Колку луѓе живееле?

17.08.2020 01:26
Колку луѓе живееле?

Денес нашата планета ја населуваат 7,8 милијарди луѓе. Никогаш порано во историјата на Земјата не чекореле толку припадници на видот Хомо сапиенс, ниту имало толку долг животен век. Впрочем, денешната популација претставува дури 7 проценти од сите луѓе кои некогаш живееле.

Имено, се проценува дека од првите припадници на нашиот вид, пред 50 000 години, па сѐ до 2018 година на планетата Земја вкупно живееле околу 108,8 милијарди луѓе. Тоа значи дека секој четиринаесетти човек кој некогаш постоел денес е жив.

Меѓутоа, како дошло до оваа проценка?

Бројноста на луѓето очигледно расте забрзано, но брзината на демографскиот раст се менувала со епохите - со климата, епидемиите, војните - веродостојни податоци за тоа не се познати, така што ваквата задача не може да се реши недвосмислено. Но, проценка за бројот на луѓе кои некогаш живееле сепак може да се направи, но со две претходни претпоставки - колку долго постои нашиот вид и колкава била просечната големина на човечката популација во одреден период. Врз основа на тоа, со мала пресметка, се добива дека на Земјата живееле 108 470 690 115 луѓе.

Оваа најпозната проценка од ваков тип ја направи организацијата Population Reference Bureau (PRB) од Вашингтон во САД, со резерва дека таквата проценка е „пола наука, а пола уметност“. Оваа организација слична пресметка направи уште во 1995 година за потоа, заради големиот интерес, проценката да ја унапредат прво во 2002 година, а потоа и во 2011.

Првата претпоставка е поврзана со тоа колку долго постои Хомо сапиенсот. Врз основа на достапните палеонтолошки и генетички наоди, ПРБ сметала дека нашиот вид постои од пред 50 000 години. Тоа не значи дека луѓе можеби не постоеле и претходно, но судејќи според сите хипотези, нема сомнеж дека не се настанати подоцна.

Предците на човекот, различни видови од родот Хомо постојат веќе неколку милиони години, некои живееле и паралелно со луѓето, а според некои понови наоди луѓето постојат и пред 150 000 години. Но, бројноста на првите луѓе е толку мала што впрочем таа разлика во однос на пред 50 000 години не влијае значајно на вкупниот резултат.

Историските и археолошките наоди укажуваат дека околу 8 000 години пред новата ера, со почетокот на земјоделската револуција, припитомувањето на првите житарки и животни, човечката популација се размножила и дека на планетата живееле околу 5 милиони луѓе. Се смета дека во оваа епоха смртноста на новороденчињата била 500 на 1 000 родени, заради што популацијата растела значително побрзо, но и натаму исклучително бавно.

На почетокот од нашата ера, во зенитот на Римската империја, на светот најверојатно живееле околу 300 милиони луѓе (околу 45 милиони во Римското царство), додека околу 1650 година, пред новиот век, на светот имало не повеќе од 500 милиони луѓе, а толку малиот прираст е последица на страшните епидемии во средниот век. Но, со развојот на медицината, условите за живот и технологијата, човечката бројност расте забрзано.

Така бројката ќе достигне до првата милијарда кон средината на 19 век, во ерата на индустриската револуција, а век и половина подоцна и до седум милијарди луѓе. Со претпоставка дека бројот родени на 1 000 луѓе степенасто опаѓал со сите овие епохи, се пресметува дека во светот вкупно живееле 108,8 милијарди луѓе.

Ако малку се замислите над оваа гигантска бројка можеби ќе почувствувате колку човечки битија го поминале истиот пат од раѓањето, првите допири, зборовите, движењата, до сознанијата за светот, животните љубови, порази и победи, болка и среќа. И на крајот, неизбежно, смртта.

Слики: Matt Belk

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото