.

Опишаниот редослед на постапки – зовриена вода, шеќер (или не), кафе, вриење – меѓу љубителите се смета српски начин, а се нарекува „турско кафе“. Всушност такво кафе не постои. Турците главно пијат чај, додека тамошното традиционално подготвено кафе најблаго би можела да се опише како матна, слатка вода. Единствениот различен начин на подготовка во домашна средина е босанскиот: лажичка кафе се става во џезвето и извесно време, зависно од вкусот „на суво“ посебно се грее во џезвето сè додека не почне да се „слуша“. Потоа се прелева со зовриена вода во која е ставен (или не) шеќерот. Во Босна ќе ве послужат со полно џезве и минијатурни филџани до половина полни со шеќер. Исто така, со рахат локум и вода од чешма. Кон овој од Турците наследен начин на сервирање кафе, Србите ја вовеле и ракиичката, всушност, каурите т.е христијаните на кои верата не им забранувала алкохол.

Несомнено кафето е светска страст од прв ред, што и да мислат за тоа љубителите на чајот и марихуаната. Па сепак, едвај да се смислени неколку начини да се подготви и испие. Австријците ја запознале благодарение на опсадата на Виена и ја „збогатиле“ со шлаг. Љубителите на капучиното преферирале во кафето да има сматено пенасто млеко. Изгледа дека Французите се заслужни за филтрирањето, денес омилено во Германија и САД. Меѓутоа, Италијаните измислиле еден од начините за подготовка на кафето, што не е „варење“, а меѓу кафелокачите е ценет како „вистинско кафе“. Се разбира, тоа е еспресото, кое дефинитивно никој не умее да го направи како Италијаните; ни премногу мало, ниту премногу јако. Всушност, единствено во Италија тоа се нарекува кафе и единствено за него е пресметана смртоносната доза: 120 кафиња на ден, кои уште никој не успеал да ги испие. Меѓу познатите, се разбира само според количината, единствено Балзак се приближил до неверојатното испивајќи два до три литри кафе дневно.

На почетокот на минатиот век, вели приказната во чија вистинитост се колнат многумина љубители на кафето, шведскиот крал одлучил со експеримент да го разреши спорот помеѓу приврзаниците на чајот и обожавателите на кафето, кои напитокот на оние другите го сметале штетен за здравјето. На двајца доживотни затвореници им било понудено секојдневно да конзумираат или чај или кафе – додека не подлегнат. Победило кафето: осудениот да пие чај умрел две години порано од колегата осуден на кафе, првиот на 93 години, вториот починал на 95-годишна возраст. Многу поуверливо сведоштво за страстната и несвесна приврзаност кон кафето, во 1947 година, дал еден бегалец од Легијата на странци, кој имал среќа да го преживее четиримесечниот престој на бродски сплав за спасување кој пливал по Индискиот океан. „Желбата за цигари престанав да ја чувствувам само по неколку дена, но вистинска ноќна мора претставуваа долгите недели на секојдневното будење со мирис на непостоечкото кафе во ноздрите“.

Кафето е дружељубив пијалак, колку и да му се предаваме кога сме сами. Дружељубив е во смисла на тоа што бара, подразбира или барем претпоставува не само добра цигара, туку и добар жесток пијалок (коњак според Французите, виски според Ирците) и – друштво на добри луѓе.

Извор: Vreme

 

 

ОкоБоли главаВицФото