Михајло Арсовски, 1937-2020

25.08.2020 17:48
 Михајло Арсовски, 1937-2020

Уметникот и дизајнер Михајло Арсовски почина вчера во Загреб, на 83 години, неколку месеци по смртта на неговата сопруга.

Го нарекуваа еден од најголемите уметници во поранешна Југославија. Михајло Арсовски беше скопјанецот за кој малку скопјани знаат, но граѓаните на Загреб го доживуваат како есенција на градскиот живот, го нарекуваат изумител на хрватскиот дизајн, зачетник на поп-културата во Хрватска во 60-тите години на минатиот век.

Михајло Арсовски е релативно непознат за македонските институции и публика, иако станува збор за уметник кој важи за основач на постмодерниот дизајн во Хрватска, за автор кој целосно го дизајнирал Театарот ИТД во Загреб, од плакати, изглед на билети и ентериер, па сѐ до фактот дека негови 13 плакати се дел од постојаната поставка на светскиот познатиот музеј на модерна уметност МоМа во Њујорк.

Неговите графички решенија се одликуваат со изразени лични ставови, со отпор кон конвенционалното и со критичка дистанца во ликовната сцена.

Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во семејство на предвоени левичарски револуционери. Студирал историја на уметност и архитектура во Загреб. Многу од неговите постери од 60-те содржат суптилна критика, отпор кон владејачката идеологија и демистификација на култот кон југословенскиот лидер Јосип Броз Тито. Арсовски некако избегнал да биде фатен во стапицата на комунистичката пропаганда.

Арсовски изработувал колажи и постери за студентското движење од 1968 година, а уште повеќе е познат по плакатите изработени за претставите кои се играле во загрепскиот театар ИТД. Тој развил свој посебен и препознатлив визуелен јазик, користејќи ги типографијата, колажот и фотомонтажата како суштински елементи на неговата методологија.

Книгата „Arsovski“ на Д-р Јасна Гаљер, историчарка на уметност, е објавена само на хрватски јазик.

Арсовски одиграл клучна улога во едукацијата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-тите години, меѓу кои Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек и други.

Арсовски не се ограничувал само на еден вид дизајн: го креира визуелниот идентитет на авиокомпанијата Пан Адрија, ги дизајнира весниците Телеграм, Студентски лист, Полет и Поп Експрес, кој е специфичен по графичкото обликување со директни референци на психоделичната уметност и халуциногените дроги, обликува дури и амбалажа за парфеми, заедно со Александар Срнец го обликува ентериерот на еден бутик во загрепскиот премин Небодер...

Во &TD го осмисли единствениот пример на тотален дизајн: наместо традиционални програмски книшки, испечатени се разгледници, а влезниците се копија на тогашните железнички карти, така што на влезот во салата редарите ги перфорирале картите како кондуктери во возовите... Главната фестивалска награда била железничка спојка пресечена на два дела.

Македонската ликовна сцена пред повеќе од три години го одбележа неговиот 80. роденден со ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност. На изложбата под наслов „Плакати“ првпат пред македонската јавност беа изложени 65 плакати од Арсовски, повеќето работени во ситопечат и еден во офф-сет. Збирката беше дел од колекцијата на Музејот на современата уметност во Загреб.

Арсовски последната деценија од животот беше речиси невидлив за јавноста. Не даваше интервјуа, не се појавуваше на врачувањето на наградите за животно дело. Многу ретко во медиумите се среќаваше понекоја случајна фотографија. Во 2008 година, кога бил поканет да ја прими наградата за животно дело од Хрватското дизајнерско друштво, која била проследена со негова ретроспективна изложба, едноставно одговорил:

„Награди за животно дело им се даваат на тие што се сметаат за отпишани, а јас со тоа не се согласувам. Не ја сакам таа изложба и нема да одам на отворањето. Не сакам ниту да ме фотографираат, не сум веќе млад и убав, како во времето кога ме фотографираа како 25-годишник на рид, додека бев на работна акција. Молам да не ме забележуваат, тоа ми е најдраго. И ги молам пријателите да го почитуваат мојот став“, изјавил тогаш кусо за хрватскиот весник „Национал“.

Слични содржини

Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Стрип / Култура / Историја
Графички Дизајн / Живот / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото