Ни руска, ни кинеска: Ова е вакцината во која се вложува најголема надеж

19.08.2020 00:44
Ни руска, ни кинеска: Ова е вакцината во која се вложува најголема надеж

Непишаното правило вели дека она што ќе се произведе во Германија гарантира квалитет и веродостојност. Слично е и со вакцината против коронавирусот која ја чека целиот свет. И, иако Русите први во светот веќе регистрираа вакцина против оваа чума, бројките кажуваат дека единствена вакцина која луѓето масовно доброволно би ја примиле е онаа од Германија. Најдобар доказ за тоа е податокот дека пред еден месец околу 4000 доброволци се пријавија да учестуваат во истражувањето за пронаоѓање вакцина за коронавирусот во универзитетската болница во Тубинген.

„Тоа е вистинска луксузна ситуација, за разлика од вообичаените клинички испитувања“, рече тогаш директорот на студијата Петер Кремснер од Институтот за тропска медицина.

Тој додаде дека инаку имаат проблем со пронаоѓање доволен број волонтери за тестирање.

Клиничката студија е започната на универзитетската клиника кон средината на јуни за да се тестира толеранцијата на вакцината која ја разви биофармацевтската компанија КуреВак од Тубинген.

„Досега сѐ беше во ред“, рече тогаш Кремснер за оние кои во првата фаза ја примиле вакцината и додаде дека студијата не откри сензационални или загрижувачки детали ниту невообичаени нуспојави кај доброволците.

Компанијата КуреВак работи на таканаречени мРНК вакцини. Тие овозможија мРНК инструкции за протеинот на коронавирусот Сарс-Ков-2. После вакцинирањето, човечките клетки го создаваат овој протеин, кој телото го препознава како туѓ. Потоа телото создава антитела и други имуни клетки против него.

Сју Ан Клеменс, инфектолог и член на истражувачкиот тим на КуреВак, неодамна рече дека оваа компанија во септември или октомври ќе започне со студија во Бразил, каде има многу заразени.

Раководителот на студијата Петер Кремснер рече дека досегашните, први помали тестови во Германија поминале добро и додаде дека тестирањето се врши на 180 лица.

Петер Кремснер

Масовна употреба следната година

Германија веќе одобри грантови за неколку биотехнолошки компании за да им помогне да го забрзаат развојот на потенцијални вакцини против коронавирусот, а германската министерка за наука Ања Карличек потоа најави дополнителни средства за компаниите кои работат на пронаоѓање вакцина против коронавирусот. Меѓутоа, таа пред десетина дена ги ублажи очекувањата дека вакцината би можела да биде готова пред средината на следната година.

„Не смееме да очекуваме чуда и мора да тргнеме од тоа дека вакцината за пошироките слоеви на населението ќе биде подготвена најрано кон средината на следната година“, рече Карличек.

Потоа, минатата недела стигна вест дека во Кина почнале тестирања на луѓе за потенцијална вакцина против короната која ја направиле во германската фармацевтска куќа БиоТек во соработка со кинеската компанија Фосун Фарма.

Досега 72 лица ја примиле првата доза од оваа пробна вакцина откако кинеските претставници ја одобрија првата фаза. Оваа вакцина која е позната како БНТ162б1 исто така спаѓа во мРНА вакцините.

Во Светската здравствена организација наведуваат дека од 24 јули на глобално ниво имало 25 вакцини против ковид-19 во клиничка евалуација и над 140 вакцини во предклиничка евалуација.

Трката за вакцина е комплицирана и затоа што е неопходно паралелно придвижување на производството со клиничките тестирања и потенцијално со загуби заради тоа, пред да се знае дали вакцината е воопшто ефикасна во масовната примена.

А дотогаш, на социјалните мрежи се шират интересни коментари.

Сомнеж во руската вакцина

Претседателот на Русија, Владимир Путин соопшти дека Русија е првата земја која регистрираше вакцина против ковид-19 за помалку од два месеци испитувања на луѓе.

Германија набрзо изрази сомнеж во квалитетот и безбедноста на руската вакцина и истакна дека лекот во Европската унија може да се регистрира дури после сите клинички испитувања.

„Безбедноста на пациентите е највисок приоритет. Нема податоци за квалитетот, ефикасноста и безбедноста на руската вакцина“, рече портпаролката на министерството за здравје.

Извор: https://nova.rs