Осум филмови ќе бидат прикажани во МКЦ и Кинотека на фестивалот „Македокс“

20.08.2020 14:31
Осум филмови ќе бидат прикажани во МКЦ и Кинотека на фестивалот „Македокс“

Филмската програма на 11. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ почна на 19 август со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ.

Во летното кино на Кинотеката се одржаа проекцијата на краткиот документарен филм „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ. Во Парк МКЦ беше прикажан краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека проекцијата на „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс беше прекината поради временските услови. Публиката беше подготвена да гледа филм и на дожд, но техниката едноставно не може да функционира во такви услови. Фестивалот нема можности за реприза на филмовите, бидејќи годинава функционира без објектот Куршумли ан, и затоа филмот ќе може да се гледа он-лајн на платформата „Синесквер“, на која посетителите треба да се регистрираат и да креираат свој профил преку сајтот на „Македокс“.

Вториот фестивалски ден носи двојна програма, а ќе бидат прикажани вкупно осум, четири кратки и четири долгометражни, филмови на двете локации. Со филмот „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел почнува програмата Земја во фокус – Холандија, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.

„Моите филмови ги градам врз основа на темелно истражување и интуиција. Дури истражувам, не барам само факти, туку ја барам и ранливоста на луѓето, тоа е таканареченото емотивно истражување“, вели режисерот и снимател Џон Апел, кој зад себе има повеќе од 40 документарни остварувања за кино и телевизија. Во 1999 година неговиот „Андре Хазес - таа верува во мене“ не само што го отвори Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Амстердам (ИДФА), туку и се закити со наградата за најдобар долгометражен документарец, по што станува најгледаниот документарен филм во Холандија во последните шеесетина години.

Филмографијата на Апел брои низа наградувани филмови: „Последната победа“ (2003), „Коцкар“ (2009), „Погрешно време, погрешно место“ (2012), „Гласот на Холанд“ (2018) и „Кога прашината ќе слегне“ (2019). Сите носат приказни за обични луѓе и осамени херои, за меланхолијата, спомените, смртта и утехата што го бојат секојдневниот живот.

На годинашниот „Македокс“ Џон Апел ќе одржи мастерклас на 22 август, од 11 до 13 часот, кој ќе се одвива он-лајн и ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.