Грозовилата пристигнува во Страшната шума

24.08.2020 13:38
Грозовилата пристигнува во Страшната шума

Јана Бауер е добитничка на главната награда на овогодинешниот книжевен фестивал Друга приказна.


Таа облачна сабота во правец на Страшната шума леташе нешто чудно. Навистина чудно.

„Бомба“, прошепоти верверицата погледнувајќи кон небото. „Иде накај нас.“ Отрча право кај бувот. „Бомба!“ вознемирено викаше.

„Што тоа?“ праша мечката што токму тогаш пиеше чај кај бувот.

„Бомба“, верверицата трескавично замавна со шепичката кон небото. „Готови сме, крај! Збогум Страшна шумо!“

Бувот зачудено погледна угоре: „Што би можело ова да биде?“

„Птица не е“, мудруваше мечката зјапајќи во небото. „Жаба, глушец или крт исто така не е.“

„Чудно“, кимаше бувот.

„Ви велам дека е бомба!“ зацвили верверицата. „А бомбите денес имаат налудничави навики. Т-е – р-а-з-н-е-с-у-в-а-а-т!“ Верверицата побегна без да се сврти.

„Мене повеќе ми личи на круша“, рече мечката. „На круша што на грбот носи еж.“

„Ама“, се побуни бувот, „зар може крушите да се толку шарени, а ежовите толку... толку...“

„Слични на чајник?“ му потпомогна мечката.

„Балон е“, извикаа кога наближи летечкиот предмет. „Мал, сошиен балон со ламаринен чајник наместо корпа.“

Балонот почна да слетува. Чајникот се удри од шумското тло. БАМ! Југото го влечкаше преку корењата што стрчеа од земјата. БУМ! БУМ! БУМ! Колку лошо го трескаше. Во чајникот некој почна гласно да пцуе. Мечката и бувот можеа јасно да слушнат едно луто гласче: „Оф леле, ме боли! Проклет југо! Запри ме веќе еднаш!“

Балонот се заплетка во трњето на капината и чајникот се заглави. Капакот се отвори со тресок. Од него се изјази мало суштество. Намуртено. Ужасно налутено. Во летно фустанче и со капче низ кое растеа некакви вилушкасти рокчиња.

„Лошотијо невидена!“ малечката со тупаница го искара ветрот што се лулаше во крошните. „Имаше среќа што во чајникот бев јас, а не прабаба ми. Се обложувам дека неа немаше така да ја истрескаш. Ќе те фатеше за опашка и ќе ти ги одврзеше сите јазли!“

Малечката си го измазни фустанчето и си ги напипа рокчињата на главата. Помисли на прабаба си и на нејзините порцелански шолјички со рабови тенки како хартија и со портретот на кралицата на дното.

„Токму тоа го стори со северецот. Само да знаеш! И тоа само затоа што од лулето ѝ беше издувал малку тутун. Слушна? М-а-л-к-у – т-у-т-у-н!“

Бувот и мечката молкум го посматраа разлутеното суштество.

„Од оние грозовилите е“, по некое време му текна на бувот. „Не се сеќавам точно, ама мислам дека се во спор со ветровите.“

Малечката извлече од чајникот врзопче со секакви старудии, дофати еден златник, ја побара најблиската папрат и почна под неа да копа дупка.

„Што ли прави?“ праша мечката.

„Го закопува златникот“, ѝ објасни бувот. „Грозовилите цело време го преместуваат својот златник по шумата.“

„Да одиме ли да ја поздравиме?“ ја интересираше мечката.
„Нема да остане“, заука бувот и одлета во небото, „грозовилите не можат долго да издржат без своите тетки и братучетки, сестри и прабаби.“

Мечката ги крена рамената и затупоти низ шумата кршејќи ги гранките.

Грозовилата долго не можеше да се смири. Му се закануваше на ветрот, плукаше налутено по земја и двапати брцна во чајникот. Запре дури кога здогледа празна шуплина во буката.

Го зеде тешкото врзопче и се изјази по стеблото угоре. „Овде ќе си уредам како што јас сакам“, промрморе, го закачи врзопчето за една гранка и влезе внатре.

„Овде нема простор за сите“, решително им рече на лешниците и еден по еден ги исфрли надвор. Задоволно зачекори кон своите работи. Но зад стеблото задува југото и го одвеа врзопот удолу, кон корењата. Врзопот се одврза и парталите се разлетаа низ шумата. Нејзината сина петлица се стркала под дабот, а огледалцата се најдоа под смреката.

„Ветруууу“, извика грозовилата. Беше лута како рис, ги кршеше зглопчињата на прстите, чкрипеше со заби, а во меѓувреме викаше на цел глас.

Во близина се довлечка ежот. „Кој ли, пак, сега крева ваква врева“ промумла, веќе однапред безволен.

„Еј“, извика додека го набљудуваше превртениот чајник. „Кој има таму?“

Кога грозовилата го здогледа ежот, во истиот миг веќе се најде кај него.

„Денес воопшто се немам исчешлано“, рече, го зграпчи ежот и со него си ја наежави косата.

Ежот неколку мига молчеше, а потоа пламна. „Не би ти штетело добро однесување, девојко!“ ѝ се развика. „Еж сум, не сум четка за твоите спирали.“

Грозовилата задоволно се огледуваше во огледалцето. Колку ли нејзината фризура сега боде очи!

„Молам и благодарам“, и понатаму дрдореше ежот. „Што, мајка ти тоа те нема научено?“

„Прабаба ми“, одговори малечката, „во фиоката има седумнаесет живи ежови. За секој ден во месецот по еден. Знаеш дека ниту еден никогаш ѝ се нема заблагодарено? Ужасно се нељубезни. Можеби затоа што ги храни само со суви сливи. Сум чула дека сувите сливи предизвикуваат нељубезност.“

Ежот размисли дали месецот има точно седумнаесет дена, ама никако не можеше да го разреши случајот.

„Ама јас не сум таква, воопшто и не јадам суви сливи“, продолжи грозовилата. „Ти благодарам што ќе можам секоја вечер да се исчешлам со тебе, затоа штом ќе се стемни, ќе те замолам да дојдеш во мојата шуплина. И без доцнење, те молам!“

Ежот речиси остана без зборови. Некој така да се однесува со возрасен еж! Нешто такво немаше доживеано досега во Страшната шума. Размислуваше дали да ја испобоцка грозовилата или подобро да оди да му се пожали на бувот. Налутен, фати магла.

Грозовилата заскита подлабоко во шумата. Ги остави своите работи расфрлани наоколу. Нека им служи како поука, си рече. Шумата беше убава и тивка. По патот налета на прекрасни вирчиња. Ќе дојдам да ги испробам на месечина, си рече. Се врати кај буката. Околу неа си направи скалички од гранчиња. Насади неколку диви тикви. Неколку украсни печурки. Обеси лулашка. Со голема тешкотија од чајникот ја извлече фотелјата што ѝ ја здипли на прабаба си и изморено потона во неа. Зеде молив и сакаше да запише во дневникот: Драг дневнику, конечно најдов нов дом. Овде има мали ежиња и прекрасни вирчиња.

Ама дневникот никаде го немаше! Ја претури шуплината, ја прочешла околината. Никаде го немаше. Повторно почна да вреска, да лудува, да беснее, да вика. Ги кршеше зглопчињата на прстите и чкрипеше со заби.

Прв долета бувот.

„Што викаш толку?“ ја праша.

„Некој ми го украл дневникот!“ вресна грозовилата.

„Ни случајно“, ѝ одврати дождалецот кој клечеше во близина.

„Не доаѓа предвид“, се јави глистата која токму тогаш лазеше покрај нив.

„Во Страшната шума не крадеме“, ѝ објасни мечката довлечкувајќи се од зад смреката.

„Некој го украл“, тврдеше грозовилата. „Го пребарав секој сантиметар. Залудно. Погледнав под секоја шишарка. Го нема. Значи?“

Бувот размислуваше.

„Пред малку дојде ежот да ми се пожали“, рече. „Ми кажа дека не знаеш убаво да се однесуваш.“

„Колку се глупави ежовите“, одврати грозовилата, „само се исчешлав со него и веќе кренал врева.“

„Ама не си го прашала дали може“, продолжи бувот.

„Е, па гледаш и самиот колку е чуден“.

Бувот воздивна. Со малечкава ќе си имаме проб­леми, си помисли.

Мечката предложи да тропнат кај ежот и сите се согласија.

Ежот крајно налутено им отвори. „Што е?“

„Да не си го видел дневникот на грозовилата?“ го праша бувот.

„Го видов, го зедов, го прочитав“, одврати ежот.

„Што?“ скокна грозовилата. „Си го читал мојот дневник? Воопшто не ти дозволив нешто такво.“

„Навистина? А јас убаво те замолив да се исчешлаш со мене, а?“ ѝ плесна в лице ежот.

Бувот предложи ежот да ѝ го врати дневникот на грозовилата.

„Внатре се сите мои тајни“, беше огорчена.

„Таквите работи никогаш не се пријатни“, со разбирање ѝ кимна мечката.

Грозовилата одјури, а ежот ѝ потшепна на смрд­улката: „Проверив да не е опасна“.

„И?“ смрдулката ги начули учите.

„Замисли“, замислено рече ежот, „нејзината прабаба може да плукне толку силно што од дрвото да се стркала зелена круша.“


Илустрации: Керолајн Тау
Превод: Лидија Димковска
Извор: Јана Бауер, Грозовилата во страшната шума (Артконект, 2019)


Јана Бауер е популарна словенечка писателка за млади. Дипломирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и ТВ во Љубљана. По завршувањето на студиите се посветила на пишување фантастични приказни за деца. Нејзиниот прв објавен роман бил номиниран за наградата Вечерница, 2003. Потоа објавила низа детективски приказни. Најголема популарност меѓу младите читатели постигна книгата Грозовилата во страшната шума (2011). После неколку години беше објавено и продолжението на тој илустриран роман: Грозовилата и дивата зима (првата Грозовила на македонски минатата година ја објави книгоиздателството Артконект; наскоро ќе излезе и втората книга).

Јана Бауер е добитник на главната награда на овогодинешниот книжевен фестивал Друга приказна кој ќе се одржи од 3 до 5 септември во МКЦ.

Керолајн Тау е талентирана британска илустраторка која живее во Њујорк. Иницијално била фокусирана на театар, како сценограф и костимограф.
Во „Грозовилата во Страшната шума“ со своите илустрации успева да создаде прекрасен бајковит свет полн со деликатни визуелни детали што перфектно ја надополнуваат оригиналната приказна, на тој начин маѓепсувајќи ги читателите уште повеќе.

ОкоБоли главаВицФото