Мурал за солидарноста и антифашизмот во Прилеп

21.08.2020 13:48
Мурал за солидарноста и антифашизмот во Прилеп

Со изработка на мурал на фасадата на хотелот „Скопје” во центарот на Прилеп, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У). Автор на муралот е Ристо Аврамовски во соработка со Владимир Милиќ, Филип Јовановски и Ненад Тонкин и е во продукција на ФР~У во соработка со ЦСЛУ(Центар за современи ликовни уметности) и Јавен Простор - Прилеп.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои досега се изработија во уште пет други градови во земјава и тоа во Велес, Кочани, Битола, Скопје-Ченто, Гевгелија. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кавадарци, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 700 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Претходните пет мурали беа изведени на јавни институции, јавни простори, центри за култура со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно. Муралот во Прилеп насловен „Напред, без да се заборави” кој повторно реферира на „Песна за солидарноста” од Бертолт Брехт, симболично е поставен во близина на локација која е важна за антифашистичката борба, а тоа е објектот на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ .

Зградата во која е сместен музејот е изградена на почетокот на XX век. За време на фашистичката окупација (1941-1944 година) овој објект бил претворен во бугарски полициски Участок во кој била сместена окупаторската полиција. На 11 октомври 1941 година борците од Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз Участокот и врз други објекти во градот, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
Овој мурал во една комплексна визуелна композиција, користејќи различни симболи важни за градот, зборува за историјата на градот Прилеп од почетокот на револуцијата на 11-ти октомври 1941 година па се до денес. Муралот има за цел одново да повика на вредностите на солидарноста и антифашизмот, да го нагласи значењето на Прилеп како град херој, град од каде почнала антифашистичката борба, вредност која треба да не води напред во иднината, но исто така вредност која не треба да се заборави или избрише од нашата општествена меморија.

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фокусираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет.

За авторот на муралот во Прилеп:

Ристо Аврамовски, роден 1980 во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот Факултет во Скопје и работи како архитект во Љубљана (SADAR VUGA Arhitekti / 2008) и подоцна како коосновач на студиото Архитектри во Скопје(2009). Во меѓувреме, покрај класичната архитектонска пракса, се занимава и со визуелизација, урбанистичко истражувачки теми како платформата СкопјеРасте (2013) и други интердисциплинарни проекти. Од 2015 почнува да работи како илустратор, визуелен уметник и аниматор во Будимпешта, а од 2018 живее и работи во Берлин. Неговите илустрации се појавуваат во магазинот Форбс, илустратор е на детската книга Бел (издавачка куќа Гаврош Скопје), Окно и други.

ОкоБоли главаВицФото