Корона, неизвесност и новата Влада

22.08.2020 11:22
Корона, неизвесност и новата Влада

Целиот јавен простор деновиве уште еднаш беше максимално пополнет со репозиционирање на лостовите на власта во старо-новата коалиција, при што персоналните решенија за премиерската и министерските функции повторно се прекршуваат, овојпат веројатно како никогаш досега, врз етничките премиси во поделбата на моќта во институциите на системот, како веќе видено и изнудено решение за „смирување“ на меѓуетнчките тензии.

Изборите во Македонија, впрочем, се одржаа и под притисок за побрзо формирање на политичка влада која ќе може да дејствува ангажирано и воедно поефикасно да се справува со последиците кои ги носи пандемијата, во услови кога никој со сигурност не може да каже кога и како ќе завршат корона-ефектите. Особено поради загриженоста дека ширењето на кластери и „вториот бран“ на заразата во пресрет на есента не можат да се исклучат. Парадоксално, пандемијата е глобална, но решенијата за справување со неа во голема мера се национални, напоредно со фактот дека досегашната неопходна меѓународна соработка не ги исполни очекувањата.

Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебрејесус, неодамна предупреди дека ефектите од пандемијата ќе се чувствуваат во текот на наредните децении. Токму затоа во времето што моментно го карактеризира неизвесност во однос на идниот општествен развој, од политичките партии, особено оние што се носители на власта, се очекува потемелна анализа и, пред сè, нови размислувања и идеи. Може ли воопшто да се согледаат некакви појасни визии кои во подолгорочна перспектива треба да го означат „враќањето кон нормалноста?“

А последиците од коронавирусот се, несомнено, разорни и далекусежни на глобален план. Доколку Доналд Трамп ги изгуби американските претседателски избори на 3 ноември, тогаш тоа во значајна мера ќе мора да се припише на ефектите од корона-кризата. Ширењето на вирусната зараза предизвика криза слична на депресијата во најголемата светска економија, со историски пад на БДП-то во САД од 9,5 проценти во текот на вториот квартал годинава.

Бројот на невработени во ЕУ-членките бележи рекордно голем раст во текот на вториот квартал годинава од 5,5 милиони лица. Тоа е, всушност, и најголем досегашен пораст на степенот на невработеноста на подрачјето на Унијата, откако е започнато со овој вид статистички истражувања во 1995 година, и покрај тоа што во голем број земји-членки се преземени активни и робусни мерки за успорување на галопирачкото темпо на невработеноста. Младите се особено погодени од ваквите состојби. На ниво на ЕУ, во јуни младинската невработеност е зголемена за 0,6 отсто и сега изнесува 16,8 проценти. Се издвојуваат Шпанија и Грција, каде што без работа се околу 40 проценти од младите на возраст од 15-24 години.

Што се однесува до Македонија, според Младинскиот образовен форум, младите во моментов не веруваат дека институциите се грижат за нив. Според последните официјални резултати, од почетокот на кризата работните места ги загубиле 3.000 млади луѓе. Таквиот развој секако претставува и делумно објаснување на податоците дека дури и во време на пандемија не запира процесот на иселување на младите од земјата. Причината за тоа експертите ја лоцираат во досега неефикасните државни политики. Во исто време, повторно се потврдува фактот дека од Македонија не се заминува само поради работната сила која ѝ е потребна на Западна Европа, туку дека заминуваат и лица кои веќе имаат добро платени професии.

Повеќе од сигурно е дека уништувачката моќ на короната ќе продолжи да ја следи линијата на опаѓање на БДП и зголемување на невработеноста со очигледни економски консеквенци, особено во браншите што се екстремено тешко погодени од рестрикциите. Веројатно не треба да се очекува брзо заздравување, туку натамошни крупни предизвици во однос на влошените состојби во економијата, а што би можело да се развлече и во еден подолг, повеќегодишен период.

Политичките партии во секој случај не можат да си го дозволат комодитетот да се стават во карантин, очекувајќи старт на политички процес со кој би бил означено забрзано закрепнување дури по завршувањето на оваа историска криза, а со тоа и зачекорување во иднината по корона.

Во таа смисла би требало всушност да се очекува дека доближувањето и усогласувањето на принципите и ставовите во новата македонска коалициска Влада ќе резултира со идентификување на зародиш на една посткорона-програма, но која веднаш, без никакво одложување, ќе биде ставена во функција на категорични заложби за ублажување на уништувачката моќ на вирусната зараза. Млак пристап и игнорирање на реалната закана не може да трајат долго пред да биде испорачана премногу висока фактура за бумеранг-ефектот од предизвиканите штети.

Слики: Jonathan Burton

Извор: Слободен печат