Коалиција и уцена

17.08.2020 13:11
Коалиција и уцена

Воените секири од меѓуетничкиот конфликт во Македонија се закопани во пристојна длабочина, но калапите со кои се излеани, според етнички димензии, очигледно не се тргнати настрана како кородирано старо железо. Од таа линија тешко се одлепуваат и актуелните преговори за парламентарно мнозинство и нова влада. Инсистирањето на Али Ахмети за премиер Албанец, како најава за „црвените линии“ во постизборните коалициски преговори, без оглед дали станува збор за борба за етничка рамноправност, легитимно барање или, пак, најобична уцена во позиционирањето за поделба на власта во државата, ѝ даде силен белег на предизборната кампања.

За нешто друго од предизборната програма на ДУИ, за ветувањата во социјалната и економската сфера, воопшто не можеше ни да се слушне, иако, за волја на вистината, Ахмети во неколку наврати потенцираше дека во предизборните дуели на партиските лидери од „македонскиот блок“ требаше да се вклучи и неговиот кандидат за премиер Насер Зибери за да ги изложи своите програмски точки и принципи.

Линиите на етничката хомогенизација и понатаму се една од главните карактеристики на македонското општество, а малиот прогрес и исчекор кој беше постигнат во изминатите години со пречекорување на острите етнички граници во партиско-политичката борба, со промовираниот концепт на Заев и СДСМ – „Едно општество за сите“, лесно се враќа на стартната позиција. Тактичкото предизборно престројување на Ахмети го постигна ефектот на обезбедување силен џокер во преговорите за влада, иако таквиот настап, кој придобивките од развојот на граѓанското општество ги фрла во сенка на етничката исклучивост, всушност го доведува во прашање и го дискредитира упорното инсистирање на лидерот на ДУИ на – европска агенда.

Конфликтни линии

Кој со кого ќе владее е сè покомплицирано прашање со кое се соочуваат низа европски партии во последните години. Доколку на најширок план се погледне преку Европа, се издвојуваат главно две причини поради кои станува сè потешко да се формира влада. Политиката всушност постојано ја зголемува својата повеќедимензионалност со нови конфликтни линии, чие продлабочување ги нарушува позициите и симпатиите на етаблираните партии меѓу избирачите и ги доведува пред ќорсокак во постизборните коалицирања.

На таков начин, со развлечени постизборни преговори, Западна Европа, за разлика од пред десетина години, сè повеќе почнува да наликува на состојбите препознатливи во Источна Европа. Се намалува бројот на големи западни партии, а напоредно на тоа цената да се добие столче во владата станува сè повисока. Како последица на таквиот тренд, владите всушност почесто ги губат наредните избори. Една од причините за губење на поддршката на избирачите е дека станува вообичаена практика формираните коалиции да продолжат да владеат и покрај тоа што постојат очигледни спорови и длабоки несогласувања меѓу партиите во коалициониот состав.

По последните избори во Холандија, на премиерот Марк Руте му беа потребни повеќе од шест месеци за да ги приближи меѓупартиските преговори до формирање владина коалиција. Многумина зборуваа за можен нов рекорд во должината на преговорите, иако познавачите на состојбите тврдеа дека нема ништо драматично во тоа, бидејќи не постоел притисок од страна на избирачите, или од страна на ЕУ, не постоела никаква криза што морало да се решава.

Во скандинавските земји беше речиси норма формирање влада по изборите да се одвива мошне брзо. Но, процесите постепено добиваат развлечена форма и во овој регион. Актуелната коалициона влада во Шведска беше формирана по повеќемесечни мачни преговори, во кои шведските социјалдемократи, кои освоија нешто повеќе од 30 проценти од избирачките гласови, се определија за соработка со две помали партии од конкурентскиот десничарски блок. Малцинската влада на социјалдемократите и на зелените сега владее на несигурна почва, бидејќи десничарските партии со кои е постигнат договор за обезбедување парламентарно мнозинство вршат силен притисок за законски промени, со кои значајно ќе ослабнат заштитните механизми на пазарот на трудот. Со други зборови, шведските социјалдемократи, доколку сакаат да владеат, се речиси уценети да се откажат од своите историски успеси во јакнењето на политиката на вработување и сигурноста на работните места.

Македонија, се разбира, во малку нешта е споредлива со развиените западноевропски земји. Но некои регионални споредувањата можеби не се сосема бесмислени. Романија, за која е констатирано дека, заедно со Бугарија, пребрзо и со политичка одлука доби членство во ЕУ, лани, кога ја презеде претседавачката палка со Унијата, беше критикувана за „неевропска“ агенда, пред сè поради бескрупулозната борба за власт, со сериозни коалициски разидувања и конфликти, во едно длабоко корумпирано општество, при што романската Национална агенција за борба против корупцијата беше обвинувана дека спроведува „политички лов на вештерки“.

Придобивки од ЕУ

Во секој случај, членство во ЕУ за Романија значеше енормни предности и голема полза. По приемот во членство во 2007 година, Романија доби 27 милијарди евра за изградба на својата инфраструктура, подобрување на квалитетот на животот на населението и привлекување на странски инвестиции. Како резултат на тоа романскиот  БПД во периодот 2007-2017 пораснал од 35 на 55 отсто од просекот на ЕУ. Доколку развојот продолжи со такво темпо, на ред доаѓа и следното ветување од Брисел, односно отворање на портите за влез на Романија во Шенгенскиот договор. Токму затоа преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Романија беше оценето како добра можност за Романците да ги тргнат настрана краткорочните прашања поврзани со меѓусебните поделби и да се посветат на проектирање на долгорочна перспектива.

Македонија очекува скорешно отворање на преговорите за членство во ЕУ, како можност да ги зајакне своите позиции во Унијата. Дали е тогаш етничката припадност на премиерот клучен аргумент за зголемување на брзината на патот кон Брисел, и предуслов за подобрување на егзистенцијалните услови на обичниот македонски граѓанин, врз чиј грб секогаш, веќе три децении, се прекршува тежината на каменот на меѓуетничкото конфронтирање, обесено врз вратот на лидерите на партиите во Македонија. За жал, не е воопшто тешко да се заклучи дека и во овие меѓупартиски преговори недостасува волја тоа да се промени.

Слики: Matthew Grabelsky

ОкоБоли главаВицФото