Вечерва доделување на наградите на „Македокс“

26.08.2020 15:19
Вечерва доделување на наградите на наградите на „Македокс“

Во рамките на 11. МакеДокс се одржува второто издание на форумот МакеКоПроДокс, кое се реализира со поддршка од програмата Креативна Европа - МЕДИА Деск МК и во организација на „Македокс“ и МКЦ. Реализацијата на форумот комплетно се одвива он-лајн, а на 24 и 25 август се одржа главната сесија преку платформата „Зум“.

Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, 3 скандинавски филмски агенции и 10 проекти кои се во завршната фаза на продукција.

Во претпладневните часови на 24 август беа претставени на активностите на Данскиот филмски институт, а во презентацијата учествуваа Ене Расмусен, Хеле Фабер и Емил Хертлинг Перонар. Следуваше презентација на регионалните филмски центри модерирана од Бригид О’Шеа. Во презентацијата учествуваа Мирољуб Вучковиќ од Филмски центар на Србија, Кристофер Марчиќ од Хрватски аудиовизуелен центар, Марија Никчевиќ од Филмски центар на Црна Гора и Анита Стојчевска од Агенција за филм на РСМ.

Во следниот блок презентации учествуваа Наташа Бучар од Словенечки филмски центар, која најави дека е во план да подготват стратегија да се поддржуваат филмови во три секции – играни, документарни и анимирани филмови како посебни сегменти, потоа Лум Читаку од Косовски филм центар, Алкета Баша од Албански центар за кинематографија и Јоргос Ангелопулос од Грчки филмски центар, еден од двата државни фонда за поддршка на филмската продукција, а објасни дека вториот фонд грчката национална телевизија. Фокус на модераторката беше анализа на состојбите со продуцирањето и поддршката на документарните филмови во регионот.

Во попладневниот дел од форумот се одржа дебата на тема „Иднината на документарниот филм во регионот“. Модератори на дебатата беа Бригид О’Шеа (Европско здружение за документаристика и директорка на ДОК Индустри – ДОК Лајпциг) и Хеле Хансен (Комисија за филмска документаристика – Норвешки филмски институт, Норвешка).

Со учество на 30-ина автори, продуценти и претставници на фондови за поддршка на дебатата се разви исклучително плодна дискусија. Можеа да се слушнат размислувањата на документаристи од сите држави во регионот. Меѓу учесниците беа Наташа Бучар од Словенија, Хеле Хансен од Норвешка, Алкета Баша од Албанија, Мартичка Божилова продуцент од Бугарија, Марко Качански, Вук Перовиќ од „Андерхил филм фестивал“, Анамарија Анточи од Романија, Сабина Џогиќ, Милош Ивановиќ од „Док Србија“, Кристина Јордаче, Дарко Синко, Ерол Билибани, Хасан Демирташ, Атина Калкопулу од Грција, Атанас Георгиев, продуцент и монтажер од Македонија, Анита Стојчевска од Агенција за филм на РСМ, Петра Селишкар од „Петра Пан филм продукција“, како и Сара Ферро и Дарко Набаков од „Македокс“.

Меѓу темите што беа отворени на дебатата беше третманот на документарниот филм, поддршката за развој и снимање на проектите, како и начинот на учество во конкурсите.

Претставниците на балканските и на скандинавските фондови беа изненадени дека единствено Агенцијата за филм на РСМ наплаќа за апликација на конкурсот и не ги открива имињата на членовите на комисијата што одлучува за проектите ниту пред ниту по конкурсот.

Хеле Хансен потенцираше дека фондовите постојат за да се поддржат проектите и дека за тоа е потребен валиден систем во сите држави од Балканскиот регион, кој ќе биде транспарентен и одговорен кон средствата што се наменети за филмската продукција.

Мартичка Божилова ја потенцираше разликата меѓу скандинавските земји, каде има организиран систем на поддршка на филмските проекти, и Балканот, каде има многу политички влијанија и корупција во фондовите. Таа потенцираше дека има „грешки во системот“ и често се бараат нелогични работи на конкурсите за поддршка. Во земјите во регионот нема посебен фонд само за документарни филмови, а во некои држави не се дава поддршка за малцински проекти, со што се оневозможува правење копродукции на регионално ниво.

Марко Качански на крајот од дебатата даде иницијатива да се поттикне вмрежување преку електронските платформи, бидејќи тоа е поефтино од патувањата, кои некаде не се можни поради пандемијата на коронавирусот, а ќе се овозможи почеста комуникација помеѓу авторите и продуцентите од регионот. На 25 август се одржа затворена сесија на форумот „МакеКоПроДокс“ помеѓу претставници на фондовите и авторите на селектираните проекти за поддршка.

Секоја година на „Македокс“ се доделуваат награди во пет категории: награда за најдобар филм во главната програма „Кромид“, награда за најдобар филм од млад автор „Млад кромид“, награда за најдобар краток филм „Сечкан кромид“, награда за најдобар студентски филм „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи.

Жирито за наградата „Кромид“ е во состав: Орва Нирабија, уметнички директор на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам (ИДФА), Лари Снајдер, филмски монтажер и дизајнер на звук, и Ненад Пуховски, филмски режисер, продуцент и директор на „Загребдокс“.
Жирито за наградата „Млад кромид“ е во состав: Амир Џорџ, филмаџија, куратор и програмски селектор на филмски фестивал во Колумбија, Самир Љума, филмски снимател и дел од снимателскиот тандем на филмот „Медена земја“, и Беатрис Вангонду, продуцентка, сценаристка и режисерка на документарни филмови од Кенија.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ е во состав: Јармила Утратова од чешкиот Меѓународен документарен филмски фестивал во Јихлава, Тамта Габричиџе, филмска режисерка од Грузија, и Тони Бел од Меѓународната документарна асоцијација.

Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав: Срџан Кеча, филмски автор и доцент на Катедрата за уметност и историја на уметноста во Стенфорд, Мануел Инакер, германско-хрватски режисер кој живее во Берлин и добитник на минатогодишната награда „Кокарче“ на „Македокс“, и Марго Мека од Меѓународниот фестивал на документарен филм во Фиренца.

Жирито за наградата за филм со најдобри етички идеи е во состав: Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии во Скопје, Јуко Касеки, кореографка и директорка на танцовата компанија „Цокасеки“, и Лука Циут, композитор на музика за документарни филмови.
Доделувањето на наградите на 11. Македокс ќе се одржи он-лајн и ќе може да се следи преку фејсбук-страницата на „Македокс“ на 26 август со почеток во 20.30 часот.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото