Почина сликарката Лилјана Блажеска

15.08.2020 17:35
Почина сликарката Лилјана Блажеска

Сликарката Лилјана Блажеска почина во Белград на 11.08.2020 година, по долго и тешко боледување.

Родена е во Скопје 1944 година. Има завршено Академија за ликовни уметности и постдипломски студии во Белград, во мајсторската работилница на професорката Љубица Цуца Сокиќ.

Раното детство го помина во родниот град, откаде се има здобиено со силната византиска традиција на регионот, како и особено митско наследство, обележано истовремено со лиризам и со грубост.

По доаѓањето во Белград на 11-годишна возраст, таа се соочува со делумно поинаква духовна клима, во извесна мерка и средноевропски ориентирана, така што спојката на тие две влианија го бои нејзиното сликарство со трошка на креативна вознемиреност.

„Тие простори стварни и сочувани како засолниште-азил на чудесни крилести и еднооки суштества, на принцови и невести... представени се врз единствена поетика сведена на симболички сликарски јазик, лишен од секоја банална наративност. Тоа е простор најблиску до небесното. Тоа не е херметички затворен свет на сликарката, туку е отворен за секого кој сеуште сонува, кој сеуште, освен самата сликарка, може да се здобие со клучот за да зачекори во тој свет; за сите оние кои во уметноста, сеуште запилкувајќи талкаат за возвишеното – за убавината. Тоа е и последното прибежиште за самата сликарка. За разлика од онаа програмски прифатена, проектирана и орочена слобода, во оваа безусловната постојано се согорува, за да се трае засекогаш“, има напишано за сликарството на Блажеска, Драгослав Павле Аксентијевиќ, сликар и пејач на духовна етно музика.

Лилјана Блажеска имаше преку 20 самостојни изложби (од кои 3 во Скопје), како и голем број на групни изложби (некои и во Македонија). Добитник е на многубројни награди за своето творештво.

Блажеска беше долгогодишен член на УЛУС (Друштвото на ликовните уметници на Србија), како и активен член на ДЛУМС (Друштво на ликовните уметници Македонци во Србија).

ОкоБоли главаВицФото