Образование за живот со пандемија

21.08.2020 17:19
Образование за живот со пандемија

Одлуката е донесена - од прво до трето, во школо, од четврто натаму, дома. И кој сака, сака, кој не сака /не може/, не мора. А за образование, и за деца се работи, каде што време за подобри времиња нема. Разграничување на работите, што е што, и од каде, како да се почне, e првото следно прашање.

Контекстот на продолжена криза

Стравот од непознато, незнаењето како, неизвесноста до кога, растечката недоверба, насобраните незадоволства, и многу други лични и општи болки се нашата стварност, која мора да се уважи. Така е со секоја криза, на која не и се гледа крајот.

Но, треба веднаш да се знае и дека луѓето, не се и не смеат да се претворат во нејзини (пре)носители, во продолжена рака на кризата. Тие и сите ние, сме дел од решението на кризата. И тоа треба да се разграничи. Секогаш човекот, и заедницата се тие што трагаат, и доаѓаат до решение. И тоа не само едно, и не по секоја цена, и не фиксно, и не секогаш и најдобро решение. Но, не се откажуваат, сè додека не го најдат оптималното можно решение.

Затоа велиме дека во кризни ситуации владеат други правила, и дека кризата е тест и шанса за нашите способности – адаптивни, когнитивни, ментални, креативни да се вклучат во совладување на проблемот. Само тогаш кризата станува предизвик и можност за скоковит развој, но и за сосема поинакво поимање на работите и светот.

Поинаков поглед на стравот и несигурноста

Стравот не чува, ама во криза се е страв, и постојано е страв, и тој почнува да раководи со нашите животи, против нас, наместо да не штити. Се додека не почнеме да се растрашуваме, наместо да го засилуваме, или игнорираме и негираме, во самозаштита, стравот е штетен. По тоа, како возрасните се носат со стравот, стануваат и модели од кои децата учат. Затоа и не смееме на стравот да му ја препуштиме одговорноста за себе и другите.

Одговорноста пак доаѓа со информираноста и со учеството во креирање и менување на сопствената стварност, а со тоа оди и растрашувањето. Се е на истиот пат. На тој пат има безброј бариери, ама во криза така се учи, со совладување бариери. И тоа треба да им покажеме на децата како се прави, за да станат самоуверени и одговорни за своите животи, без да се плашат.

Знаењето, плановите и вложувањата се сигурност, но во криза ништо не знаеме со сигурност, и мораме да (на)учиме како на неизвесноста да одговориме со флексибилност, како на тесни и ригидни ставови да одговориме со инклузивност, со пошироки слики, со нијанси од бои, наместо со црно/бели варијанти. И како, кога немаме решение, да кажеме не знам. А сепак да го држиме курсот, и насоката на движење напред, за што се потребни и водство и модели, што допрва треба да ги откриваме. Доста сложено, и возбудливо. Виртуелните светови, и онлајн наставата се извонреден изум, за дополнување и игра, но не смеат да го преземат приматот над детската реалност, колку и таа да е тешка, во моментот. Да не правиме од децата дел од кризата, наместо дел од решението.

Може ли на кризата да се одговори безбедно и ефикасно

Кризата не соочува со контроверзни, променливи и несигруни ситуации кои не тераат да одговориме со контроверзи. На пример, бојното поле да го поместиме од спротивставување едни наспрам други, кон заедништво од поединци и колективи во битката со условите, наметнати со кризата. Фокусот е на условите и на релациите, кои луѓето многу полесно можат да ги менуваат, отколку на очекувањата луѓето да се менуваат. Децата тука можат многу да помогнат, затоа што и самите е во развој. Идејата е во економично и креативно користење на енергијата, која бргу се троши, а времето тече.

Здравјето е најважно, ама не е за по дома, туку станува вредност само како влог во нешто друго, во нашиот развој, во поврзувањето, во новите изуми, во квалитетните промени во нашите животи. Затоа треба да се насочиме на негово унапредување, во секакви услови, и во секое време, дома, на улица, на работа, во училница. Само со грижа за добро здравје на секој член на заедницата, ќе ја победиме болеста. Затоа ни се потребни инклузивни, големи слики, од кои децата не смеат да бидат исклучени. Потребно ни е редефинирање на ставовите и стравовите со мноштво сеопфатни и издржани аргументи:

- Македонија е земја со 42% ниско имотни семејства, и за децата од тие семејства ништо друго и никаква друга стимулација и развоен предизвик не постои, освен училиштето.

- За СИТЕ деца, долгото отсуство од училишни клупи е ненадоместива развојна загуба. Тие губат критични периоди од својот социјален, ментален, и психо-физички развој во реален животен контекст, од кој училиштето зазема најголем простор. Отсуството од училиште ги прави децата зависни, несигурни, исклучени, што ја забавува нивната автономија и одговорно учество.

- Без активно учество во заедницата, децата нема каде и како да научат за одговорноста за личното здравје и живот, и за сопствениот придонес во нејзиното унапредување.

- Наместо да откриваат и учат од повеќе модели, и едни од други, и да стекнуваат вештини во типично нивен амбиент, децата им се препуштени на родителите, на нивните ограничени можности и родителски капацитети.

- Родителите што немаат избор, тешко го поднесуваат овој дополнителен товар. Последиците можат да бидат болни по сите, од насилство во домот, до родители со нарушено здравје. ....

Креативно надминување на бариерите, имаме ли капацитети?

Ако е ова само мал дел од последиците на „образованието дома“, како и каде тогаш да ги препознаеме можностите, меѓу мноштвото бариери?

Еден и најточен одговор нема, но меѓу првите прашања е, како да се носиме со силниот и непоколеблив став на нашето етаблирано, влијателно малцинство, кое мисли дека знае, и кога не знае, и кое не може да се помести и откаже од својата конфорна позиција на непомирливост, во замена за поголема доверба во оние кои никогаш немале можности да се вклучат во одлучувањето за важни животни прашања, освен низ бунт и непослушност, а знаат и умеат да придонесат? Прашањето е, како тоа „учено“ малцинство, во луѓето да препознае неискористен потенцијал, а во кризата да види и шанса, освен лишувања, закани и пропаст? Тоа е првата крупна бариера, која треба да се адресира.

На втората, СТРАВОТ, може да и се пријде со добро поткрепени и сеопфатни факти, како на пример, за смртностa кај децата како последица на ковид-19, која според повеќе истражувања, е малa (0.7%), сметано на деца во болнички услови, и реално и не е ризик. Од нашите, национални статистики можеме да изведеме слични резултати, за пропорциите на заболени деца меѓу позитивните случаи на ковид-19. Притоа, мноштвото деца во Македонија не носат маски, и би било интересно да се види колкав е бројот на деца што се заразиле од возрасните членови на своите семејства, или обратното, колкав број од заболените возрасни се заразиле од своите деца /внуци/.

Интересно е што тука никој не го спомнува ризикот на кој се изложени децата и семејствата, од страна на возрасните кои секојдневно одат на работа. Или, зошто помалку им се верува на децата и младите, одошто на возрасните, во грижата за сопственото, и за здравјето на другите? Децата можат и имаат капацитети да бидат составен дел од политиките на заштита, дури и со повисока индивидуална одговорност, од возрасните, но токму нашиот однос кон нив, и по многу други важни животни прашања, се пречката да го видиме тоа.

Кој е тогаш оптималниот одговор, со ограничена важност и време?

Во услови кога системот не е подготвен, ниту кадарен да ја прифати одговорноста за отварање на училиштата за сите деца, и кога предизвикот им го препушта на родителите и заедницата, колку и да се чини неправедно, самото тоа и не е толку лошо.

Таквата одлука отвара можности за вклучување повеќе луѓе, повеќе опции, и за размислување заедно. И тука е пресвртната точка на кризата, кога таа станува предност, наместо закана. Кога од дефанзива, и од рововска борба излегуваме на светлото на денот, во потрага по нови и визионерски решенија. Конечно, само така и можеме да го победиме стравот, промислено и организирано, наместо импулсивно и бунтовно. А децата? Па тие најмногу учат кога бараме решение, и кога се и тие дел од него.

Со други зборови, следното што треба да се преземе е, да се охрабрат колективите и малите заедници, со вклучување на самите училишта, наставници, родители и деца, оние со визија, кои со поддршка од локалните заедници ќе ги разгледаат можностите за настава во секое поединечно училиште, конкретно, со излистување на сите /до последен/ ресурси – во луѓе, средства, просторни и други можности, на секое од нив, за да понудат решение, како децата да останат поврзани со училиштата, безбедно и заедно. Само тие ги имаат вистинските одговори, во интерес на детето. Потребен е широк фронт на дејствување, од кој потоа лесно можат да се сумираат 4 - 5 модели за одење на училиште, што со мали модификации, би биле применливи за сите. За децата да не го изгубат контактот со училиштето, со врсниците, но и со светот околу нив и со самите себе.

Слики: Zev Hoover