1028 hPa
35 %

12 °C
Скопје - Нед, 09.02.2025 14:59
Вечерва (24 август) во летното кино на Кинотеката, во 20.30 часот, премиерно ќе биде прикажан филмот „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска, додека во Парк МКЦ во терминот од 21 часот премиерно ќе биде прикажан филмот „Професорот“ на Јордан Дуков.
Документарниот филм „Нејзиното семејство 2010-2019“ е снимен по сценарио и во режија на Елизабета Конеска, монтажата е на Блаже Дулев, а во продукција на НУ Музеј на РСМ. Мерѓузел е традиционална, но силна жена која сака и се обидува да се еманиципира себеси. Во константна потрага по подобар живот, заедно со членовите на своето семејство, таа го менува своето/нивното место на живеење веќе 10 години. Но колку е успешна потрагата и како се соочуваат со предизвиците?
Документарниот филм „Професорот“ на Јордан Дуков е филмско првенче на продукцијата „Кадар“. Филмот е посветен на гевгелиската легенда Илија Џаџев и на звуците на неговата хавајска гитара. Илија Џаџев по професија бил професор по географија, но неговите гевгелиски современици го паметат како уметник, како поет со слободна душа и како последниот македонски трубадур. На „Македокс“ филмот се прикажува во категоријата Нови автори.
Форумот МакеКоПроДокс оваа година целосно се одвива он-лајн. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, 3 скандинавски филмски агенции и 10 проекти кои се во завршната фаза на продукција. Главната сесија на форумот ќе се одржи на 24 и 25 август преку платформата „Зум“. На 24 август од 15 до 17 часот ќе се одржи и дебата „Иднината на документарниот филм во регионот“. Модератори на форумот се Бригид О’Шеа (Европско здружение за документаристика и директорка на ДОК Индустри – ДОК Лајпциг) и Хеле Хансен (Комисија за филмска документаристика – Норвешки филмски институт, Норвешка). Форумот е во организација на МакеДокс, МЕДИА Деск МК и МКЦ.
Во Парк МКЦ поставена е изложба на постери за годинашното издание на „Македокс“. Автор на постерите е Самир Карахасан, додека истражувањето беше направено во соработка со Иститутот по биологија на Природно-математичкиот Факултет (ПМФ) во Скопје. На постерите се прикажани микроскопски слики од кромидот и неговата внатрешност.
Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.
Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.
Фотографии: Сашо Н. Алушевски