За што служат уметниците?

27.08.2020 17:46
За што служат уметниците?

И одново: која е целта на уметноста во променетиот свет?

 

Чудесно е колку позитивно гледаат на уметноста политичарите денес. Дури се чини дека токму таа ќе ни го донесе спасоносното решение на бројните проблеми, настанати или зголемени со моменталната здравствена и социјална „криза“. На крајот на краиштата, и без претерување, постојано се зборува за културата и уметноста, што и да подразбира тоа.

Сепак, сето тоа е некако неочекувано. Во одговорот на колумната под наслов „Заборавена култура“ (Ле Монд, 30 април), која ја потпишаа многу познати уметници, Емануел Макрон, на 2 мај, одговори со ентузијастичен твит: „Иднината не може да се замисли без вашата силна фантазија“. Потоа, на 6 мај, на крајот на состанокот со неколкумина други уметници одлучно тврдеше (меѓу младите, кој би знаел зошто...) дека ќе биде покрената програма за јавни набавки и дека „уметничката креација е суштинска работа, што уште повеќе се покажа во текот на овој период“. Јазикот е неодлучен, идејата е моќна. Всушност, сето тоа затворање дома беше проследено со големи пофалби на моќта на уметноста, тој неочекуван мелем за граѓаните – се разбира, на интернет. Сите можеа да посведочат дека уметноста „истовремено ни овозможува да се поврземе со другите и да се зајакнеме себе си, да зацврснеме и да се збогатиме, како што кажа претседателот на Центарот Помпиду (1).

Тоа што го прават не е работа

Поздравена како насушна, уметноста, помеѓу останатото, е потребна и во операцијата на претседателот за „образовно и културно лето“ со цел „почнувајќи од ова лето, уметноста и културата (повторно да се стават – навистина?) во средиштето на животот на младите и нивните семејства“, како што читаме на интернет страниците на Министерствата за култура и за национално образование и млади. Ќе појасниме со еден пример: Одеон, европскиот театар, кој веднаш одговори, нуди работилници поврзани со „жените кај Молиер“ или за „Илјада и една ноќ“. Подготвен да подучува, актер на социјалното поврзување, па дури и општествена грижа, уметникот добива место меѓу корисните, дури и неопходни професии.

Ова прашање на општествената корисност, на кое можат да се понудат крајно спротиставени одговори, порано не им се поставувало ниту на уметниците, ниту на нивните финансиери или на пошироката јавност. Функцијата на уметникот со векови не била доведувана во прашање: добивале субвенции и нарачки од моќните, а со своите дела се натпреварувале во славењето на своите мецени, нивното влијание правејќи го видливо, предочувајќи ја големината на некоја верска или национална заедница, па и класа во подем, понекогаш и на забавен начин. Сликари, драматрурзи и музичари - тешко дека имале слободна волја да бидат ослободени од можните проблеми со парите или егото ако ги напуштеле покровителите. Како „творци“ или „занаетчии“ тие го пронаоѓаа своето место во општеството. Уметниците испорачуваа дела, ретко чувствувајќи потреба да се оправдуваат или да теоретизираат, освен пред своите колеги, како што направил Пјер Корнеј за Сид соочен со нападите на Француската академија, која претставата ја сметала за премногу лежерна во поглед на веродостојноста и малку шокантна за моралот.

Ни општеството не ја доведувало под прашање оправданоста за постоењето на уметниците. Дури во 19-от век и општеството и уметниците се запрашале за кого и за која цел создаваат, како и од кого треба да бидат платени. Нарачателите од стариот режим веќе исчезнале, воспоставени се нови текови на дистрибуција, како и нови естетски и морални вредности. Според доминантното мислење, како што, цинично и со очекувано претерување, ќе го нарече Гистав Флобер во „Лексиконот на пропишани вистини“, уметноста сега „води во болница“, со други зборови во беда. Што се однесува до уметниците „тоа што го прават не се вика работа“.

„На барање на граѓаните“

Кај уметниците владееше нелагода. Сè побројни, сè повеќе изложени на евалуации ако сакаат „да успеат“, се прашуваат дали работат за буржоазијата која ја презираат. За луѓето на кои не им е грижа? Во свет кој го фаворизира корисното и профитабилното, што е смислата на беспоштедната потрага по идеалот на Убавината? Така ќе се развијат фигури на проклети уметници, несфатени, како и оние избегани во сопствените кули од слонова коска, кои ја прифатиле својата бескорисност и се осудиле на возвишена осаменост на уметност заради уметност. Со тоа ќе се разбуди јазот помеѓу творецот и јавноста.

Постојат и поинакви примери: Оноре Домије или Камиј Писаро, кои пишуваат во весници; Гистав Курбе, кој самиот организира изложба на своите дела независно од официјалната селекција на Универзална изложба во 1885 година; Виктор Иго кој ќе избере да пишува за народот. Не сите уметници од раскошниот 19-ти век тврделе за себе дека се бескорисни, надвор од општествените кругови, припадници на елитата што не ја интересира ништо освен сопствената потрага. Сепак, овој став на аристократско повлекување, чувство на отфрленост и истовремено отфрлање на масовното е производ на одредениот политички и општествен амбиент, а потоа теоретизиран како кокреација и одраз во огледало на јавноста што се повлекува и уметникот што самиот се маргинализира. Таквиот став трајно ќе ја вкорени претставата за уметникот како повеќе или помалку вдахновен паразит, различен од останатите граѓани, издвоен со неговата пракса и можниот талент. Тоа го следи претставата за уметноста која повеќе сака да биде непрофитна, како искра на душата. Што покрај целата шармантна нејасност укажува на еден пад во одвишност.

Сепак, во одредени моменти на колективната историја, владите, општеството, сликарите и писателите ќе настојуваат да ги опишат и корисно да ги вработат уметниците. На различни нивоа. Така неодамна од устите на политичките лидери и нивните посредници повторно слушнавме за Њу дил. Одеднаш „Њу дил“ се појавува како пример за нашето „кризно“ време. Точно е дека овој „нов договор“, кој во 1933 година го покрена претседателот Френклин Делано Рузвелт и кој ќе трае сè до војната – донесе пресврт. Тоагаш на уметниците се гледало како на работници, со посебни вештини, кои како такви треба да бидат платени. „Њу дил“ овозможи регрутирање на актери (13.000), писатели (7000), музичари (2500) и други заедно ангажирани во мисија од општ интерес: овозможување на јавно образование, водење аматерски клубови, основање театри таму каде што немало, снимање на црната музика од Југот, бележење приказни од потомците на робовите, украсување на населбите со слики (2.500) во духот на мексиканските муралисти, Диего Ривера или Давид Алфар Сикериос, пишување на историјата на градовите, фотографски сведоштва за Големата депресија, итн. Тоа било многу впечатливо.

Од Орсон Велс до сликарот Џексон Полок, од фотографите Доротеа Ланг и Вокер Еванс до писателите Ричард Рајт, авторот на „Домородци“, Сол Белоу или Џон Стајнбек, многумина од оние кои секогаш ни се потребни - биле вработени во овој контекст. Нивната посебност била ставена во служба на колективниот интерес. Далеку сме од концептот на искра на душата и осаменоста на неприлагодените ексцентрици (2).

Оваа интеграција на уметниците, во време на масовни штрајкови во индустријата, маршот на гладта и барањата, особено на Комунистичката партија, била оправдувана со економска причина – намалување на бројот на невработени и со волјата на државата да ѝ се подари голема национална култура. Резултатите ќе бидат изненадувачки: средба на актерите – работници со мјузиклот (3), подем на регионалното сликарство, судир на професионалци и аматери, процут на агитпропот и естетиката инспирирана од Бертолт Брехт...Тие работеле за нацијата, некои тоа го разбирале како вложен труд за народот – нивната корисност била несомнено препознаена ( дваесет и пет милиони Американци тогаш го откриваат театарот). Но, набрзо сето тоа ќе им делува премногу „црвено“ на членовите на Одборот за антиамерикански активности, во време на макартизмот.

Истовремено во Советскиот сојуз се отвора поинаков пат и се дефинираат задолженијата со кои уметниците ќе ги стекнуваат своите права: ќе мора да ја следат доктрината на социјалистичкиот реализам. На првиот конгрес на советските писатели, 1934 година статутот на нивната унија ќе дефинира ваква естетика: Социјалистичкиот реализам како основен метод (...) бара од уметниците верен, историски конкретен приказ на стварноста во нејзиниот револуционерен развој. Преку историски конкретниот и вистинитиот карактер на претставувањето на стварноста, уметникот треба да придонесува за идеолошката трансформација и образование на работниците во духот на социјализмот“.

Овде исто така станува збор за бидување корисен, но по пат на усогласување на формата со основите на револуционерниот потфат. Сè додека Њу дил беше оставен во историјата, сè до денес кога повторно е прогласен за пример, оваа политичка легитимација на уметникот, видена како поттчинување на слободата на авторот на идеолошките норми и цели, беше заборавена, а нејзиното дискредитирање и натаму е на сила. Сепак, може да се прашаме, и покрај исклучителните заслуги на „Њу дил“: колку простор е оставен за „слободата на творецот“, кога тој како вработен мора да биде во служба на нацијата?
Прашањето е сè уште актуелно...Како да се уреди уметникот да биде препознаен како општествено потребен а од него да не се бара, со негова волја или без неа, да придонесува за големината на државата, да го образува населението, да служи за негова кохезија, да учествува во колективната волја – што може да подразбира ограничување на неговите стремежи и напад на најличното?

Новите покровители веруваат дека имаат решение. Движењето кое во 1991 година го иницираше фотографот Франсоа Ерс, го поддржа Фондацијата на Франција, а го охрабри социологот Бруно Латур, тежнее да овозможи раѓање на „уметност на демократијата“. Историчарот на уметност Томас Шлесер во одговор на најавите на претседателот за идните јавни набавки, вели: „Целта повеќе не може да се состои само во поддржувањето на креативната понуда на визуелните уметници, архитекти, композитори или писатели; во демократијата целта мора да биде да се одговори на барањата на граѓаните“ (4). Да речеме „за да се обрне внимание на некое потценето место или активност, да се оживее сеќавањето, да се материјализира припадноста кон одреден идентитет, да се подобри животната околина“, се покренуваат дискусии и преговори со уметникот кој го предлага посредник (визуелните уметници Даниел Бирен или Гзавје Вејан, архитектот Патрик Бушен и други), што претпоставува „добра комуникација и прифаќање на вистинска хоризонталност“.

Така, на барање на деветмина станари од населбата беше родено срцето што пулсира на на столб од осум метри и со црвено светло го осветлува Порт де Клинанкур во Париз – дело на португалската уметница Жоана Васконселос. Во оваа „уметност на демократијата“, „Министерството веќе не е факторот што ја уредува културната политика, туку ние – граѓаните и граѓанките, ние уметниците – заедно ја спроведуваме“. А обврска на државата е да се „обезбеди систем на пренос на приватните иницијативи“. Може да се обложиме дека овој модел промовиран од страна на правна институција има добри изгледи: тој го повикува уметникот да се зафати со теми одредени од доминантната идеологија посветена на „граѓанството“ и на хоризонталноста, која го овластува прекинот на принципот на јавна политика и повикува новите покровители да изберат од каталогот на уметникот, кој е квалитетно потврден од пазарот. Од клиентот до давателот на услуги, уметникот фигурира како декоратер кој ги задоволува локалните барања за социјална грижа. Да, секако...

Во времето на фашизмот, нацизмот, почетокот на големите сталинистички чистки и почетокот на Народниот фронт, во 1935 година во Париз е одржан Меѓународниот конгрес на писателите за одбрана на културата (5). Имало 230 учесници, вклучувајќи и многумина изнаници (Брехт, Ернст Толер, Хајнрих и Клаус Ман, итн). Тие се прашуваат за смислата на нивната работа токму во тој момент. За кого, зошто? За да се експериментира, за да се разјасни? Да се посветиш на личното или политичкото? Одговорот можеби се појавува кај филозофот Ернст Блох: „На светот остануваат уште голем број сништа кои сè уште не се оствариле – за историјата која сè уште не се развила, за природата што не сме ја продале“. Тоа треба да нè наведе да го почувствуваме тоа што ни недостасува и да ја поттикне желбата – ете, тоа е корисно за сите.

Подготвила: Александра Бубевска
Слики: Gustave Courbet

ФУСНОТИ

• Интервју со Serge Lasvignes, „L’art est absolument crucial”, Radio France Internationale, 17 март, 2020.
• Да се спореди: Fransis V. O’Konor, Art for the Millions: Essays From the 1930’s by Artists and Administrators of the WPA Federal Art Project, New York Graphic Society, 1973
• Да се спореди: “Pins and Neediels, une comedie musicale sindycale”, 42 e Rue, France Musique, 2 November, 2014.
• Tomas Shleser, “Si on veut gue le commande soit l’avenir de art, il fautla rendervraiment democratique”, La Monde, 8.06.2020.
Исто така да се спореди: Faire art comme on fait societe. Les Nouveaux Commanditaires, Les Presses du reel, 2013. www. Nouveauxcommanditaires.eu
• Pour la defense de la culture. Les textes du CongresInternational des ecrivains. Paris, Juin 1935, Sandra Teroni, Volfgang Klajn, Editions universitaires de Dijon, 2005

Извор за текстот: Le Monde Diplomatique

 

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Култура / Уметност / Историја
Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото